Велешко езеро

Од каде и да тргнете, без разлика каде сте решиле да одите, освен што најбрзо ќе пристигнете, Велешкото езеро е одлично прибежиште за летните жешки денови. На само неколку километри од градот Велес, како отсекогаш да било тука, е најмалото вештачко езеро.

Вештачкото езеро „Младост“, уште попознато како Велешко езеро сместено е северно од градот Велес на оддалеченост само 8 км, а од автопатот Скопје-Велес-Гевгелија на половина километар. Водата од езерото се употребува за наводнување на 1.350 хектарска земјоделска површина, но и за туризам, рекреација и спортски риболов. До езерото се стигнува по асфалтиран локален пат.

Убавата страна на езерото е што сеуште постојат тајни места каде можете да побегнете од се и вистински да уживате во убавините кои се кријат токму во неговите прегратки. Тишината ќе ве смири и релаксира, што за момент ќе сакате да се штипнете за да се уверите дека не сонувате. Страсните рибари пак, точно можат да ги препознаат местата каде што рибата „гризе“ и каде можат да бидат далеку од погледите на луѓето.

За оние пак кои се љубители на поинакво уживање, односно сакаат комодитет, околу езерото се наоѓаат неколку хотели кои ви се на располагање. Еден од хотелите кои ќе ви ги задоволи желбите и потребите е хотелот „Романтик“. Со базен, мал забавен парк за најмладите, плажа и тераса со поглед кон езерото, овој хотел ви нуди одлична можност за забава и релаксација. Љубителите на добрата храна само треба да го прашаат келнерот што е специјалитет на денот и веднаш ќе бидете маѓепсани од неверојатниот вкус на одлично приготвената храна. Велат со секое вкусно јадење во прилог оди и добро вино, па така винската карта ги задоволува потребите на најпребирливите љубители на вино.

Општи информации

  • Максимална длабочина: 25 метри
  • Максимална должина: 1,5 km
  • Максимална ширина: 500 m
  • Координати: 41°46′25″N, 21°45′38″Е

Мапа

Оди најгоре