БлогОд височинитеЉуботен највисок врв на Балканот?

Љуботен највисок врв на Балканот?

05 Февруари 2018
Љуботен највисок врв на Балканот?

Пред 141 годинa, односно 1877 година, Виенскиот војно-географски институт, преку своите карти, го прогласил шарпланинскиот врв Љуботен за највисок врв на Балканскиот полуостров. А дваесет години подоцна, тој исти институт ја исправил својата грешка и така му ја тргнал „славата“ за највисок врв на Балканскиот полуостров. Само таа грешка Виенскиот институт не ја увидел сам, туку познатиот балкански и европски географ Јован Цвијиќ им ја укажал уште како студент. Со таа исправка Љуботен престанал да важи за највисок врв на Балканскиот полуостров, но и понатаму останал да важи за највисок врв на Шара, но пак за кратко време.

Меѓутоа, потребно е да наведеме дека изненадува толку голема грешка на Виенскиот војно-географски институт, при што, четириесет години пред тоа било познато дека Љуботен не бил највисок врв на Шар Планина, а со тоа и на Балканскиот полуостров. Цвијиќ, меѓутоа таа грешка ја открил независно од поранешните резултати, можеби дури и да не знаел за нив.

Па да видиме како одело тоа „растење“ и „смалување“ на Љуботен, како Цвијиќ дошол до заклучок дека одредената височина на Љуботен од страна на Виенскиот институт не може да биде точна.

На картографите сé до крајот на 18 век им недостасувале податоците за нашиот полуостров. Да се патува по Отоманска империја, и да се врши картирање, не им било можно. Таа празнина ја пополнувале со податоци од патописците и од разни известувачи. Така веќе од 16 век античките имиња почнале да ги заменуваат со нови имиња, па во 17 век на картите место Скадрус, античко име на Шар Планина, почнува да се јавува името Љуботен како име на планина, бидејќи по тоа што со својот шилест облик оставал впечаток за највисок врв на Шара. Височините на планините на картите биле многу ретки, па и височината на Љуботен на нив не била означена.

Ljuboten 1

Прв кој ги мерел височините на поединечни планини на Балканскиот полуостров бил францускиот научник и патописец Ами Буе. Тој во своето големо дело „За европска Турција“ (1840), наведува дека Љуботен достигнува височина од 6.400, а Кобилица 7.389 стапки, а помеѓу нив вели тој има врвови и од 7.800 до 8.100 стапки височина. Ако ги претвориме француските стапки во метри, тогаш по Буе, Љуботен има височина од 2.080, а Кобилица 2.401 метри, а врвови помеѓу нив од 2.535 до 2.632 метри.

Тринаесет години подоцна (1853) Хајнрих Киперт во Берлин издава општа карта за европска Турција, на која височината на Љуботен е зголемена за уште 100 стапки, а височината на Кобилица останала иста како и кај Буе, заокружена само на 7.400 стапки. Оние повисоки врвови кои Буе ги споменува, Киперт не ги внел во својата карта.

Меѓутоа, височината на Љуботен на картите и понатаму се зголемувала. Виенскиот геолог Мелхиор Најмајер, вршејќи некои испитувања на Балканскиот полуостров на чело со една геолошка експедиција во 1874-75 год. еднаш се искачил на Љуботен, па му мерел и височина. По неговите мерења, височината на овој наш врв испаднала приближно на неговата вистинска височина, бидејќи изнесувала 1.000 стапки повеќе во однос на Кипертовата карта, што ако ги претвориме во метри, изнесува 2.437 м. Тие години во европска Турција и останатите балкански држави биле испратени одреден број на австриски официри да соберат што поголем број картографски податоци. Тие оттаму донеле 500 астрономски и 400 тригонометриски одредени точки и уште 4.600 барометарски измерени коти.

И по тие нови податоци Виенскиот војно-географски институт 1877 година, на својата нова карта на Средна Европа (во секции), каде бил опфатен и Балканскиот полуостров, покрај додавање на нови податоци, биле извршени и полно исправки од претходните карти, каде што виенската карта важела за најдобра карта на таа област. Тука била исправена и грешката за височината на Љуботен. И по таа височина која изнесувала 3.050 метри, Љуботен бил највисок врв на Балканскиот полуостров, бидејќи височините на сите останати врвови на полуостровот биле означени со помала бројка.

Ljuboten 2

Љуботен така почнал да се смета за највисок врв на Балканскиот полуостров сé додека на него 1890 година не се искачила една група на школувани луѓе. По завршеното научно патување по Босна, Херцеговина, Далмација и Црна Гора, познатито геолог Јован Жујовиќ, преку Белград пошол за Македонија и на оваа долго патување во друштво го повикал и Јован Цвијиќ, кој тогаш тој после завршувањето на „Големото училиште“ во Белград, бил на усовршување на Виенскиот универзитет. Поаѓајќи од Скопје преку Качаник со останатото друштво, тие првиот ден стигнале до некои бачила, а утредента 18. август се искачиле на Љуботен.

Поради полесно искачување веројатно, Цвијиќ својот анероид го оставил во Скопје, а со себе понел џепен холостеричен барометар, кој со него можела да се мери височина само до 600 метри од почетна точка. Поради тоа морал да го избегнува мерењето во секвенции. Искачувајќи се на врвот, Цвијиќ применил и друга метода на мерење, по точката на вриење на водата со Боденовиот хипсотермометар. Водата на Љуботен вриела на 91,3 0C, што одговарало на воздушен притисок од 552 мм, а тоа пак на височина од 2.740 метри.

По враќање во Виена на продолжување на специјализацијата по географија, Цвијиќ напишал статија за искачувањето на Љуботен и резултатите од мерењата на неговата височина ги објавил во Годишникот на Виенското географско друштво за 1891 година. Иако тој во таа статија поради своите непрецизни инструменти не бил потполно сигурен за точноста на своите мерења, сепак изразил сомнение дека Љуботен е висок 3.050 метри, како стоело на споменатите карти на Виенскиот институт, и изразил мислење дека височината му била доста помала.

И не чекајќи да се провери забелешката на Цвијиќ, некои картографи почнале да ги користат неговите резултати, па кај Љуботен на нивните карти место бројка од 3.050 метри, почнала да се јавува бројка од 2.740 метри. Тоа го направил германскиот картограф Дебес во својот атлас, а потоа бројката влегла и во атласот на францускиот картограф Пол Видел де ла Блаш.

И поради тие големи разлики на Виенскиот институт и мерењата на Цвијиќ, Виенскиот институт после неколку години испратил свои луѓе да поторно ја измерат височината на Љуботен. И по тоа ново мерење кое е изршено со анероид и по тригонометриски пат, височината на Љуботен, како и самоиот Институт ја објавил во својот Гласник за 1899 година, била намалена на 2.510 метри.

Иако со новите мерења произлегло дека Љуботен е доста понизок и од мерењата на Цвијиќ. Сепак заслугата на Цвијиќ била што се извршиле пак посигурни мерења на врвот, за да се дошло до нејзината приближно точна височина.

Со намалување на височината на Љуботен од 3.050 на 2.510 метри, Љуботен престанал да важи за највисок врв на Балканскиот полуостров. Со новите повоени мерења се испоставило дека највисокиот врв на Балканскиот полуостров е врвот Мусала на планината Рила во Р. Бугарија, со надморска височина од 2.925 метри.

Со најновите мерења е утврдено дека Љуботен има височина од 2.499 метри, односно за 11 метри е понизок и од новите мерењата на Виенскиот институт, кога му ја скинал славата за највисок врв на Балканскиот полуостров. Инаку, највисок врв на Шар Планина е Титов врв или Турчин кој има надморска височина од 2.748 метри.

Пишува: Филип Ѓошевски – Дипломиран географ

Тагови:
Stani avtor

Последно од Блог

Оди најгоре