За магијата на планината имам доста пишувано и сум ја осетила многу пати досега. Ако нешто знам со сигурност, тоа е дека никогаш нема да престанам да се изненадувам од нејзините убавини и да уживам во нејзините мириси и бои. Така и овој викенд, кога одлучив денот да го поминам на Кораб, оној огромен и моќен убавец, што го знаев само од „другава” страна, од искачувањата на највисокиот, Голем Кораб.

Корабски водопад

Акцијата ја организира мојот „Трансверзалец”, се приклучуваат уште многу клубови од Македонија. Ми се јавува Боро, да ми каже дека ќе оди со неговите другари, Оли и Тоци. Се радувам, бидејќи ќе можам она што го научив на обуката да се обидам барем малку го применам во пракса. „Ќе дојдам со вас со возило и ќе ви бидам водич, може ли?” Боро се согласува.

Корабски водопад

Недела, 6 часот е, а веќе е ден. Прогнозите се страшни, Николчо ми рече да си земам громобран. Сепак, уште во Тафталиџе сите кровови на куќите светат од силното сонце. Во последен момент одлучувам да ја оставам дома кабаницата. „Нема да врне”, си помислувам. Тргаме, првата попатна станица ни е Трница, каде пиеме кафе и уживаме во чистиот воздух. Денот ветува уште една прекрасна тура, јас сум неизмерно радосна што после пет години активно планинарење, ова ќе биде мојата прва посета на Корабски водопад.

Корабски водопад

Стасуваме на првата точка, селото Рибница, каде ги оставаме возилата. Ете ги драгите луѓе, одам да се поздравам со секој од нив. Јоже ми кажува дека веднаш од патот треба да се тргне на десно и дека тие имале маркирано, но некој за жал ги тргнал ознаките. Стартуваме и почнуваме да одиме нагоре по широкиот пат. Сонцето сјае се’ појако, па почнува да ме заматува и уморува. Човек учи додека е жив, а јас си се прекорив зошто не си ја земав капата за заштита и покрај тоа што беше предвиден дожд. Ми текна на зборовите на Снешка, дека шумата низ која ќе се движиме е нестварно убава, па побрзав да одам со цел да се засолнам под сенка и да се оладам од жешкото сонце.

Корабски водопад

По получасовното движење, влеговме во шумата. А таму, не пречекаа огромни дрва во секакви форми, крошни кои му даваа прекрасен изглед на просторот над нас, мириси на разнобојните цвеќиња покрај кои минувавме. Беше магично и сите бевме восхитени и радосни што сме тука. А кога излеговме од шумата, почнаа да се наѕираат врвовите и водопадите на Кораб, таа моќна и прекрасна планина, од чии пејзажи застанува здивот. Одев и застанував да фотографирам и не можев да им поверувам на очите.

Корабски водопад

Кратко застанавме на видиковецот, со цел да ја разгледаме околината и кусо да закрепнеме и продолживме кон главната цел, Корабскиот водопад. А како одев натаму, во главата ми се вртеа зборовите од книгата „Put” на Nejc Zaplotnik, книга која има огромно влијание врз мене и на која секогаш со радост и се навраќам:

Tko traži cilj, ostati će prazan kad ga dosegne, tko pak nađe put, cilj će uvijek nositi u sebi  

Корабски водопад

Затоа и се трудев наместо да брзам кон водопадот, да застанувам и да го дадам сето должно внимание на секоја карпа, секој цвет, секоја тревка по патот. А кога стасавме, се поклонив на таа прекрасна творба и отидов да ги поздравам луѓето кои седеа и уживаа во глетката. Ги сретнав „Картуш” oд Прилеп, потоа драгите „Ендорфин” од Кичево, на кои секогаш им се радувам и ме развеселуваат, па ете ги и другарите од еден од моите омилени клубови, што го носи името на мојот омилен врв – Љуботен. Им ветив дека ќе ги спомнам во дневникот, а тие ме почастија со убав збор, насмевки и понуда да се зачленам во нивниот клуб. Сепак, јас не сум од оние луѓе кои се врзани за еден клуб или место, иако формално сум и веројатно секогаш ќе бидам член на „Трансверзалец.” Луѓето што ја носат планината во срцето и што го прават ова за себе и за нејзините убавини, сметам дека не треба да се ставаат во никакви рамки, па така можам слободно да кажам дека сум член на Љубо, Ендорфин, Јелак и на уште еден куп убави планинарски друштва за кои ме врзуваат уште поубави луѓе и спомени.

Корабски водопад

На патот назад, имавме време да ги видиме пространите ливади полни цвеќиња, на кои досега им го вртевме грбот и уште еднаш да посведочиме на ова неверојатно убаво пространство какво што е планината Кораб. Веќе сите опуштени и расположени, спремни за раскажување на некоја интересна случка и приказна, со лесен чекор одевме назад кон селото. И тогаш почна да паѓа дождец, ама онаков ситен, пролетен и убав, сосема доволен само да не олади и да не почасти со убавиот звук што го произведува. Кога почнав да ги гледам првите куќи во Рибница, сфатив дека е дојден крајот на ова прекрасно патување, иако си дозволив уште малку да поседам покрај Радика, да го слушам нејзиниот шум и да и се восхитувам на убавината, а на голема радост момците одлучија наместо во Скопје да одиме до Маврови Анови, со цел да го гледаме финалето во ракомет.

Корабски водопад

Гледав кратко, но поубава ми беше сликата на Мавровското Езеро, па отидов со Нате и Даниел да поседам во еден од локалите од каде се гледа целото езеро распослано пред нашите очи. Овој ден беше една сликовница, каде секоја наредна станица беше од убава поубава, а јас не можев да си поверувам колку онаа фраза што навидум е клише всушност е најточна и колку навистина малку е доволно за еден човек да почувствува вистинска среќа. Уживав, во секој миг, во секоја боја, во секој мирис на денот. Им заблагодарувам на организаторите на турата, на другарите кои ме земаа и ме вратија безбедно дома и беа вистински џентлмени, на сите вљубеници во планините со кои редовно се среќавам и ми ја даваат сета убава енергија и најмногу на планините кои не престануваат да не изненадуваат и се вечна инспирација на нас, луѓето кои бескрајно ги сакаме и почитуваме. Со целото срце, за сите минати и идни тури и прошетки, неизмерна благодарност.

Корабски водопад