Петтиот врв од предизвикот „12 врвови” беше врвот Орле, на планината Вишешница. Горе-долу, тоа беше се’ што знаев. Имаше некоја објава дека турата е ставена во категорија на средно тешки до тешки горски акции, поради условите на теренот, ама истата таа објава си ја земав здраво за готово и не и обрнав многу внимание.

Сакав да помине малку време за да пишувам за турава. Вчера се’ се одвиваше многу брзо, немавме баш време да здивнеме и кога дојдов дома веднаш се комирав и немав кога да ги средам впечатоците и импресиите. Денес е подобро, па еве ги. ☺

Станав рано, после многу малку спиење и Владо ме собра пред зграда во 6 саат сабајле. Уште не е разденето, а воздухот во Скопје уште мириса тешко, на чад, магла и смог измешани заедно. Го чекам кај трафиките и се прашувам што ли да се прави, како ќе се живее во овој град? Претходниот ден имаше објава дека токму во Карпош го срушивме неславниот рекорд на највисок степен на загаденост. „Кај да бегам, како да си останам на некоја од планиниве кај што одиме?” Ме мачат такви утрински, неубави мисли. Тргнуваме 2 коли и низ густата магла едвај возиме, па и го грешиме патот неколкупати. Конечно успевам да заспијам и по некое време ме будат дека сме стасале. Не можам да им поверувам на очите, од зима дојдовме во пролет, од таа одвратна магла што не се крена неколку денови доаѓаме на чисто ведро небо и воздух што мириса на цвеќиња. Која разлика, на само неколку часови возење!

Групата веќе е тргната, ние 6 луѓе брзаме да ги стасаме, но само што ја оставаме колата, го здогледуваме вештачкото Тиквешко Езеро. Бев многу позитивно изненадена колку е убаво, колку е интересно езерото со сите островчиња и природата со кое е опкружено и каков одблесок има сонцето во него. Си помислив, штом имаме ваков старт, сигурно ќе имаме прекрасен ден и ќе видиме уште многу убавини по патот. Тргнавме да пешачиме и првите 8 километри ги изодевме многу брзо и покрај условите на теренот-кал и стопен снег, кој многу го отежнуваа одењето. Баравме сув терен барем малку за да си олесниме, но такво нешто за жал-немаше. Oдејќи нагоре, погледот постојано ми беше врзан за Орле, кој делуваше многу моќно и беше највпечатлив во целата околина. Веќе беше јасно дека искачувањето нема да е лесно, ама си рековме-ех, толку тури сме поминале, нема зошто да биде проблем и оваа ☺ Конечно ја стигнавме групата, некаде во селото Шешково. За моја среќа, тука беа сите драги луѓе, од повеќе градови од Македонија, дојдени да се приклучат на искачувањето на врвот. Се поздравивме, си направивме по некој ред муабет и застанавме да го земеме првиот здив, токму тука. Шешково ме освои од прва, мирно идилично село, со овци, селски кучиња и магариња и по некој стар човек кој останал да живее овде. Стоев и си правев филм како би изгледало да живеам тука, како овие луѓе не ни знаат што се ПМ честички и немаат потреба секојдневно да се борат за почиста околина и почист воздух. Се напивме вода од селската чешма и продолживме понатаму. Со Томи како и секогаш разговаравме за селскиот живот, а тој не расположуваше сите со својата песна и македонски хитови што веројатно никој друг освен него не ги знае. ☺

Одевме низ шума долго време, чувствував некој умор и ненаспаност и наместо да се мотивирам како што секогаш правам, си реков „добро, можеби и треба да се откажеш и да не одиш до горе, да дојдеш пак кога ќе се осеќаш подобро”. И тогаш, од едно место каде имаше поглед, повторно се појави Орле. Го видов и мислев дека стојам под Матерхорн или некој од врвовите што ни се голем предизвик за искачување и сфатив дека нема бегање и мора да се продолжи нагоре. Добив некоја чудна сила и одев уште побрзо, сакав да стигнам и да видам што не чека таму горе.
Дополнителен мотив ми беа луѓето, посебно моите драги Горан, Кирку и Марија од Битола, кои секогаш ме полнат со позитивна енергија и самото патување е полесно во нивно друштво. Друг интересен момент беше тоа што дрвата испуштаа звук мислиш се корнат од корен и се нишаат како да ќе паднат во секој момент, а ветер воопшто не дуваше и не беше воопшто ладно. ☺

Стигнавме до последната етапа, точно под врвот. Сцената беше малку застрашувачка, успонот голем и постојано си повторував „ајде уште малку, уште малку”. Снегот веќе многу го отежнуваше движењето, а тука наидовме и на мраз и на лизгав терен, па одењето беше „чекор напред, два назад” ☺ И одеднаш, почнав да гледам луѓе и да прашувам дали е ова тоа, зашто не ми се веруваше дека стасавме. Дојдовме на Орле. Гушкања, честитања, многу зафрканции на моја сметка, фотографии на врвот, фотографии меѓусебни, убава енергија и радост. А погледот од горе – фантастичен. Ќе го цитирам Шаревски зашто секако не ги знам сите на памет, па ќе кажам дека од горе се гледаше „Цела Македонија, од Скопска Црна Гора до Кожуф, Беласица, Осогово, Кајмакчалан, Плачковица, Серта, Лисец на Голешница, цела Бабуна и прилепски Козјак, Солунска Глава, висорамнина Витачево и Тиквешка Котлина, планината Клепа, Китка (зад Лисец), Огражден, Малешево и Дрен.”

За мене, како човек ни одблиску не ја познава Македонија како него, ќе кажам дека имавме прекрасен поглед на сите околни и далечни планини, езера, долини, котлини и карпи и уште еднаш, како и многупати досега се вљубив во планинарењето и почувствував среќа што го правам ова. За овој поглед вредеше сета мака и сите кризи што ти се случуваат додека се искачуваш. Почна да дува горе и да заладува, па време беше за спуштање, а тоа на сите ни внесе малку страв, со оглед на тоа дека по таков терен е полесно да се искачиш, ама спуштањето знае да е вистински проблем. Така и овојпат, се спуштавме многу споро и внимателно, а имавме и еден мал инцидент кој како и секогаш ја покажа на дело планинарската солидарност и хуманост и помошта што редовно си ја пружаме едни на други и што многу ја сакам кај овие луѓе. Се чекавме, си помагавме, си подававме рака, се бодревме меѓусебно и на таков начин и полесно го поминавме овој дел што не беше ни малку наивен за одење. Кога стигнавме во Шешково почувствував глад и Дамир ме спаси со тоа што ја сподели храната со мене, а жедта ја гасевме на една од неколкуте чешми во селото, за чија вода мештаните ни кажаа дека е чиста за пиење и дека за разлика од тоа шо сме ние навикнати, оваа нема воопшто бигор. Во селото забележав и интересен споменик од Втората светска војна, на кој пишува ,,На ова место на 25-ти Август 1944 година е формирана 41-та дивизија (I Македонска). Вечна благодарност од народот.”

Откако убаво прошетавме и ја разгледавме околината, а како почна и да заоѓа сонцето, време беше за минување на последната етапа од патот, од селото до езерото, каде ни беа паркирани колите. Кал имаше до колена и одевме едвај, со последните сили, веќе исцрпени и доста изморени. И тогаш, како на филм, се појави камион на кој задниот дел му беше отворен и празен и сите не истовари горе за да не однесе до местото. Тоа беше убедливо најсмешниот и најзабавниот дел од нашето патешествие. Се возевме и се клатевме, се држевме едни за други и плачевме од смеење. Сите бевме како да сме на екскурзија во средно, скокавме во камонот и се снимавме, а дечкото што возеше многу храбро ги фаќаше кривините и не возеше без никаков проблем. Кога се симнавме само отидов да му се заблагодарам и да му кажам браво за идејата да не качи и да не донесе до тука, а со тоа и да ни заштеди некој километар пешачење. Тој само се изнасмеа и кажа дека и него му било презабавно ☺ Mислам дека немаше подобар начин да се заокружи турата. Сите насмеани, расположени и под импресии од возењето почнавме да се поздравуваме и од таму секој во своето возило и по својот пат.

Технички карактеристики на турата: Искачивме околу 1.250 метри надморска висина, поминавме околу 30 километри, пешачевме околу 10 часа по секаков терен (кал, снег, шума, кал, снег, мраз). Од тие причини, турата во овие временски услови и на овој терен би ја сместила во категоријата средно тешки акции, за кои е потребна добра психофизичка спремност и искуство. Врвот е висок 1.480 метри и со својот изглед доминира над целиот тој регион. Патеката е одлично маркирана од страна на нашите пријатели од ПД ,,Орле” и нема простор човек да ја утне или да се загуби. Климата е многу пријатна, медитеранска или што би рекол Бокац „ја се осеќав како на море да сум.” ☺

На самиот настан, Бади имаше пишано, „сепак Орле е мој терен, таму почнав со планинарењето, едноставно ќе бидете на мој (кав’даречки) терен и во секаква смисла и добра волја би сакал да Ви помогнам да си поминеме најубаво, нели кав’дарчани сме познати по гостопримството…”, па еве прилика да му кажам дека стварно најубаво си поминавме, а неговиот крај и овој интересен врв не освоија со својата убавина.
Така помина уште еден прекрасен ден, со овие убави и позитивни луѓе од кои многу учам, секогаш убаво си поминувам и ги сакам бескрајно.

До следната дружба,
Калина