Сингл девојки, момци, сметате ли дека секогаш ви е потребен некој за да си го направите викендот прекрасен? Можам да кажам дека ако одговорите на ова прашање со Да, ќе го дадете најпогрешниот одговор некогаш во животот.

Викенд на непозната локација, одличен избор за ментален и физички одмор на своето јас. Не мора да патувате надалеку, во нашата земја има прекрасни места, вистински рај за одмор на душата и телото.

Го одбрав Бањиште (Баниште), прекрасно дебарско село, прегрнато со борова шума во подножјето на преубавата Крчин планина.

Автомобил, ранец, двоглед, фотоапарат, книга и добра музика е доволно да се започне вакво патување.

Бањиште

….Од Маврово се упатив кон Дебар, или познат меѓу народот “Рекански Крај”. Во пресрет сме на будењето од ладната зима, истото се случува и со природата. Дрвјата го враќаат својот зелен сјај, а Мавровска река беше толку разиграна како мало дете кое штотуку проодело. На неколку километри од селото Трница ова мало дете се спојува со бисерот на овој Реканскиот крај “Реката Радика”. Застанете на мостот, направете неколку фотографии и продолжете го патувањето поред Река Радика која дава свежина во воздухот, истовремено е дива и питома, сина и зелена, едноставно само да се восхитувате. Најголемото восхитување ќе го доживеете кога ќе наидете на неколкуте водопади кои настануваат благодарение на топењето на снежните прекривки на планините. Куриозитет на долината на Реката Радика претставува народната оригинална архитектура на селските куќи на Јанче, Гари, Лазарополе, Тресонче, Галичник и други, а да не го заборавиме најубавото, Манастирот Св. Јован Бигорски. Стигнав пред дебарскиот мост. Овдека Радика е комплетно бела, тоа е резултат на сулфурните води од бањите Косоврасти кои што се влеваат во реката.

Патувањето продолжува нагоре кон Дебар, поминувам низ него и се упатувам кон Бањиште (Баниште), мојата последна точка резервирана за одмор. Прекрасно село со специфичен остар мирис во воздухот, кој е резултат на испарувањето на сулфурот од термалните води на познатата Бања Баниште или меѓу народот познати како Дебарски Бањи-Цапа. Прекрасен центар за рехабилитација на телото и умот и не ме чудеше што целата кајак репрезентација на Руската федерација престојува таму веќе месец и половина.

Бањиште

Овдека утрата започнуваат во 6:30часот. Се будите со поглед на прекрасна борова шума, го пиете првото утринско кафе и појадувате. Потоа започнуваат медицинските терапии кои што ќе ви ги одреди доктор, па задолжителен одмор во топла просторија, потоа точно во 12:00часот следи ручек, па слободно време, попладневна терапија, вечера во 19:00 часот и сакале или не сакале дневните активности ќе во одведат на спиење во 22:00 часот.

Морам да ве предупредам дека можеби 10пати бев прашана со кого сум дојдена и од кога ќе добијат одговор дека сум сама, следува прашањето “Па како тоа сама?!” Сигурна сум дека после мојот престој веќе нема да им биде чудно доколку имаат гостин сам дојден да се одмори од се што му се случува во реалното секојдневие.

Бањиште

Во ваков тип на викенд секој дел од денот има своја убавина за телото и душата. Искрено ако мене ме прашате најубав дел ми беше слободното време после ручекот. Пронајдов место помеѓу густата борова шума, чист и остар воздух идеално време за да ја читам “Филозофија Ултима Ошо”. “Човекот се раѓа како слобода” прекрасно поглавје, токму како слободата околу мене и слободата на мојот ум во тие мигови да размислувам за себе си, “Каде сум сега и каде сакам да бидам во иднина?”.

Ова ми стана и омилено место, прекрасната позиција од која што имав панорама кон Дебарското езеро и целиот мијачки предел од каршија и го нареков “Мост кон другото”, мост кон другата страна, кој ако го преминам ќе навлезам во друга димензија. Тоа се случи, двогледот кој го носев со себе ми заврши голема работа. Со негова помош преминав преку мостот и успеав барем малце да ѕирнам во внатрешноста на овие села кои се скриени од прекрасната шума на Бистра. Целиот овој мир, спокој и тишина резултираше со ново дело за во мојата поетска збирка

“Од каршија, директно во срцето на Галик”

Бањиште

Викендот завршува, време е да се појде назад кон Скопје. По пат се фокусирав на сите убавини кои ги пропуштив кога патував кон Бањиште (Баниште), притоа направив и една попатна пауза во Куќата на Мијаците, каде што со пиењето на традиционалното Цариградско кафе направив комплетна ретроспектива на секој детаљ од моето патување на кое му останаа уште 120километри.

Автор: Бранкица Б.Анѓелевска

Текстот е превземен од hybread.mk