Александар Кирковски го подобри својот рекорд за искачување и симнување на Титов Врв преку Вакуфската патека. Тој денеска ја истрча патеката од скоро 21 км (должина на полумаратон) за само 2 часа 12 минути и 3 секунди. Тое е подобрување за повеќе од 7 минути. Претходно ни најави дека за брзо ќе се обиде да истрча испод 2 часа и 15 минути, подвиг кој претходниот пат поради лошата патека му беше оневозможен.

Податоците од гарминот ни покажуваат дека Александар успеал да го искачи врвот за 1 час 21 минута и 36 секунди, а тоа е вкупно изминато време, не само време на движење. Вкупно висинско искачување од хотел П. Шапка до Титов Врв е 1167м Д+, а Александар истото го истрча со просечно темпо од 6 минути и 18 секунди по километар, што самото за себе е време тешко да се постигне дури и на права патека.

Сепак, како тоа да не беше доволно, Александар и неговиот партнер за трчање Игор, после Титов Врв продолжиле накај Љуботен, и го искачиле и него, но со поспоро (ако може така да се каже) темпо за разладување на мускулите… Искачувањето и слегувањето од Љуботен било за 3 часа и 24 минути.

Ако ве интересираат, податоците од гарминот за искачувањето на Љуботен можете да ги најдете тука.

На Александар и Игор им посакуваме пријатно одмарање на нозете, и да не застануваат тука бидејќи сите сме желни да дознаеме што се можат да постигнат.

Превземено од Nature's Report