Беровско езеро

Таинственоста, мирната и тивката пејзажна слика која ги краси Малешевските Планини се дел од недопрената природа сокриена во боровата и листопадна шума каде спокојно мирува Беровското Езеро. Таму, човек просто ја вдишува глетката што питомо се распостила околу него, чудејќи се на сета таа убавина која е рај за очи и душа.

Беровското или Ратевското Езеро е вештачко езеро кое е сместено на 2 километри од гратчето Берово. Долго е 2,5 километри, широко 0,5 километри, зафаќа површина 0,57 километри квадратни. До таму се стигнува по асфалтен пат кој минува низ густа борова шума и знаете точно што ве очекува кога ќе пристигнете во Малешевијата. Најблиското место каде можете да земете здив е ресторанот сместен покрај езерото со бунгалови за сместување на туристи и детско одморалиште. Покрај езерото се наоѓаат куќички достапни за изнајмување, терени за излет, одлични места за рекреација и спорт. Езерото им овозможува на љубителите на риболовот услови за рекреативен риболов бидејќи изобилува со најразновидни риби, меѓу кои: пастрмка, шаран, клен, мрена, караш. Ако сакате да освежите во водите на Беровското Езеро, најпогодно време би ви било во месеците јули и август.

Поради поволната местоположба, во чистата и недопрена природа на надморска висина од 1.000 метри, виреат најразлични шумски бобинки и растенија од кои се приготвуваат лековити чаеви.

Она по што можеби и е најпознат овој предел на Малешевијата е секако најубавото беровско сирење кое мора да пробате со тазе печено лепче чиј вкус е незаменлив. После долгите истражувања и прошетки низ природата и чистиот воздух идеално место за посета се бачилата каде освен беровското сиренце со домашна павлака се приготвуваат и други многу вкусни специјалитети како мешано месо од каче, сланина. Секој кој барем еднаш во животот посакал да го вкуси барем накратко она што немал можност да го види во живо, живеејќи во градски средини и сака вистински да ужива во сета таа убавина и домашна кујна, бачилото е местото каде може да го направи сето тоа.

Општи информации

  • Површина: 0,57 km2
  • Просечна длабочина: 58 метри
  • Максимална должина: 2,5 km
  • Максимална ширина: 350 m
  • Координати: 41°40′08.39″N, 22°54′21.6″Е

Мапа

Оди најгоре