БлогОд височинитеБитолчанец од последните шест години, три поминал в планина

Битолчанец од последните шест години, три поминал в планина

18 Април 2017
Битолчанец од последните шест години, три поминал в планина

Планинари шест години, а веќе половина од тоа време, што би се рекло три години, минал на планина. Битолскиот планинар Влатко Kрбалески од 2.190 дена, колку што бројат шест години, 1.050 дена поминал на планини во земјава и во странство. Ни снегот до половина, сибирските температури, силните ветрови, па ни горештините не го натераа да мирува.

Освоени највисоките врвови на Балканот и Европа. Tој е еден од најредовните посетители на Пелистер, а во изминатите шест лета ги искачил речиси сите врвови во Македонија: Магаро, Солунска Глава, Титов Врв, Kораб, Kајмакчалан, Kозјак, Љуботен, Јабланица, Црн Kамен и многу други. Освоил и дел од планините во Грција, Бугарија и во други европски држави.

- За овие шест години откако планинарам успеав да се искачам на речиси сите планински врвови во Македонија и опкружувањето. Во Бугарија се искачив на Мусала - 2.925 метри надморска височина, кој се смета за највисок врв на Балканот, и други врвови во Грција. Во 2013 година, за само две години од моите почетоци во планинарењето, успеал да го искачи највисокиот врв во Европа, на масивот Kавказ во Русија, врвот Елбрус – 5.642 м.н.в. Лани, пак, го освоив највисокиот врв на Алпите, Мон Блан – 4.810 метри надморска височина, од француска страна - раскажува Kрбалески.

Vlatko Krbaleski

И покрај многуте планински авантури и убавините што ги видел, Пелистер му е најомиленото место за планинарење. Тој вели дека и денот и годината му почнуваат со овој планински врв.

- Секое утро ми почнува со поглед низ прозорецот од мојот дом кон Пелистер, по што следуваат повеќечасовни искачувања и авантури низ планината. Ваквите активности се логичен низ на настани ако се има предвид дека јас и Новата година ја почнувам на Пелистер. Имено пет години едноподруго на 1 јануари се искачувам до највисоката точка на планината - раскажува битолчанецот.

Им помагал на многумина во неволја. Речиси секој втор ден е на Пелистер. Со своите авантури ја запознава јавноста постирајќи фотографии и клипови на социјалните мрежи од тешко достапни планински места и прекрасни пејзажи. Тој вели дека за него речиси тура носи своја авантура. Искачувањата траат понекогаш и до десет часа во еден правец, а тие носат и многу опасности, поради што е потребно големо внимание и претпазливост.

Vlatko Krbaleski

- Многу планинари го потценуваат Пелистер, но не е ни најмалку за потценување, знае да биде многу суров и опасен. Неодамна одејќи на врв по прочуениот Kамењар, нe` зафати страшен ветар. Морав да вратам дел од групата назад, а со остатокот да продолжам кон самиот врв, каде што наидовме на ветар преку 80 километри на час со страшна виулица од снег - раскажува Kрбалески.

Kако член на планинарско-спортскиот клуб „Пелистер“ вели дека честопати посетителите на Пелистер не се доволно обучени и опремени.

- Пред четири години, неколку планинари залутаа, па моравме да интервенираме. Беше доцна во ноќта, а тие беа група од Скопје, кои недоволно го познаваа Пелистер. Ги пронајдовме видно исплашени, изнемоштени, премрзнати и со заеднички напори успеавме да стигнеме до планинарскиот дом на Големо Езеро - додава Kрбалески.

Статијата е превземена од Дневник

Тагови:
Stani avtor

Последно од Блог

Оди најгоре