Матка

Во светот на високите карпи, чудесните пештери, лековитите води и растенија за кои се верува дека им помагаат на глувонемите, онаму каде што се слушаат ретки звуци од трепетот на ендемските видови пеперутки, се сокрива таинсвената Матка. На помалку од 20 км од главниот град, по долината на реката Треска дише еден поинаков амбиент преточен во вистинска убавина која привлекува милион посетители.

Кањонот Матка со својата површина од 5.000 хектари се наоѓа 17 километри југозападно од Скопје, помеѓу планинскиот масив на Караџица и висорамнината Сува Гора. Денес на овие простори можат да се забележат голем број ендемски животни и растенија. Во кањонот се регистрирани 119 видови дневни и 140 ноќни пеперутки.

Посебно внимание заслужуваат карстините форми- десетте пештери со должина од 20 до 176 метри и двете пропасти со длабочина до 35 метри. Пештерите се поделени на млади, зрели и стари. Оние во фазата на младост, односно во процесот на созревањето се сеуште активни и создаваат пештерски украси. Пештерите во фаза на зрелост се суви, но со видливи украси, а додека пак, старите се во процес на распаѓање. Најпознатите три пештери Врело, Крштена и Убава се во младост што значи дека се во еден период на созревање, исполнети со преубави украси.

Убавините кои себично се чувани во пределите на Матка, ги оставаат безброј планинари и аплпинисти без здив, токму поради неисцрпните можности што ги нуди природата. Омиленото собиралиште, од каде што обично се започнуваат аплпинистичките подвизи е местото кај манастирот св. Андреј. Аплпинистичките насоки се релативно кратки и брзо се искачуваат, но претставуваат сериозен чекор дури и за поискусните планинари. Оние кои ќе се одлучат да ја посетат оваа убавина која го одзема здивот, еден ден нема да биде доволен за да се нахранат со сета магија создадена во срцето на Матка. Особено ако се решите да дојдете со автомобил за време на викендите, ќе се најдете заглавени во неверојатниот метеж како за паркирање така и за движење на возилото. Затоа, тргнете малку порано сабајле, за да можете вистински да ја почувствувате сета благодет на мистичната Матка.

Матка изобилува и со голем број на цркви и манастири кои се секогаш отворени за посетителите. На брегот на езерото се наоѓа црквата св. Андреј и манастирот св. Богородица. Меѓу зачуваните сакрални споменици се и манастирот Свети Никола Шишевски и црквата св. Спас. Од некогашната црква св. Недела денес се останати само рушевини.

Општи информации

  • Површина: 0,25 km2
  • Изградено: 1938 година
  • Максимална должина: 7 km
  • Максимална ширина: 120 m
  • Координати: 41°57′08″N, 21°17′56″E

Мапа

Оди најгоре