Денес официјално се затвори овогодинешното издание на Red Fox Elbrus Race 2017 кое започна на 1ви мај, каде секојдневно се одвиваа планински трки во разни дисциплини. Ски планинарење, планинско трчање - Вертикал километар (квалификациона трка), трка со дрезги и главната трка SkyMarathon - брзинско трчање до Западен Елбрус (5642 мнв).

Главната трка се одржа вчера почнувајќи во 6:30 часот по руско време, која започнува од местото Азау на 2350 метри надморска височина, преку 14 километарската патека до Западен Елбрус 5642 метри. Прв на целта пристигна Карл Еглоф од Еквадор, кој ја истрча патеката за 3 часа и 24 минути, што претставува нов светски рекорд на оваа трка. Вкупното време на искачување и симнување на првопласираниот е 4 часа и 20 минути.

Шингис Бајкашев од Казакстан беше втор, а Јуџин Марков од Русија трет на оваа трка.

Elbrus Race

Нашите претставници се покажаа во одлично светло. Александар Кирковски ја претрча патеката за 5 часа и 35 минути, што е македонски брзински рекорд на овој врв, додека Марјан Бонев 10тина минути после него за 5 часа и 45 минути. Дејан Тодевски беше дисквалификуван од трката, поради мало доцнење од неколку секунди на последната контролна точка, временски лимит за кој треба да се стигне до таа точка. Кирил Филиповски поради смрзнатини од претходните денови при аклиматизација ја откажа трката и е вратен во Македонија.

Секоја чест на нашите учесници, дадоа максимален напор при тренинзите и посветеноста за оваа трка, што заслужено беа дел од овој настан и воопшто на планината Елбрус. Честитки!