Уште сум хипнотизирана и под импресии од она што го видов и почувствував вчера. Не бев многу наспана, го замолив Диме да ми го отстапи местото до прозорот за да поспијам бар некој саат, ама ништо. Знам дека е убав овој дел на Македонија, посебно овој период од годината, ама додека возевме кон целта, не можев ни да замислам што не чека и не можев да се изнагледам на сето зеленило и убавини покрај кои поминувавме. Почетна точка ни беше кичевското село Папрадиште, за кое немав чуено претходно. И бидејќи дури сега дознав дека има уште едно село со ова име, и не е само она од областа Азот кое премногу го сакам, си помислив дека сигурно нема споредба и дека не може да е поубаво од она што го знам. И кога стигнавме… не можев да си поверувам на очитe.

Брсјачката архитектура и старите куќарки, сите цвеќиња, дрва и водопади направија да не тргнам веднаш на врвот, туку да поседам за да ја разгледам и забележам целата убавина. Не ми се брзаше никаде, вистински уживав. Уште на првата етапа налетав на поле со диви нарциси, какви што имаме во Лазарополе. Колку беше убаво! Низ шумата проаѓавме покрај дрва со различни форми, а кога се искачивме малку повисоко се гледаше целата околина. Беше облачно, а сепак имавме многу убав поглед.

Теренот се менуваше, па се изнагледавме еден куп убавини, а некаде пред врвот седеа чичко Диме и Перо кои ни кажаа дека ветрот нагоре е многу силен и најдобро е да поседиме тука, засолнети покрај карпите и да почекаме да стигнат другите. Седев кратко и ми текна дека одамна не сум осетила силен ветер во грбот и одлучив да продолжам нагоре. Вееше навистина силно и „носеше”, ама ништо од тоа не ме спречи да продолжам да одам, да правам фотографии, да уживам во преубавата Челоица. Кога стигнав на Добра Вода (2.062 мнв.), ги видов битолчаните од Macedonian Hikers кои ми кажаа дека самоиницијативно и во група доаѓаат на скоро сите тури кои ги организираме. Го сретнав и Давор, кој ми даде беџ од нивното друштво „Ендорфин”на кој многу му се израдував и ќе биде уште еден драг предмет во колекцијата беџови, налепници, печати, маркици и останати спомени насобрани од планините. А најмногу се израдував на најмладиот член на акцијата, десетгодишниот Борјан, на кој ова му беше четврта тура и беше вистински возбуден и среќен што е таму со нас.

Почна да врне, па моравме да го скратиме времето на седење на врвот. А од дожд, почнаа да паѓаат некои замрзнати капки, кои удираа директно во лицата, а ветрот стануваше се појак. Низ смеење се присетив на зборовите на некој од планинарите, кога на една тура кога не фати исто вакво невреме рече „ние планинарите имаме нешто мазохистичко во нас”. Сепак, ништо не ми пречеше и не ми го скрати уживањето, а бидејќи ептен аматерски изумив да понесам кабаница, Дени се жртвуваше и ми ја даде неговата.

И тогаш Маки ни даде знак да застанеме, зашто беше време за изненадувањето приредено од нашите пријатели од „Алгасан” и „Алма-Ем” – „Пронајди го скриеното богатство.” Неколкумина ги скрија подароците кои ги имаа спремено за нас и ние требаше да ги бараме. На крајот, среќните добитници беа Благоја, Коста, Јовче, Пеце и Мирела, а моја задача беше да ги „интервјуирам” и земам изјави кои ќе ги пренесам во дневникот. За жал успеав да земам само од Јовче, кој ми кажа дека е многу среќен што од толку многу луѓе, токму тој успеал да го пронајде подарокот, а Мирела не насмеа кога ми кажа дека тргнала да го бара „женскиот тоалет”, без воопшто да знае дека има некаква игра и тогаш го видела нејзиниот пакет.

Кога играта заврши, откако убаво се насмеавме и позезавме, влеговме во шумата и продолживме да се спуштаме. И кога помислив дека сум видела се’, оваа планина не престана со своите изненадувања. Излеговме на една огромна полјана со милион жолти цветови и прекрасни расцутени дрва. Ги впивав со поглед овие слики пред мене, а пријатните мириси постојано се менуваа, од убав поубав.

По некое време, наидов на еден скриен мал водопад, кој беше затскриен во една мала шумичка, па застанав да го видам и фотографирам, по што имав мал инцидент и ги наводенив чизмите. Воопшто не ми беше важно, се смеев и уживав, не можев да си поверувам колку е убаво. Мокри чизми, накисната и издувана од ветрот, а пак најсреќна на свет.

Турата ја завршивме во с.Падалиште, Гостиварско, одејќи низ бујната шума која го криеше селото до првата куќа која ѕирна кога се отвори патот. И во целата таа убавина, фрлено ѓубре на куп и една неубава слика. Ги фотографирав со цел да апелирам да направиме една акција за чистење и средување на сите овие депонии што и те како ги има по планините, ама нема да ја објавам фотографијата бидејќи не сакам да го уништувам впечатокот што досега ви го пренесов.

Во Падалиште кравички и овци си пасат трева, по некое коњче, вода во изобилство поради што имаше и толку бујна вегетација насекаде – селска идила. Со Родне си дадовме збор дека ако се повторува оваа акција, обавезно доаѓаме повторно. Добив желба и трансверзално да го поминеме овој дел, знаејќи колку се убави овие краеви, па можеби летово ќе ми се оствари и таа желба.

А потоа, сакајќи да споделам уште некоја информација за Челоица, се послужив со текстот на Давор Јанкулоски „За називите на врвовите на планинскиот масив Челоица-Песјак”, за што се надевам нема да ми замери. Од таму дознав дека „Почетниот, т.е. најсеверниот врв на масивот, погоре запишан како Ќафа, во топографските карти е забележан под името Добра Вода. Потеклото на овој топоним, веројатно, доаѓа од истоимениот извор којшто се наоѓа на североисточните падини на планината. Кај локалното население (и македонско и албанско) називот Добра Вода се употребува за именување на врвот, но и на целиот планински венец којшто се поврзува со Сува Гора на север. Името Ќафа, пак, било дадено според истоименото село кое се наоѓа на западните падини на планината. Според кажувањата на локалците, називот Ќафа, од албански јазик со значење „врат”, го дале жителите на гостиварското село Падалиште, поради поставеноста на населбата во однос на врвот. Во минатото селото Ќафа претставувало дел, т.е. маало на селото Папрадиште. Впрочем, атарите на овие села биле разделени по 1918 година. Со своите 2061 метар надморска височина, Добра Вода претставува највисока точка на масивот. Потегот јужно од Добра Вода сѐ до Туинското Кале се нарекува Белези Планина. Под ова име е забележан и во топографските карти.”

По изминати 20-тина километри, дојде и крајот на турата, а јас како мало дете одбивав да си одам и сакав да останам уште некој час овде ? Постојано се прашував како е можно оваа живописна и прекрасна Челоица да не е малку попозната меѓу планинарите, а друштвата тука да нe прават уште помасовни акции и дружби. Знам дека можеби премногу емоции внесов во овој текст, ама вистински се вљубив во планината и ве поканувам сите да одите, да ја посетите и да уживате во оваа убавина.

До следна прилика, со многу љубов,
Калина