Ќе се обидам да го опфатам секој момент, додека сум уште сум под импресии, додека ме држи убавото чувство после оваа наша прошетка по Даутица. Овие предели ми се добро познати, Даутица ја имам одено од повеќе страни, манастирот Зрзе и селото Крапа ги знам од онаа прекрасна трансверзала од Гостивар до Прилеп што ја изодевме со Марио и Андреја пред две години, а Змејовица ја посетивме лани, кога после долго талкање конечно ја најдовме. Сепак, кога го прашав Зоки отприлика колку луѓе ќе доаѓаат на акцијата и кога ми кажа дека ќе има околу 500 луѓе, од сите градови од Македонија, срцето ми се исполни со радост.

Даутица

Патот натаму го преспав и кога стигнавме бевме на 8 километри од Крапа, селото од каде ја започнавме турата. Стоевме и чекавме да дојде комбе по нас, имавме практичен час по ориентација во природа од страна на Снешка, а Јоже ни посочи дека се наоѓаме на превојот Барбарос, што предизвика голема смеа, зашто името звучи како некоја далечна егзотична дестинација, а ние се наоѓавме „in the middle of nowhere”.

Даутица

Стартувавме многу подоцна од останатите, но бевме голема група и безгрижно се движевме низ преубавата шума, а од кога излеговме на сртот, имавме поглед на цела Пелагонија. По патот имаше многу смеење, многу убава енергија и многу убави предели што се отвораа пред нашите очи. Се гледаа скоро сите планински масиви, цвеќињата веќе срамежливо почнаа да излегуваат, а временските услови беа идеални за пешачење во природа. На врвот стигнав на време за да се фотографирам со моите драги луѓе од Битола и да ги изгушкам после долго време, а Неда не интервјуираше за ТВ „Тера”, кај што со Шаревски зборуваме за предизвикот „12 врвови” и за нашата љубов кон Пелистер.

Даутица

Врвот кој го искачивме, Мовнатец (1.571 мнв) се наоѓа на планината Даутица над селото Маргари. На топографските карти врвот воопшто не е означен, а легендата вели дека Крале Марко тука минувал со коњот, па кога ќе поминел на Мовнатец, коњот му се намовнатувал (се наежувал).

Даутица

Ги сретнав горе скоро сите луѓе што ги сакам, со сите се обидов да направам барем некој ред муабет и по некоја фотографија и бев многу, многу среќна. Кога сите си заминаа, останав да го чекам Мијалчо, зашто знаев дека е задолжен да ја чека и да оди позади целата група, па сакав да се осигурам дека е се’ во ред и дека сите ќе стасаат живи и здрави. Дел од групата одлучивме да не одиме во Змејовица, со цел да заштедиме на време за пристигнувањето во Зрзе и да имаме повеќе време за седење и уживање таму. А кога пристигнавме, луѓето веќе беа седнати на тревата надвор во дворот, сонцето што ни се криеше во текот на денот конечно излезе и сите беа среќни и весели. Кај и да отидев слушав смеа, си поседов со сите луѓе колку што можев, а успеав да се видам и со отец Тихон, кој секогаш не пречекува со позитивен збор и мисла и за кого имам бескрајна почит. За манастирот нема да одвојувам податоци, бидејќи она што го чувствувам кога сум тука за мене е поголемо од сознанието кој и кога го изградил. Ова е за мене едно од „оние места”, на кои секогаш се враќам со голема љубов и што ме исполнуваат со некоја убава емоција, иако денес убавата емоција ми ја донесоа и луѓето со кои одев и кои ги сретнав по патот. Поседов и со повозрасните планинари, кои ми се вистински идоли, бидејќи не дозволуваат годините никако да им влијаат и со истиот ентузијазам и љубов доаѓаат на овие тури, се смеат со нас и ги доживуваме заедно сите убави моменти.

Даутица

Повторно бев во групата што последна си замина, бидејќи сакав денот што подолго да трае, сакав да бидам тука и на ниедно друго место. По пат уживав во глетката на старите селски куќи во Зрзе, Костинци и останатите прилепски села, а кога проаѓавме од Прилеп, погледот задолжително ми беше „залепен” за Марковите Кули и Златоврв, што е една фасцинантна глетка и прави да се осеќаш како да си во некое друго време.

Даутица

А како за крај, патувањето од Прилеп до дома траеше многу долго, бидејќи застанувавме во секоја втора кооперација да земеме пиво, ама иако се возевме во едно старо, испокршено комбе, смеењето продолжи, се пееа песни, се раскажуваа пресмешни случки и сите бевме многу среќни и весели.

Даутица

Кога дојдов дома, не знаев како да им одговорам на моите родители на прашањето „како си помина”, а не сум сигурна ни дека можам да го доловам на луѓето што го читаат овој текст. Денес е понеделник, јас од сабајле сум со една огромна насмевка на лицето и полно срце, од сите места, од сите луѓе што ги видов вчера.

На сите вас, на моето планинарско друштво „Трансверзалец” и овој преубав предизвик „12 врвови”, неизмерно ви благодарам

Даутица

Текст на Калина Велевска
Превземено од mis.com.mk