Кога викендот го резервираш за омилениот град, па тоа уште и вклучува прошетка до околните села-планини, знаеш дека нема шанси да не те чека уште еден преубав викенд.

Dihovo

Го фаќаме утринскиот воз за Битола, во саботата сабајле и по пат си ги рецитирам напамет научените станици кои водат до таму. Теово-Согле-Богомила-Ореше… уживам во глетката на прекрасните села на областа Азот, за кој веќе имам пишувано, а сигурно во некое скоро време пак ќе се навратам. Се потсетувам на Папрадиште и забавите таму, на патот за Чеплес и неверојатната глетка непосредно пред да стасаш во домот, на Богомила… погледот освен во селските куќи, постојано е залепен за Солунска и ми ги враќа спомените што ме врзуваат за неа, па на турите преку планината на другите, соседни планини… уште колку трансверзали, преноќувања во шатори, искачувања и спуштања имам, се прашувам и си размислувам.

Dihovo

Неосетно ме фаќа дремка, се будам и ете го Златоврв, ете ги Марковите Кули, блиску сме. Поминуваат 40-тина минути и пристигнувам. Не знам која е таа магија што ја има овој град, ама кога и да пристигнам сум многу порелаксирана, посреќна и „убо ми е на душата” што би рекле тие. Баш со Марта си збориме и она го потврдува моето мислење, пропратено со една кратка дилема – „то ми требаше од Битола во Скопје да дојдам?” - „Не знам Марто, и јас ти се чудам” е мојот одговор.

Кафиња со сите драги луѓе, прошетки, свирки, убава музика и ептен позитивна енергија е она што ја обележува саботата. Ме зезаат дека преЦедникот почнал да пишува дневник и дека треба да се „пензионирам”, доста беше пишување. Сепак одлучувам да го напишам и објавам, па еве и јавна покана до него или било кој што има инспирација или желба да напише некој гостински пост, да ми каже слободно.

Доаѓа недела, уште немаме план, па утрото ни проаѓа во „ајде некаде каде што не сме биле. Каде, каде…? Ај до Дихово”

Dihovo

На само неколку минути од градот, ова преубаво село ме освои од прва. Седевме во ладовина во дворот на вилата, пиевме домашно пиво и не сакавме да мрднеме од што ни беше убаво. Газдарицата со радост во очите ни раскажувашe како летно време тука е постојано полно со луѓе кои бараат бегство од жештините на градот, а чести посетители се и странците, кои се вљубени во селото и секоја година се враќаат да го посетат. Дури и раскажуваше како некој француски пар одлучил тука да ја прави венчавката, па кога ги прашале како сакаат да биде украсен просторoт, им одговориле дека сакаат навезени црвени пиперки, зашто тоа не го виделе никаде досега.

Сашо сакаше да сподели некој спомен од детството и да не прошета на местата кои порано биле излетнички за сите битолчани. Отидовме до местото каде некогаш имало базен, а сега има руиниран објект и мочуриште. Ова беше единствената неубава слика во целиот тој пејзаж од цвеќиња, карпести предели над нас и секако прекрасниот Пелистер.

Dihovo

А како крајна дестинација, одлучи да не однесе до „Капејнци”, едно место каде има водопад и намерно е поставена бетонска плоча да ја задржува водата и да можат луѓето да се фрлаат од карпата и да се бањаат во грч ладната вода… тоа го оставам за лето, иако сум правела и такви и уште поголеми будалаштини, ама еве да речеме дека со текот на годините можеби малку од малку ми доаѓа памет, па не изреагирав инстинктивно и не се фрлив во водата.

Седнавме тука да одмориме, едно време никој не зборуваше и го слушавме само водопадот и ја гледавме прекрасната Диховска река, која заедно со реката која минува низ Братиндол ја формираат реката Драгор или Драгоро што би рекле битолчани.

Dihovo

По патот постојано не следеше едно мало куче што сакаше да прошета и да ја истражи околината со нас и многу ми беше интересно дека секогаш кога сум во Битола на тура, од кое село и да почнеме, има некое животинче што доаѓа да ни се приклучи во прошетката. А времето за пешачење, беше онакво какво што посакува секој планинар, без многу сонце, а без ниедно облаче, чист поглед, пријатен воздух и ветре што дувка од време на време колку да те освежи.

Во тие моменти, времето застанува, забораваш на сите обврски, забораваш каде си и само уживаш во моментот. Имаш време за муабети со луѓето што ги сакаш, за работите што те исполнуваат, добиваш нови идеи и имаш енергија за се’. А веројатно, кога се собираат сите моменти еден по еден и кога се вртиш наназад, сфаќаш дека ова е тоа, ова е твојот живот.

Затоа и текстот го завршувам со стих на моите омилени Pink Floyd:

„Long you live and high you fly,

Аnd smiles you’ll give and tears you’ll cry

All you touch and all you see

Is all your life will ever be.“

До следно читање,

Калина