Во недела ќе одиме во демирхисарско, топлиот крај на дедо ми Мишо, од каде имам само убави спомени од детството. Се обидувам да се убедам дека е време за спиење, зашто треба да се станува во 4:30 сабајле, ама невозможно е. Спијам некое кратко време и ете го алармот. Се борам да станам и кога се свестувам и ми текнува што ме чека, срипувам од креветот.

Возиме натаму, а од стаклото на автобусот гледам едно прекрасно изгрејсонце, што ветува уште еден убав ден поминат на планините. Си зборуваме со Марио и Снешка и времето побрзо поминува, малку задремувам и ете не на стартната позиција, с.Горно Илино. Излегувам од автобусот и веднаш ме заплиснува убавиот мирис на сите билки и цвеќиња, мирис што во текот на неделата забораваме дека постои. Архитектурата на селото ме потсетува на Брезово, селото на дедо ми, начинот на кој се градени куќите и топлината која зрачи од нив. Тргнуваме и по патот ги гледам големите расцутени дрва и реката што жубори. Ги наоѓам сите луѓе што ги сакам, од сите градови и краеви на Македонија, што дошле до тука да ни се приклучат на акцијата за искачување на врвот Лиска, на Илинска Планина. Одиме низ шумата, фаќаме некое брзо темпо, а Влатко Крбалески што е секој втор ден на планина се зафркава со нас и постојано повторува „не можам појке, се откажувам”. :)

Стасуваме до манастирскиот комплекс св.Илија, а пред него информативна табла: „Повисоките делови на Илинска Планина (над 1.600 м.н.в) се предложени за заштитено подрачје со категорија на заштита парк на природата. Доминантни станишта се планинските пасишта на варовник, а во вид на тесен појас влегуваат и горски букови шуми. Овој простор е означен и како значајно растително подрачје заради присуството на ендемични видови растенија, меѓу кои планинскиот чај (Sideritis scardica), црвениот окситропис (Oxytropis purpurea) и сивкастиот здравец (Geranium cinereum). На подрачјето има и неколку значајни видови инсекти и ендемични полжави. Поширокиот простор на Илинска Планина, заедно со Плакенска Планина и Бигла е многу важен коридор и за крупните месојадни животни, особено мечката и рисот”.

Поседовме тука кратко, па продолживме нагоре, кон една карпа од каде ни кажаа дека се гледа и врвот. Си одев сама, но не по патот по кој сите одеа, туку некоја моја импровизирана патека на движење и уживав во мирисот на мајчина душица, што секогаш ме враќа во Лазарополе. Ќе го забрзам чекорот па ќе застанам да погледнам. Секаде околу мене огромни сино-зелени пространства, незначителни остатоци од снег по околните планини, чисто небо. Стасувам горе, се гледа Лиска, се гледа дека горе веќе има голем број пристигнати учесници и со Даме ја фаќаме ,,брзата” патека, со цел што поскоро да стигнеме до таму. Одиме и како се приближувам, планината се повеќе ме потсетува на Кораб. Некаде пред врвот гледам дечко што на точак се спушта надолу и си мислам којзнае колку адреналин има во моментот и колку јас никогаш не би го направила тоа. :)

Ја качувам последната етапа и од горе слушам „ајде, можеш ти” :). Ме фаќа срам и се повлекувам, одам од другата страна, далеку од погледите на луѓето. Стасувам горе и ете ги, моите добро познати ликови, некои нови ликови… Седнувам по малку со сите да се видам, некоја чашка да се напијам и да се освежам и после седнувам сама, да уживам во планината и во видикот. Од тука се гледаат скоро сите планини во Македонија, а истовремено ги гледаш и Охридското и Преспанското Езеро. Иако Лиска е највисокиот врв на Илинска Планина, сепак добив желба некогаш трансверзално да ја поминам и да ја истражам планината, бидејќи е навистина прекрасна и има што да се види. Луѓето горе (околу 300 посетители), беа седнати, легнати, со телефоните во раце, секој во својот филм и со својата замисла, но сите насмеани и дојдени да уживаат во убавините на природата и во сонцето кое не не напушти ни за миг. Уживавме горе, во ова прекрасно попладне и не сакавме да станеме и да си одиме уште долго време. По патот надолу имаше остатоци од снег, па некои решија да се спуштат на полесниот начин, односно со лизгање и тоа предизвика многу смеа кај останатите. Стасавме во шумата, ги следевме патоказите, Мијалчо делеше совети како треба да се маркира и дека мора од секоја маркација да се гледа наредната.

Потоа седнавме на едно убаво место, голема полјана, да направиме кратка пауза и додека едни се брзаа да се симнат, другите останавме тука. Повозрасните планинари коментираа „кога пак ќе те донесе патот наваму? Можеби никогаш. Ова е еден момент, една слика.” Секако не ми се брзаше, како што никогаш не ми се брза кога сум на планина, па одлучив да си останам и поседам тука со нив. А кога станавме да одиме низ шумата, сфатив дека планината е многу богата со вода и со некои интересни цветови што растат во неа, па тоа само ја надополнуваше убавата слика на денот. Давор беше до мене и ми раскажуваше за Илинска и околните планини, за сите проблеми со кои се соочува тамошното население и за убавините кои ги крие овој крај. Зборувавме за планинарското друштво ,,Ендорфин” од Кичево, на кое тој е претседал и кое брои голем број млади, позитивни и насмеани луѓе. Ми раскажуваше за нивните досегашни акции и идните планови, како и за дружбата со „Трансверзалец” преку акцијата „12 врвови”, каде што се редовни посетители и доаѓаат да уживаат заедно со нас. :).

Кога стасавме во селото Прострање, која беше крајна точка на оваа тура, ми ги објаснуваше топонимите на местата, па дознав дека селото најверојатно се вика така бидејќи е многу пространо. И навистина, ова село исто како и Илино, ме бендиса по убавата природа и прекрасните куќи, а кога пристигнавме до автобусите имаше и човек кој ни донесе освежување, па тука заслужено седнавме да одмориме и да земеме здив. Но, моите драги битолчани ми спремија уште изненадувања, па морав да задоцнам со тргнувањето за назад и тоа Неда повторно снимаше прилог за „ТВ Тера”, каде си правевме неформален муабет и само си кажувавме колку се сакаме, а Сашо ми ја подари најкул маицата за роденден на која пишува „Hike morе, worry less” :).

Се испратив и поздравив со Владе и сите луѓе од другите градови и влегов во автобусот. Не знаев каде ќе застане, но за моја голема среќа следна станица ни беше еден ресторан покрај река, каде седнавме да закрепнеме и да поуживаме уште малку во денот и во убавата енергија која се ширеше меѓу нас. Јоже ни раскажуваше фамилијарни приказни, на кои сите паѓавме од смеење, а Мијалчо ни држеше лекции за планината, дека тоа е храм кој треба да се почитува и да му се пристапува со внимание и љубов, а не со брзоплетост, бидејќи така се случуваат сите незгоди. Има многу што да се научи од овие луѓе полни со искуство, а јас секогаш внимателно ги слушам бидејќи и самата имам желба еден ден да станам планинарски водич и да им ја пренесувам својата љубов и искуство на помладите генерации.

Од техничките карактеристики, врвот Лиска е висок 1.908 м.н.в. Совладавме висинска разлика од околу 950 метри, поминавме околу 22 километри, пешачевме околу 10 часови, со неколку паузи. Турата не е лесна и не е за почетници, но е многу убава за сите оние кои не излегле и не прошетале малку подалеку од добро познатите планински патеки, па се надевам во иднина ќе биде многу попосетувана и чувана, бидејќи е навистина прекрасна.

За сите луѓе спомнати во овој текст и за оние останатите кои беа вчера на Лиска, на моето планинарско друштво ,,Трансверзалец” и сите добронамерници и љубители на планината, за сета убава енергија, убав збор и мисла, огромна благодарност ?

До следна прилика,

Калина