Ако Италијанците ја имаат “Giro d’Italia”, a Французите ја тераат “Tour de France”, ние, Македонците треба да ја имаме “Tour-ни ја Македонија”. И тоа да се изведе низ целава држава. Од Исток до Запад, од Север до Југ.

Обожавам Туринг (повеќедневни тури). Пред неколку години почнав да планирам некои од нив. Некои и извозев. Некои стојат како план во фиока сеуште. Но тука се. Спремни. И фасцинантни. Централна и Западна Македонија ми се доста добро познати краишта. Ги имам повеќепати поминувано пеш, планинарејќи и ливадарејќи, или пак преку одделни мали кратки тури, на велосипед. Убајна до убајна. Неописливи македонски краишта. Турава за која пишувам подолу е една таква авантура. Кружница која опфаќа неколку централни и западни подрачја. Шарена. Долга. Предизвикувачка. Ја возиме на Велигден. Нека се вика #Велигденска.

Vozaci

Лани ја извозевме за прв пат. Тура долга околу 500км. Со Перо Вељановски и Влатко Черепналковски. Како за проба. Скопје - Велес - Прилеп - Битола - Охрид - Дебар - Маврово - Гостивар - Тетово - Скопје.

Годинава требаше да ја вртиме четворица. Игор откажа во последен момент. Останавме Јас, Горан и Гоце од Битола, кој ни се придружи во Велес. Стравував само од времето, т.е од невреме. Априлот е со променлив карактер. Како во ПМС. Редовно проверував временска прогноза на повеќе сајтови. На три дена до стартот бев сигурен дека ќе возиме. Имаше најави за дожд, ама цело време му бегавме. Идеално. Да возиш велосипед на 20тина степени е идеално. Ниту пече, ниту е студено. Подобро не може.

13.04.2017

Ден 1 - Скопје – Извор (Велешко)

Veles

Со Горан се чекаме во 14 часот. Бисагите полни. Со се и сешто. На се сме подготвени. Плинското и ѓезвето најгоре. Спремни за кафе на првата поголема пауза. Шаторот и вреќата на багажникот. Предната торбичка виси на воланот, со дрангулиите и најитните ситници. Тргнуваме. Возиме, чиниш светот цел ќе го обиколуваме. Македонија е нашиот цел свет наредниве неколку денови. На Катланово правиме шорт брејк. Естетска пауза за фоткање. Тераме преку Велешко брдо, стариот пат за Велес. Сонцето не прати цело време, ги ткае зраците по синиот гоблен над нас. Летаме накај Велешко езеро. Гумите се галат со мазниот асфалт. На Велешко езеро следи втора рунда фоткање кај браната. Па уште една кај бродот. Одиме кон Велес. Правиме ручек пауза на железничка кај „Чакар“. Традиционално. Хамбургерине мераци. За 50евче. Гоце ме известува дека пристигнал и не чека во Извор. Таму е и Тоше кај кого ќе преноќиме. Со Горан возиме накај Извор. Поминуваме Превалец и Долно Оризари. Па чаталот кај Чашка. Почнува да стемнува. На Горан му издишува задна гума. Вадиме се од точакот. Прво ранецот, па бисагите. Менуваме на брзинка. Веќе е темно. Само штурци и сенки околу нас. Во Извор пристигаме прилично касно, кај 8 часот. Тошка не собира и не носи кај него. Човек со срце големо колку трпезата полна домашни гурманлуци. Од стара домашна ракија до најтазе молзено козјо млеко. Најголема благодарност за Тоше и неговата сопруга.

Ден 2 - Извор – Крклино (Битолско)

Bitola

Стануваме. Плинското спремно да ни го скрчка кафето. Му велам на Тошка – првото утринско кафе ти е денеска од нас. Купуваме некое алвиче за по пат во продавничката во Извор и тргаме накај Јасеново. Денот како нацртан на платно. Сонце блешти на сите страни. Ветренце ни ги гали душичките. Почнуваме да ја качуваме Бабуна планина кон Јасенова Глава. Идеален шумски превој. Патот како измислен за оф-роуд. Во пролетта што се буди. Песок, земја, камчиња. Идила за сите чаламџии кои викаат дека права вожња не е асфалт. Млади зелени листови насекаде околу нас ги накитиле дрвјата. Мириса на свежина. Тераме нагоре. Уживаме у вожњата. Лабаво. Без брзање. На пола пат добивам повик од Бети Пауновска од втора програма на Македонско Радио. Вклучување во живо. Одвај ја слушам. Стојам во место и гледам да не изгубам мрежа. А мрежата ко пајажинa. Со еден потег да се прекине. Во следниот момент сигналот го нема. На пола разговор. Втор повик не може да се воспостави. Одиме повторно нагоре. Се одделувам некои 100тина метри пред Горан и Гоце. Го слушам Горан како вика – Војо, стигна ли бе до чешмата? Сонцето пече. Не пржи. Убрзувам нагоре, стигам до чешмата, полнам вода и летам надоле да им однесам на двајцава. Горан ме гледа чудно, вика – „абе имам вода, дај пауза да праиме“. Гоце вади кикирики. Јас ореви. По 20тина минути тераме кон превојот над прилепска страна. Дрвокрадци го возат патов со стари лади без врати. Полни дрва. Летаат по патов што и џип тешко го минува. Ни се отвора патот кон Прилепско Езеро. Видик вреден милион долари за сите кои не веруваат во вредноста на парата. Џапаме по една велешка таан-алва. Шеќер да ни се стори. За полесна вожња. Следи фото-сесија на Прилепско езеро. Мотивациони фотки за нашите ФБ-другарчиња. Лиги да им праиме.

Prilep

Од тука право во Прилеп во „Стара Чаршија” на скара. Традиционално. Да се омрсиме. Нема боља скара во Македонија од прилепската. НЕМА. Во која било гостилница. На Гоце му паѓа тешко од ПРЕјадувањето. Вика – „дечки, тргаме во 17 часот“. Мора да ми спадне јадењето. Молиме луѓе да не фоткаат. Си праиме ќејфови. Тргаме од прилепскиот плоштад во 5. Доцна е. Одиме право за Крклино. По патот Гоце приметува дека гумата му е дупната. За прв пат после цели 3 години. Малер. Не ја издржала борбата со камењата на спустот кон Прилепското Езеро. Ја менуваме на бензинската во Тополчани. Правам фотки од неодлучното небо над Битола. Десно сонце, лево црни облаци се свиле. Летаме накај Крклино. Таму најсрдечно не чекаат родителите на Гоце. Со мусака. И туш. И уживање во битолска селска идила. Најголема благодарност за родителите на Гоце.

Ден 3 - Битола – Охрид

Ohrid

Стануваме во 7 и пол. Женките Јуху и Бубу не поздравуваат во дворот на селската куќа на баба му на Гоце. Тој го приготвил доручекот. Тостови со кашкавал, маслинки и нане. Гоце е репер за добри експериментирања со храна. И кафе натурлих. Џапаме на брзина и тргаме. Во Битола застануваме на 20 минути. По патот накај Ресен не следат сонце и облаци. И измешани чувства да не ни заврне. Десно ливади и ридови. Лево битолскиот убавец, Пелистер. Над Пелистер сонце. На него снег. Како растопен сладолед од ванила под сончевите зраци. Проаѓаме покрај Ротино, па Цапари, па Кажани. На спустот под Ѓавато облекуваме шушкавци. Тука нема стоп. Леташ надоле. Патот е направен. Нов. Скијаш со гумите со 60 км на час по црниот тепих. Стигаме во Ресен. Секогаш и се восхитувам на архитектурата на старата ресенска куќа. Седнуваме во „Стар Сокак”. И тука традиционално. Келнерите веќе не познаваат. Кафе, пиво, Кока-Кола. Гоце доаѓа после 20тина минути. Нашол ластовица на патот. Зашеметена. Ја собрал во кутија од чоко-бисквити и ја ставил на точакот. На летот по спустот надоле кон Ресен летнала и ластовицата. Летнавме и ние набрзо. Накај Долно Крушје. Од тука накај Буково. Од таму за Охрид. Сакаме побрзо да стигнеме. Да си го фатиме денот. И Велигденот. Во Охрид не чека пола Скопје. И неколку Охриѓани. Се сместуваме кај Ангела и Александар Јанкуловски. Пријатели што љубет Скопјани. И кај нив традиционално. Горан и Гоце одат на дружба во Пештани, а јас одам на кафе-средба со Љупчо Поп-Стефанија. Еден од моите идоли во македонското планинарство. Мил човек. Топла личност. Од постарите секогаш се учи нешто. И се слушаат убави приказни. Вечерта пред излегвење правиме план за утрешниот ден. За недела и понеделник. Најавени се дождови. Порои. Размислуваме дури и да ја прекинеме турата. Одлуката ќе ја донесеме рано изутрина. Вечерта ојме во Богородица Перивлепта. На служба. И дружба. Со јајца. Со Менче и Бубе. И едно чудо Скопјани. Па во ресторан Тино на мезење. Скопска шема среде Охрид. Најголема Благодарност до семејството Јанкуловски, Менче, Елена, Бубе, чичко Љупчо, Јован...

Ден 4 - Охрид – Маврово – Галичник

Debar

Станувам пред 8. Горан и Гоце веќе будни. Се договараат што да се прави. Во најава дождови. Но со прекини. Во главите збунка. Мене прво кафе ми се пие. За концентрација. Гоце одлучува да се одвои и да вози преку Кичево и Демир Хисар накај Битола. Тргнува во 9 и пол. Со Горан се гледаме. Јас сум неодлучен. Ја имаме сета потребна опрема за дожд. Маврово е на околу 120 км од Охрид. И над 2000 метри качување. Тука треба да не собере другарот Влатко Черепналковски со кола за до Галичник. Кај него преноќуваме задна вечер. Сакаме да возиме. Горан по прв пат ќе го поминува патов. Мене ми е малце попознат. Одлуката падна. Тргнуваме во 10 и пол. Возиме накај Струга. Езерото ни мафта за чао од наша лева страна. Преоѓаме преку Враниште и Велешта. Пред Тамаруништа ни се отвора видикот од соништата. Црни Дрим ја полни Глобочица, а таа опколена со планини, вгнездена во средина, чека да ја испиеме со погледи. Немаме многу време. Возиме покрај Глобочица накај Луково и Модрич. Идиличен крај. Нашата Македонска Швајцарија. Благ спуст. Постојано бегаме од темните облаци. Буквално. Пред качувањето накај Џепиште започнува да врне. На брзинка облекуваме шушкавци. Ги заштитуваме бисагите. Дождот си игра со нас. Прекинува за неполни 5 минути. Од Џепиште спуштаме на Дебарско езеро. Идила до идила. Рај за очи и душа. Му праќам СМС на Гоце дека згреши што не продолжи со нас. На Дебарско застануваме. Седнуваме во Ресторан „Чами” со најубавата градина и најубавиот поглед што се замислува. И тука „традиционално”. Шарска, шопска, пиво, кафе.

Mavrovo

Видикот накај Бистра ме загрижува. Црни облаци и сенки над неа се свиле. Баш од каде што треба да врвиме. Се мислам да фатиме преку Тресонче, па кон Галичник. Да скратиме некој километар. По тешката тресоченска угорница. Се откажуваме од идејата. Тераме даље накај Маврово. Шизици на големи ризици. Црни Дрим и Глобочица ги заменува царицата на Бистра – Радика. Неопислив призор на најубаво синило што се бори со камењата. По Бошков мост не удира во глава мирисот на јајца од страната на Косоврасти. Веднаш потоа и видикот пред нас пред влез во Национален Парк Маврово. Боксови во лице од убавините на природата. Воздишките и воодушеноста ни ја зема само црното небо. Возиме даље. Поминуваме покрај Скудриње, Ростуша, Жировница. Започнува да врне. Многу. Град помешан со дожд. Убавицата Радика изгледа како мета на куршумите на природата среде Бистра. Застануваме да се засолниме. Со кабаници и сите безбедни салтанати. Не е страшно. Дури и го уживаме пролетниов дожд. И видикот. И стравот. Стравот ми бил само во главата. Кога се оствари, гледам дека бил безопасен. Прекина за 5 неполни минути. За наша среќа сепак. Продолжуваме накај Трница и ги качуваме последните угорнини кон Маврово. Крајот е блиску. Мириса на мавровски бурек во „Два Сокола”. И пролет на Бистра натурлих. Со Горан му се радуваме на вечерниот бурек. Веќе е 18 и пол часот. Седнуваме во „Два Сокола”. Традиционално. Фоткаме и правиме еуфорија на сопствените емоции. Му јавувам на Влатко да дојде да не собере. Влатко доаѓа експресно. Велосипедите ги оставаме во подрумот на „Два Сокола”. Да не чекаат до утре. А во мислите ни е само утре... Во најава повторно дождови. Ама ќе видиме утре... Во Галичник нема многу време за разгледување. Веќе е ноќ. Се гледаат само трагите од останатиот снег. И поглед на 2 метра од тебе. Од маглата што не стаса во меѓувреме... Најголема Благодарност за Влатко Черепналковски и неговите пријатели во Галичник...

Ден 5 - Галичник – Маврово – Скопје

Tetovo

Влатко не буди порано од планираното. Во 7. Вика – „станувајте, има најави за снег, може да ни го затрупа патот“. Влегуваме во возило со пријателите на Влатко. Маглата не обвила од сите страни. Не се гледа прст пред око. Снег на патот 5 сантиметри. Дрвјата и се наоколу бело. Возиме полека. Колата одвај се движи. Со летни гуми. Морам да излезам надвор и да му покажувам на возачот каде да вози. Не се гледа ништо. Газам во снегот. Трчам пред Цитроенот. Успеваме да излеземе некако. Чорапите жива вода од снегот. На браната кај Маврово се менува и годишното време. Од зима влетуваме во доцна есен. Со темни облаци. Спремни да се истурат врз нас. Студи. Ги вадиме точаците. Облекуваме се најтопло на нас. Нарачуваме два четврта со месо и кисело млеко. Перо Вељановски е на стенд бај да не собере со кола доколку го побараме. Не чека силна удолница до Гостивар. И мокар пат. Лизгав. Горан вика – „брат, ма ќе ја спуштиме Стража, па последно нека е“. И така и бидна. Одиме до Гостивар, па ако треба бараме помош. Спустот го возиме највнимателно. Со рацете постојано на кочници. Не одминуваат коли за надолу. И товарни возила. Чувството не е најпријатно. Речиси еден саат спуштаме. Го одминуваме Вруток. Небото е сеуште тмурно. Застануваме на влез во Гостивар. Се договараме да тераме понатаму. Па што биде нека биде. Ќе си ја довршиме турата. Нема откажување на последните 70тина километри. Го наоѓаме брзо патот за Чајле и Форино. Алтернативен пат за Гостивар - Тетово. Од тука е пушка право. Времето започнува да бива на наша страна. Се разведрува скроз. Синиот гоблен со сончевите нишки повторно се навезува пред нашите погледи. Пред Волковија застануваме да направиме фотографии. Горан носи огромен камен за да го поставам точакот. Сликам панорама. Лево од нас Шара се раширила со снежните врвови и падини. Десно прекрасно жолто ливаѓе. Пролетен колаж. Додатен мотивациски материјал за уживање и возење напред. Стигаме во Тетово. Повторно се наоблачува. Бараме кафанче за ручек. Малиот 7 годишен Даниел, на велосипед не упатува и не пропратува во „Кај Христијан”. Газдата се фали дека никој не му е рамен за скара во градот. Ручаме обилно. Ребро, увијач, плескавица, лути пиперчиња со лук и магдонос, шопска, помфрит, кока-кола, пиво, кафе. Храната „глава боли”. Крајот е на 2 саата од нас. Планираме за крај да се качиме на Крстовар на Водно. За Големо Финале на турата. Возиме накај Желино и Групчин. Времето не ветува ништо убаво. Цело време спремно да не наврне. Пред Арнакија и Сарај повторно промена. Се појавува сонце. Пред влез во Скопје. Како трубачи пред свадба. Се фоткаме на мостот кај Сарај и возиме кон завршната цел. Планот е преку Нерези до Средно Водно. Крстовар да го оставиме за некој нареден пат. Уморот не стигна. Од Пантелејмон се спуштивме до Видиковецот пред Средно. Конечно крај. Последната фотка ја направивме токму врз главниот град. Велосипедите над градот. За крај на едно преубаво 5 дневно патешествие полно шаренило, уживање и љубов.

Vodno

За крај би сакал да им се заблагодарам на сите оние кои не потпомогнаа на турава, на било каков начин, а кои не беа спомнати погоре, но највеќе на моите двајца „луди” совозачи и пријатели Горан и Гоце, кои се нафатија да ја извозат оваа тура со мене. Вам сум ви Најблагодарен од сите, што се потегнавте на оваа преубава и незаборавна авантура.

Војислав Гушевски