БлогОд височинитеХималаите го повикуваат Дејановиќ, на ред е Кангченџунга

Хималаите го повикуваат Дејановиќ, на ред е Кангченџунга

19 Март 2018
Хималаите го повикуваат Дејановиќ, на ред е Кангченџунга

Кангченџунга, третиот највисок врв на Хималаите (8.586 метри), е следната цел на македонскиот планинар и алпинист Здравко Дејановиќ. Во својата хималајска биографија Дејановиќ ги има искачувањата на највисокиот врв на светот, Монт Еверест (8.848 метри, во 2010 година), на вториот по височина и еден од најтешките за искачување, К2 (8.611 м, во 2014-та) и на Анапурна 1 (8.091, во 2015-та), која е со најголем процент на смртни случаи (32 отсто) од сите врвови над 8.000 метри. Во 2013-та Дејановиќ не успеа да го искачи К2 во првиот обид, стигна само до 7.300 метри.

- Зашто токму Кангченџунга? Затоа што сум фасциниран од височините, тие просто ме влечат, ме пленат. По Монт Еверест и К2, некако логично ми е да се обидам да го искачам и третиот највисок врв. Хималаистите што ги имаат искачено сите 14 врва над 8.000 метри се согласни дека во најелитната категорија спаѓаат К2 и Анапурна, а потоа следуваат Кангченџунга и Нанга Парбат (8.126 метри - н.з.). Се решив за Кангченџунга затоа што е трет по височина и е технички потежок од Нанга Парбат, речиси идентичен на К2 и на Анапурна, но, сепак, за нијанса полесен за искачување - објаснува Дејановиќ.

Заминувањето на Дејановиќ за Катманду, Непал е планирано за 1 или 2 април. Потоа ќе следува неколкудневното патување до базниот логор, па периодот на аклиматизација и на подготовки. Ако сѐ биде според планираното, „нападот“ на врвот треба да се случи кон средината на мај, кога временските услови се најповолни.

- Мислам дека сум целосно подготвен за една ваква експедиција. Претходните хималајски искуства ми се многу битни, добро си ги знам можностите, психата, телото, знам колку опрема и колку храна ми се потребни, знам и како најдобро да се организирам. Како и на К2 и на Анапурна, и сега одам сам, без тим, без каква било логистичка поддршка и ќе се качувам без кислород. Таму би требало да им се приклучам на други качувачи со кои заеднички ќе поставуваме јажиња на некои делови, ќе си помагаме бидејќи имаме заеднички интереси - вели Дејановиќ, додавајќи оти цената на оваа тура ќе изнесува околу 20.000 евра од кои поголемиот дел од парите треба да ги обезбеди Федерацијата за планинарски спортови на Македонија (ФПСМ), а преостанатиот дел спонзори и други помагатели.

Неостварена желба и понатаму останува К2 во зимски услови.

- Тоа е „светиот грал“ на хималаизмот, сонот на сите врвни светски качувачи. Зимава имаше обид од една полска експедиција, која заврши неуспешно. Требаше да одам со тој тим лани во јануари и во февруари, но тоа се изјалови. Полјаците годинава решија да пробаат со сопствен тим, без странци, со Русинот Денис Урубко, кој има полски пасош од 2015 година. Мое мислење е дека тие не беа подготвени за еден таков предизвик, во секој поглед, ментално, физички, организациски, имаа премалку врвни качувачи. Некако ми се чини како целта да не им беше да се искачат. Мислам и дека предолго беа таму, не можете да бидете на тие височини осумдесетина дена, премногу е исцрпувачки, физички е неиздржливо. Можеби е во прашање и нивната суета, бидејќи досега имаат пет-шест успешни зимски искачувања, сакаат нивни да биде и „светиот грал“ во хималаизмот, тоа да биде само полски успех. Оваа експедиција е големо искуство за нив, но мислам дека и тие се свесни оти таков подвиг е невозможен без интернационален тим составен од повеќе врвни, искусни качувачи - вели Дејановиќ.

В ПОНЕДЕЛНИК ПРОМОЦИЈА НА КНИГАТА „АНАПУРНА, АГОНИЈА И МОЛИТВА“

Во Младинскиот културен центар (МКЦ) во Скопје, на 26 март ќе се случи промоцијата на книгата „Анапурна, агонија и молитва“ на Здравко Дејановиќ, за неговото искачување на Анапурна 1 (8.091 метар) во 2015 година. Ова е втора книга од ваков вид на Дејановиќ по онаа лани за искачувањето на К2 (8.611 метри) во 2014 година под називот „Како го искачив К2“.

- Промоцијата на „Анапурна, агонија и молитва“ ја планирав за сабота, 24 март, на тригодишнината од искачувањето, тоа ми беше желба, но од некои технички причини моравме да ја поместиме за два дена, за 26 март. Книгата, според концептот е слична на онаа за К2, пред сѐ е информативна, ќе биде на 144 страници со 90 фотографии во боја и отпечатена во 200 примероци. Што се однесува до пишувањето морам да признаам дека не ми беше лесно, ме совладуваа емоциите кога се потсетував на некои трагични настани (при враќањето од врвот загинаа двајца планинари од групата - н.з.), се исцрпував ментално и физички. Имаше таму доста тешки моменти, во период од триесетина часа, неколкупати буквално се соочував со смртта, но, за среќа, успеав да ја избегнам. Книгата им ја посветувам на сите планинари во Македонија и воопшто во светот, и на сите што ги сакаат и ги почитуваат планините - вели Дејановиќ.

По „Анапурна, агонија и молитва“ Дејановиќ планира уште една книга, за првото хималајско искуство, за искачувањето на Монт Еверест.

- Со неа би ја заокружил т.н. хималајска трилогија. Таа ќе биде најкратка од трите книги, на 50-60 страници, со доста фотографии, бидејќи и немаше толку многу интересни случки за опишување и прераскажување, тогаш сѐ одеше без проблеми, бевме суперекипа, а и времето нѐ посака. Таа книга нема да се печати одделно, туку заедно со тие за К2 и за Анапурна, тоа ќе биде како трилогија, и ќе бидат на македонски и на англиски јазик - вели Дејановиќ.

МЕСНЕР НЕ Е ВО ПРАВО, НЕ МОЖЕ СЕКОЈ ДА СЕ КАЧИ НА МОНТЕ ЕВЕРЕСТ

Монт Еверест стана мошне банална планина и денес секој што може да искачи врв од 4.000 метри на Алпите може да го искачи и највисокиот врв на светот, ја пренесоа македонските „планинарски“ медиуми изјавата на Италијанецот со австриски корени, славниот Тиролец Рајнхолд Меснер, првиот човек што ги има искачено сите 14 врва над 8.000 метри во разговорот за „Дојче веле“.

- Меснер го идентификува Монт Еверест со некоја пониска планина, да не речам обично брдо што речиси секој може да го искачи. Со сета почит кон него и неговите успеси, мислам дека воопшто не е во право, не ми е јасна ваквата потценувачка изјава. Секоја чест за планинарите што качувале врвови во минатото, веројатно им било потешко и покомплицирано, но нема логика да се прават какви било споредби тогаш и сега, многу работи се сменети. Како и да е, тврдам дека не може секој да го искачи Еверест, за тоа се потребни многу предуслови, нема шанси да се качи некој недоволно подготвен, ментално и физички, уште помалку да се врати назад без последици - коментира Дејановиќ.

ПО КАНГЧЕНЏУНГА ВЕДНАШ АТАКА И НА ЛОЦЕ

Доколку сѐ биде како што посакувам и се искачам на Кангченџунга, планирам да останам на Хималаите и потоа да се обидам да го искачам врвот Лоце (8.516 метри). Мислам дека тоа е остварливо бидејќи веќе ќе бидам адаптиран на тие височини. Тоа ми е планот, желба, се надевам дека ќе се реализира. Морам да признаам дека ми недостигаа Хималаите, некако станавме сродна душа, но поради немањето пари, ете бев принуден да паузирам две години, вели Здравко Дејановиќ.

Пишува: Ласте Димитриевски

Превземено од Нова Македонија

Stani avtor

Последно од Блог

Facebook

Времето денес

Партнери


Социјални мрежи

Оди најгоре