БлогОд височинитеПланините ме направија подобар човек

Планините ме направија подобар човек

23 Февруари 2017
Планините ме направија подобар човек

Зошто се качуваш за пак да се спуштиш? Зарем не ти е напорно? Како воопшто ти се оди?И така до бескрај... се дел од прашањата кои ги мачат останатите „обични смртници“.

Но, со туѓите мислења никогаш не се оптеретувам. Она со кое секој пат се враќам од планина ме исполнува во текот на цела недела - стабилност и наплив на енергија покрај адреналинот. Назад во природа е нешто за што секој човек копнее. Особено во ова време кога стресот, пренатрупаноста со обврски, напредокот на технологијата не оддалечуваат еден од друг, а на крајот си стануваме и себеси непрепознатливи. Стануваме робови на рутината, а на дофат ни е бесплатна терапија - мајката природа.

Velebit

Поради тоа „бегам“ во планините бидејќи шумите, карпите и по некое диво животно во целост ме разбираат, ги читаат моите мисли. Сите велат дека одат негде за да побегнат од реалноста. Кај мене тоа е целосно поинаку. Мојата реалност се планините, шумата и природата. Имам чувство дека преку работната недела живеам во некој вид на паралелен универзум, илузија и на крај за викендот си доаѓам на себе. Го пронаоѓам своето право, дали сама или во друштво.

Признавам планините од мене направија подобар човек. Како со пешачење и качување да ги избришале моите мани. Потолерантна сум и смирена. Главата ми е целосно празна додека пешачам, спокојот ја исполнува секоја клетка на моето тело, а сите сетила се изострени.  

Интензивно чувствувам, слушам, гледам, а мирисите само поминуваат. Нешто натприродно! Таму горе, високо, сфаќаш колку си мал и колку малку ти треба да бидеш среќен и задоволен. Понекогаш тоа е голтката вода, пеењето на птиците, погледот на поскокот кој се сонча, видикот кој го одзема здивот, одморот под дебела шумска сенка, качувањето по карпи, уживањето со најмилите, засолништето од орканските бури, изворот на вода помеѓу белите карпи. Да се види како се спојуваат долините и брдата навистина е привилегија.

Velebit

Наназад неколку години често говорев дека сум летен тип, и дека останатите годишни времиња не ги сакам. Но, планините ме променија. Ме научија дека во секое годишно време наоѓам по нешто убаво, нешто вредно за мое внимание. Пролетта ја буди природата, го означува почетокот, на лето шумата ја покажува својата снага во целост, есента е со прекрасната палета на бои кои ја украсуваат природата и припремата за хибернација, а кралицата зима колку што знае да биде сурова и ладна, задивува со својата гола и бела убавина.

Обиколив многу планински врвови, во мојата земја, но и во регионот, некои беа долги, некои кратки, некои навистина чудесни, некои неверојатно напорни. Последните две години покрај планинарење започнав да се занимавам и со качување карпи. Тоа беше само проширување на мојата љубов кон планините само на малку поинаков начин - вертикално. Но, тоа што моето тело го чувствува подоцна не може да го пружи ниедна масажа, велнес и сите чуда на модерниот свет. Болката тогаш е само слабост на телото.

Velebit

Вљубеноста во планините и висините е се поголема. После еден ваков викенд работната недела за мене е само вовед во она што доаѓа. Во понеделник полна со животна енергија не ја тргам насмевката од лицето, а во среда веќе се планира на кое брдо ќе се оди и што ќе се качува...

Сите го сакаме истото - да го пронајдеме својот мир и враќање на корените кои со векови пробавме да ги заборавиме и сотреме. Планинарењето не е натпревар. Никој не ти мери време, од никого нема да бидеш подобар или полош.

Да цитирам еден словенски алпинист, не е битна целта, битен е патот. А оној кој не води низ брдо не прочистува.  

Текст на Ивана Самаржија

Stani avtor

Последно од Блог

Оди најгоре