Оваа сезона продолжува со импресивните достигнувања од Еверест. Откако шпанскиот ултратркач Килиан Жорнет го искачи двапати во рок од една недела за ултра брзо време, без употреба на кислород, сега доаѓа веста од индијската алпинистка Аншу Џамсенпа, која стана првата жена која успеала да го искачи највисокиот врв на планетата двапати во рок од пет дена.

Претходниот рекорд го држи Чурим Шерпа која се искачила на врвот двапати во рок од седум дена.

38-годишната Аншу е мајка на две деца. Таа првото искачување го направи на 16 мај по југоисточната рута, а само пет дена подоцна, на 21 мај, го повтори постигнувањето. Сепак не и е прв пат оваа алпинистка да го искачи Еверест - во 2011 година таа го искачила двапати, само дека во рок од десет дена. Покрај тоа, Аншу е и единствената индијка која била на врвот цели пет пати.

Следна цел на Аншу е искачување на Кангто, 7042 метри, највисокиот врв во индиската држава Аруначал Прадеш, којшто не е искачен досега.