Викенд испланиран за Љуботен. Знам дека имам само еден ден и дека сакам да се качам таму, на мојот омилен врв и да ја поминам цела сабота горе, па да одам да го видам Васе во вила.

Но, во последен момент читам дека Деско оди за Демир Капија, на International Outdoor Festival. Го прашувам со кого и ми кажува дека одат и Марта, Никола и Шаго. Се мотам низ дома, идејата не ми излегува од глава и им се јавувам да ме почекаат. Што е за право, ме чекаа повеќе од половина час, за да се спакувам и да тргнам на местото за кое долго слушав, а никако да го посетам. Одиме во Д. Капија, Љубо секако можам да го видам кога и да посакам.

Тргнуваме, денот е прекрасен, возиме по тие огромни зелени пространства, слушаме убава музика и уживаме. Стасуваме во градот и ме освојува од прва, иако е ноќ. Здогледувам едно кафанче што ме потсетува на грчките таверни и си викам – ова мора да го посетам во некоја наредна прилика. Стасуваме во кампинг зоната, едвај ги поставуваме шаторите кои летаат на силниот ветер и завршуваме во Кучкин.

Таму запознавање со учесниците, претежно качувачи, а јас уште со идејата дека утредента ќе одам на планинарската тура, во должина од 26 километри. Сите што ги знам почнуваат да ме предомислуваат дека кога сум веќе овде, мора да се пробам на карпа и би било жално денот да го искористам поинаку. Јас, со мојот страв од карпи и од таа слика луѓето да ги гледам закачени на јажиња, упорно се противам. „Никогаш нема да качувам, никогаш во животот”, се зборовите што редовно ги употребував, се’ до овој викенд. После убавата дружба и веселите разговори, одиме да одмориме. Влегувам во вреќата, ја закопчувам и ме обзема некое бескрајно убаво чувство, некоја радост дека ноќта ќе ја поминам во шатор, под ѕвезденото небо, на тој силен ветер на кој само звукот му го слушаме. И ете ја сабота, сите сме опуштени, седиме во кампот и уживаме во првите утрински зраци. Мојот цврст и категоричен став почнува да се менува и одлучувам да тргнам со нив. Со качувачите.

„Let’s rock and roll boys”, се зборовите на Никола додека се упатуваме кон возилата. Возбудена сум и знам дека ни претстои забавен ден.

Одиме натаму, уживам во околината, денот е топол и сончев. Стигнуваме и ги гледам сите другари, им се радувам, со возбуда им раскажувам дека ќе се качувам денес, или барем ќе се обидам. Демир Капија ме освојува со сите свои бои, мириси и карпести предели и наместо да ми влее страв, ме опушта.

Одиме кон првата насока, Шаго ми ги позајмува нејзините патики, ме врзува, ставам шлем и веднаш тргнувам нагоре. Уште не сум ни свесна што се случува, веќе сум на некоја висина што почнува да ми влева страв, а луѓето од долу ме охрабруваат дека можам уште погоре и ми кажуваат каде следно да ја ставам раката/ногата. И тоа е забавно, се’ до моментот кога наидувам на еден „мазен” дел и сфаќам дека не можам веќе понатаму, барем јас не можам и не знам каде да се потпрам. Се спуштам долу и ме тресе адреналин, прекрасно ми е и веднаш изјавувам „сакам уште од ова”.

Си чекам ред на втората насока, таму е Владимир. Забележувам дека сум си го раскрварила прстот и си се смеам сама на себе колку сум несмасна и колку сум била внесена во качувањето што ништо друго не сум приметила на себе. Доаѓа ред за втората. Внимателно ја набљудувам карпата, знам каде ќе ги направам првите чекори. Се осигурувам и тргнувам нагоре. Тргнувам многу самоуверено, како веќе којзнае колку пати да сум го правела ова. Одам до некаде, чувствувам дека сум веќе доста качена и дека ми се тресе целото тело. „Сега каде”, го прашувам Владимир, а гледам дека долу се насобрале луѓе што гледаат и фотографираат. „Јажето ти е малку скинато онде”, ме зеза Саша и сите се смеат. И јас се смеам, а ич не ми е до смеење.

Сметам дека е доволно, имам уште малку до горе, ама одлучувам дека е време да се симнам. Повторно тргнувам со брзање и карпата ме учи на една многу важна лекција. Губам контрола, се занишувам и летам во десно со целото јаже. Се удирам во другата карпа, со бочниот дел на телото и сите ме прашуваат дали сум добра. За среќа, не ми е ништо, ама знам дека отсега никогаш повеќе нема да се занесувам и да гледам со потценување на ова. Слегувам безбедно долу и се тресам цела, во шок сум. Сите мислат дека сум возбудена од летањето, а јас осеќам адреналин како којзнае што да сум направила и скокам наоколу, ги гушкам луѓето и уживам.


Со Марта одиме да прошетаме и да ја разгледаме целата околина. Се прашувам како е можно да сум првпат овде и да не знам дека постои овој рај на само некој саат од Скопје. Фотографирам постојано, ги сликам карпите, па небото, па реката, па некои осамени цветови. Одиме да се видиме со Сања, Ана и да поиграме со Вања, да се посмееме и да уживаме во сонцето и да гледаме едно дете што оди по жица недалеку од нас. Имам трет обд за качување, на една навидум лесна карпа, ама уште на самиот почеток не ме привлече и одлучив за многу кратко време да се симнам.

И тогаш, отидов кај Саша, да се обидам да ја качам последната, четврта насока. Сања и Пеце се качија пред мене, ама тие имаат искуство, а јас како мало дете ги гледав од долу и си мислев колку се храбри и колку јас нема шанси да стигнам до горе. Пред да се качам, Марта ме предупредува „кај Саша нема не можам, одиш до крај”, а јас се надевам дека не е така и дека ќе одам до кај што мислам дека можам. Тргнувам, на моменти се кочам, на моменти навистина не знам каде да ги ставам рацете, но Саша и Владимир од долу цело време ми помагаат и ме бодрат. Се качувам и се прашувам „зошто луѓето го прават ова? Зошто да го доживувам овој страв?” Му кажувам на Саша дека ми е доволно, а тој ме убедува да застанам на некоја стабилна подлога и да одморам, нема откажување. Продолжувам нагоре, пак ми се тресе целото тело. „Калина, оваа е полесна од втората што ја качи” ме поттикнува некој и продолжувам да одам. Не знам како е можно, ама стигнувам до горе. Среќна сум, исплашена истовремено. Гледам што ме чека за спуштање и си викам „ок, овојпат внимателно“. Со голема доза на страв, тргнувам, а Саша постојано ми кажува како да го држам телото и нозете, што да правам, кој правец да го фатам. Конечно сум долу, пак ги гушкам луѓето околу мене, како којзнае што да сум постигнала. Ете ми го одговорот на прашањата што си ги поставував претходно, ете зошто вреди да поминеш преку стравот и преку сите црни сценарија и лоши мисли во главата. Којзнае како им звучи ова на луѓето што секој викенд се на карпа, ама мене чувството ми беше незаменливо. Бев пресреќна и превозбудена. Знаев дека ќе треба да помине некој ден додека се свестам каде бев и што се’ качив. Јас, што никогаш немаше да одам на карпа.

Правам уште еден круг, ги поздравувам и бодрам сите што качуваат, одам да фрлам уште еден поглед на реката. Тука некој запалил оган, сликата е прекрасна. Гледам долго, сакам да го задржам ова чувство, оваа радост, оваа нова димензија за мене.

Фрлам уште еден поглед, се збогувам со ова мало парче земја што крие толку убавини и одам во кампот за да се спакувам и да заминам. Реакциите на луѓето околу се поделени, едни кои ми даваа поддршка и други кои пробуваат да ме предомислат и да ми кажат дека не е ова за мене. Томи се грижи, а Деско на тоа му враќа „Ризик постои, но внимание на прво место, чист ум, концентрација и „спој со ѕидот”.

Ќе помине време, ќе сумирам во главата што се’ помина и ќе размислам што ќе правам понатаму, но во никој случај не останав рамнодушна на овој предизвик и мислам дека ова нема да запре тука, иако на моите родители им дадов едно поинакво ветување. Од таа причина, еве по вторпат и којзнае уште колку пати после ова, извинете.


Сакам да се заблагодарам на Спортскиот клуб „Клисура” за одличната организација, за приближување на овој прекрасен крај до се’ повеќе луѓе, на дечките што ме чекаа да се спремам и ме примија во возило во последен момент, за сите што качуваа со мене и ме обезбедуваа, за сите што ме бодреа и ме зезаа со цел да ме опуштат. На сите, од срце, огромно фала за овој прекрасен викенд.

А текстот сакам да го завршам со стиховите од бардот на македонската поезија, Блаже Конески:

„Немој да се каеш за улавштините,

само преку нив животот се открива,

само преку нив допираме до убавините,

што инаку разумот со сивило ги покрива.”

До следна прилика, со многу љубов,
Калина