БлогСоветиПравила за однесување на планина

Правила за однесување на планина

08 Март 2018
Правила за однесување на планина

Меѓу редовните посетители на планината постојат непишани правила на однесување. Тие темелат на хуманизам, почитување, пријателство и алутризам, а се одраз на човековите квалитети на секој поединец.

Секој културен планинар ги познава и ги почитува основните правила на планинарската етика. Етичките норми на однесување во планина можеме во кратки црти да ги резимираме со следниов кодекс:

 

  • Темпото на движење се прилагодува на кондициски најслабиот планинар во групата. Советувајте го и понудете му ја вашата помош.
  • Никогаш не оставајте некој од групата сам во планина.
  • Кога ќе се сретнат во планина, планинарите се поздравуваат меѓусебно: помладите ги поздравуваат постарите, оние кои се качуваат ги поздравуваат оние кои се слегуваат (со тоа симболично им оддаваат признание за искачувањето).
  • При средба со жителите од планинските места бидете исклучително пристојни, имајќи предвид дека нивните правила на однесување се построги од правилата на однесување во градот. Оддолжете им се на пристоен начин за услугите и храната, имајќи ја на ум нивната финансиска состојба.
  • Додека се движите низ планинските патеки, колку што сте во можност отстранувајте ги гранките и камењата кои се на патот и поправајте ги патоказите.
  • Не викајте и не дерете се во планина, не пуштајте гласна музика, пеењето нека биде умерено и ненаметливо.
  • Не палете оган во шумата и не кршете гранки, огништата заградете ги со камења, а пред заминувањето огнот внимателно изгаснете го.
  • Отпадоците не ги расфрлајте, туку соберете ги на едно место и понесете ги со себе.
  • Во случај на несреќа во планина откажете се од своите планови и солидарно пристапете кон акција за спасување.
  • Не ги истакнувајте своите способности, посебно не така што ќе ги предизвикувате другите на натпревар во брзо искачување. Планинарењето не е спорт. Во планината секогаш посилните им помагаат на послабите.
  • На врвовите, откако ќе се потпишете во книгите, внимателно вратете ги на нивното место.
  • Почитувајте ги правилата за заштита на националните паркови и природните богатства, придржувајте се на упатствата од чуварите, не корнете ги и не уништувајте ги растенијата, без разлика на тоа дали се или не се законски заштитени.
  • На местата каде има вода во резервоари наполнете толку вода колку што ви е потребна за пиење, немојте да ја истурате водата и да барате вода за капење.
  • Планинарските засолништа исчистете ги пред заминување, соберете дрва за огрев и оставете им вишок храна на идните посетители.
  • При пристигнување во планинарскиот дом претставете му се на домарот и почитувајте го неговиот авторитет. За време на престојот бидете умерени во барањата, а на заминување поздравете го и известете го во кој правец ќе продолжите да се движите.
  • Во планинарските домови почитувајте го куќниот ред, не влегувајте во просториите за спиење со чевли, не зафаќајте повеќе место од тоа што навистина ви е потребно. Дадете им предност да преноќат на жените, децата и постарите исцрпени луѓе.
  • После 22:00 часот во домовите треба да биде потполн мир и не треба да се ремети одморот на другите.
  • Следете ги упатствата на водичите, без да пречите во остварувањето на заедничките цели на групата.
  • ПОЧИТУВАЈТЕ ЈА ОДЛУКАТА НА ВОДИЧОТ ДУРИ И ТОГАШ КОГА НЕ СЕ СОГЛАСУВАТЕ СО ИСТАТА!!!
Тагови:
Stani avtor

Последно од Блог

Оди најгоре