Насловот е во координација со претседателството на ПЕГ „Турни ме да кинисам”, иако мојот текст и оној на прецедникот имаат многу малку заедничко. После сите оние неубави настани изминатата недела, дојде време за заслужен одмор и опуштање. А скопјанец кај ќе оди за први мај, се знае. В’ Охрид.

Таму ме пречека Нина, во нејзината прекрасна куќа што излегува на езеро. Седевме цел ден во дворот, без многу муабети и уживавме. Охрид секогаш има смирувачко дејство врз мене и овојпат повтрно се докажа истото. Сите грижи исчезнаа. А наредниот ден, нашата охриско-битолско-прилепска екипа, заедно со мене, единствената скУпјанка таму, се упативме на уште една (аван)тура по планините.

Менче ме собра рано утрото и се упативме кон Скребатно, она прекрасно село за кое веќе имам пишувано, а сега дознав и дека името го добило од билката Скребат. Таму се собравме сите, си се израдувавме едни на други, прецедникот одржа говор и тргнавме нагоре. Почетокот беше низ прекрасна шума, со огромни дрва и интересни цвеќиња во сите бои. Не знаевме многу што не чека, а не се ни распрашувавме, оставивме да не води нашиот домаќин Илија и да оставиме денот да не изненади.

Единственото нешто што го препрашував постојано беше како е името на планината и на врвот каде одиме, зашто досега немав чуено за нив. Си помислив, таман кога ќе пишувам, ќе ги запознаам и другите што не чуле за овие предели. Врвот се вика Исток, се наоѓа на 1.661 м.н.в, на планината Петрино. Името потекнува од грчкиот збор Петра, што значи камен т.е. каменест предел, каков што беше крајниот дел од патот, непосредно пред врвот. Оваа планина ја пресекува познатиот пат Виа Игнација, каде царот Василие Втори поминал за да изврши напад на Самоиловата престолнина, сместена на Голем Град на Преспанското Езеро. (за овој дел Дени сигурно ќе рече-е баш ова најмногу не интересираше).

Додека одевме нагоре, имавме многу згоди и незгоди, како и секогаш со оваа екипа. Владееше прекрасна атмофера, многу смеење, но и грижа едни за други кога беше потребно. Биби имаше мала незгода со коленото и сакаше да остане да не чека додека се качуваме, но не и дозволивме да го направи тоа и и помогнавме да се искачи заедно со нас, водејќи се од максимата „Mi ranjenike ne smijemo ostavit”.

Погледот беше фантастичен, непрегледни ридови и карпи пред нас, само времето не се погоди целосно за да може да ги видиме и двете езера кои Илија ни кажа дека се гледаат од горе. После нешто повеќе од 3 часа искачување, стигнавме горе. На врвот Ивица ни пушташе музика, делевме кафиња и некои други течности, уживавме. А од таму, со песна се спуштавме надолу, од другата страна на планината и направивме еден голем круг. Поминавме и кај изворите на Скребатска Река, која извира во подножјето на Петрино и која го дели селото на два дела и не пресушува преку целата година. Целата прошетка траеше нешто повеќе од 6 часа, во должина од околу 17 километри.

А кога стигнавме пак во Скребатно, се знае – започна забавата. Дури имаше коментар на еден од дечките на кој не му го знам името, што ја имаше изјавата на денот „а добро, што се мачиме по планиниве, кога на крај сите за ова доаѓаме?“ Не се согласувам дека одам на планините од таа причина, ама делот кога ќе стигнеме сите долу и ќе седнеме да се опуштиме навистина е еден од важните моменти во целата оваа приказна и затоа никогаш не се брзам да си одам дома кога ќе се симнам од планината. Скребатно е прекрасно место за седење и релаксирање, поради бескрајното зеленило, децата кои си играат во дворот и убавата природа.

А кога најголемиот дел од луѓето си заминаа, останав со охриѓаните и си направивме една „приватна” журка кај една карпа, засолнети од дождот што почна многу силно да паѓа и кој кога престана го даде најубавиот мирис на освежената природа. Во тој момент знаев дека сите грижи отидоа некаде далеку и нема повеќе место за нив, следи некој убав период. Затоа и ги сакам овие тури и ми се многу важен дел од животот – те потсетуваат дека што и да се случува, не може да не се излечи со малку зеленило, со погледот на планините и мирисите на цвеќињата.

За крај, благодарност за домаќините за нивното гостопримство и одлично организираната тура, за гостите што со својата позитивна енергија секогаш ги прават овие прошетки уште позабавни и како за крај, на Кико и Илија за некои податоци кои ги споделија со мене за да го напишам овој текст.

До следнa прилика, со многу љубов,
Калина