Во текот на изминатата година, беа забележани некои извонредни достигнувања во планинарењето и алпинизмот, што уште еднаш ни докажа дека границите се условен концепт за човекот.

Од Американецот Алекс Хонолд, еден од најинспиративните слободни качувачи кој повторно се искачи на 900 метарскиот Ел Капитан до Непалецот Нирмал Пурја, кој постави историски рекорд , искачувајќи се на сите 14 осумилјадарки на планетата за помалку од седум месеци. Триумфите во екстремните искачувања во 2019 година дефинитивно ќе влезат во историјата на планинарењето, надминувајќи ги досегашните претпоставки за можностите на човечкото тело, психа и ум.

Ви претставуваме неколку најголеми достигнувања за изминатата година, кои предизвикуваат восхит не само за љубителите на планинарењето.

Нирмал Пурја постави светски рекорд за најбрзо искачување на 14-те највисоки врвови во светот

Nirmal Purja

Како дел од неговиот амбициозен проект „Project Possible“, Нирмал Пурја постави историски рекорд, искачувајќи се на 14-те највисоки врвови во светот за феноменални шест месеци и десет дена. И покрај тоа што идејата за искачување на сите врвови во само една сезона за искачување се дискутираше порано меѓу професионалните алпинисти, Пурја е првиот што го реализираше тоа. Непалецот успеа да ја комплетира круната на Хималаите за толку кратко време, што не му успеало на ниеден алпинист во историјата, подобрувајќи го рекордот поставен од јужнокорејскиот алпинист Ким Чан-хо. Во 2013 година тој стана познат како најбрз алпинист кој ја завршил оваа мисија за 7 години, 10 месеци и 6 дена.

Томи Кoлдвил и Алекс Хонолд започнаа нова насока за слободно качување на Ел Капитан

Alex Honnold

Во ноември 2019 година, качувачите Алекс Хонолд и Томи Колдвил ги здружија силите за да отворат нова насока за слободно качување на Ел Капитан, најпознатата карпа во Јосемити Националниот парк во САД. Насоката продолжува од т.н. „Passage to Freedom“, искачена пред 18 години од британската качувачка легенда Лео Холдинг. Тандемот ја заврши насоката, додавајќи друга страница во историјата на Ел Капитан, во која качувачите веќе ги забележаа своите имиња. Во 2017 година, Алекс Хонолд направи слободно соло качување на насоката „Freerider“, со што стана првиот човек кој се искачи на Ел Капитан без јаже. И во следната 2018 година, Хонолд и Колдвил поставија брзински рекорд на уште една легендарна насока на истата локација, Носот, за помалку од два часа.

Адријан Балингер и Карла Перез се искачија на К2 и Еверест без дополнителен кислород

Алпинистот Адријан Балингер стана четвртиот Американец кој се искачил и на К2 и на Еверест без дополнителен кислород. На крајот од јули 2019 година, Балингер успешно стигна до К2, завршувајќи ја својата мисија заедно со еквадорката Карла Перез, професионален алпинист, која стана првата жена од Латинска Америка која го направи истиот подвиг. И покрај острата сезона на К2, со многу снежни врнежи од вообичаеното, Балингер и неговиот тим успешно го направија искачувањето.

Дани Арнолд постави брзински рекорд на Чима Гранде (без јаже)

Во септември, Швајцарецот Дани Арнолд постави брзински рекорд искачувајќи се без јаже на врвот Чима Гранде на Доломитите. Тој ја помина 550-метарската северна стена по насоката на Комичи-Димај за 46 минути и 30 секунди. Со ова, Швајцарецот стана рекордер во слободно соло-брзинско искачување на Чима Гранде (2019), Гранд Жорас во Франција (2018), Матерхорн во Италија (2015) и Пиц Бадиле во Швајцарија (2016).

Бред Гобрајт и Алекс Хонолд направија второ слободно искачување на насоката Ел Нино на Ел Капитан

Алекс Хонолд и Бред Гобрајт го направија второто потполно слободно искачување на познатата насока на Ел Капитан, Ел Нино (Јосемити Национален парк, Калифорнија). Тандемот започнал со искачување во 16:00 часот на 10 јуни, и после 14 часа и 30 минути ја завршиле насоката. За жал, во ноември, Бред Гобрајт, еден од најдобрите слободни соло качувачи во светот, загина во фатален инцидент во Ел Потроро, Мексико.

Џим Рејнолдс со слободно соло-брзинско искачување на Фиц Рој

Jim Raynolds

Американецот Џим Рејнолдс е првиот човек кој направи слободно соло искачување на Фиц Рој во Патагонија (3405м), а потоа успешно се спушти во ист стил. Тој не е првиот кој се искачи на врвот без јаже, но е првиот кој се спуштил без осигурување. На Џим за овој епски подвиг по насоката Афанасиев (околу 1500 метри) му требале околу 16 часа.

Ками Рита Шерпа постави рекорд за најмногу искачувања на Еверест

Kami Rita Sherpa

Во мај 2019 година, Ками Рита Шерпа се искачи на Еверест по 24-ти пат - со што ова искачување претставува рекорд за најмногу искачувања на еден осумилјадарник од едно лице, при што претходниот носител на рекордот беше повторно тој. Ками Рита за прв пат се искачи на Еверест во 1994 година. Оттогаш, тој го искачуваше Еверест скоро секоја година, со вкупно 34 искачувања на осумилјадарници. Тука се вклучени К2, Лотце, Манаслу и Чо Ојо.