Експедицијата на познатиот руски патник и авантурист Фјодор Коњухов во четвртокот постави нов светски рекорд.

Нивниот лет со балон траел 55 часа и 9 минути, се наведува на официјалниот сајт на експедицијата.

Коњухов заедно со стручњакот за спортска аеронаутика Иван Мењајл патуваа во најголемиот балон, кој е направен во Русија, со намера да постави нов светски рекорд во непрекинат лет со балон.

Експедицијата започна со патување во вторникот (7.02.2017) околу 10 часот наутро од аеродромот во Јужен Рибинск. Задачата беше да се остане во воздух подолго од 51 час, пишува Спутник.

Во 12:12 часот по московско време, патниците јавиле дека светскиот рекорд е срушен, бидејќи летале со балонот 51 час и 9 минути. Меѓутоа, експедицијата не застана тука.

„Поставен е нов светски рекорд: 55 часа и 9 минути. Претходниот поставен рекорд е срушен за 4 часа и 32 минути. Далечината на патувањето е 1029 километри“, се наведува во официјалната изјава на сајтот на експедицијата.

Претходниот светски рекорд во непрекинат лет со балон го поставиле јапонските пилоти Мичио Канда и Хиразуки Такезава на 1 февруари 1997 година. Посадата летала од Канада, а слетала во САД.