Иако два дена после марш на кој учествувале 800 души на влажен терен патеките сеуште се сериозно оштетени и калливи, сепак денес Александар Кирковски постигна личен, а можеби и целокупен рекорд за брзинско искачување (трчање) на највисокиот врв на Шар Планина – Титов Врв.

Неговото време од 2 часа 19 минути и 7 секунди за качување и слегување на врвот е фасцинантно, земено предвид дека просечно искачување на самиот врв по Вакуфска патека (која и тој ја трчаше) е околу 3 часа и 30 минути.

Податоците од гарминот ни кажуваат во детали како се одвивал неговиот пат. Успонот траел 1 час и 27 минути, а спустот 52 минути. Висинската разлика која ја совладал 1167м Д+, со просечно темпо од 6:37 минути по километар. Вкупна должина на целата патека е 21 км.

Сепак, Александар не застанува тука туку најавува дека наскоро ќе се обиде да го искачи Титов Врв по истата патека, но овој пат во подобри услови и се надева на време помало од 2 часа и 15 минути.

На Александар му посакуваме да успее да ја скрши и границата од 2 часа, а набрзо да не израдува и со некој поголем успех, на повисок врв.

Линк до оригиналниот фб статус.

Превземено од Nature's Report