Дебарско езеро

Кога ке се одлучите да одите накај Охрид по мавровскиот пат, скршнете за миг од посакуваната дестинација и дозволете патот да ве одведе на едно поинакво место кое крие посебна магија. По патот за Дебар, ќе бидете заслепени од проѕирното синило на Дебарското езеро, но и по малку ќе се изненадите од мирисот на сулфур. Дебарското езеро кое се вклопува во природниот пејзаж во устието на реките Црни Дрим и Радика, тешко кој би помислил дека е вештачко езеро.

Сместено е во Дебарската котлина, на пет километри од Дебар, Дебарското езеро има најголемо количество на вода во Македонија. Височината на браната на езерото изнесува 102 метри и се наоѓа на надморска висина од 587 метри. Минималната температура на езерото е 3 степени целзиусови, а максималната се искачува и до 23,9 степени. Дебарското езеро е омилено меѓу страсните риболовци, не само од домашните туку и од соседните земји. Оние кои не биле на лов на крап или клен во Дебарско многумина ќе ви речат дека и не сте вистински риболовец.

Во близина на дебарските села Бањиште и Долно Косоврасти се наоѓаат познатите Дебарски бањи „Цапа“ уште попознати како бања Баниште и бања Косоврасти. Водата во центарот е термо-минерална со оптимална температура од 38 степени Целзиусови. Според изминатите истражувања, водата која извира во близина на Дебарските Бањи Цапа, според нејзината лековитост е пласирана на прво место во светот. Бањата Косоврасти има најбогата сулфурна вода во Европа со температура од плус 40 степени Целзиусови. Особено специјален е дебарскиот бањски центар со исклучителната фанготерапија-која користи кал од самиот термоминерален извор, а која потоа се обработува во специјална машина. Калта се користи како антицелулитно дејство, но и за лекување на разни видови болести. Покрај бањското лекување, бањскиот комплекс нуди можност за рехабилитација и релаксација.

Општи информации

  • Површина: 13,2 km2
  • Изградено: 1969 година
  • Максимална длабочина: 92 m
  • Координати: 41°30′02″N, 20°31′10″Е

Мапа

Оди најгоре