Не знам како се почнува, уште помалку како се завршува текст за еден ваков чудесен, чудесен викенд. Знам само дека ми е премногу драго што бев дел од оваа приказна и што мојот авантуристички дух досега не ме излажал кога треба да се одреди правецот на движење и изборот на следната дестинација.

Петок е, стасувам во Битола. Мојата драга Битола, на која секогаш и се враќам со огромна радост. Малку сум уморна од патот и од обврските од работната недела, па одам кај Сашо да се освежам и да закрепнам пред да тргнам нагоре. Како и секогаш во неговиот дом, имам срдечен пречек, убав збор и ете не, веќе сме спремни за пат. Првата „контролна точка” за тој ден е планинарскиот дом „Големо Езеро”, кој се наоѓа на 2.218 м.н.в. Тоа ме радува уште пред да стасам горе, мислата дека ќе преноќам далеку од асфалтот, високо во планините.

Неколкупати сум го одела овој пат, но никогаш толку доцна во денот, па кога го поминавме оној прв дел од Нижополе до над шумата, веќе се стемни и почна да се гледа се’ послабо. Но, како и сите работи на планина и ова си има своја убавина, па почнав да се восхитувам на небото. Со радост и залет му ја покажав на Сашо првата ѕвезда што се појави, за на тоа тој да ми одговори – „Калина, тоа е Јупитер”.

Како што одевме нагоре дуваше некој силен, но не и студен ветер и првиот дел од патот беше многу пријатно за движење. Потоа постепено ветрот се засилуваше, а и правецот на движење, па залади и мораше добро да се облечеме. Одеднаш започнавме да гледаме светла што ни се приближуваа и сфативме дека има уште некоја група на планинари кои доаѓаат во наш правец. Си викаме „здраво” и првиот дечко од групата ми ја подава раката за да се запознаеме. – „Ангел” – „Калина, драго ми е.” Во истата секунда сфаќаме дека се знаеме многу одамна и дека не сме се познале веднаш во темницата, па почнуваме сите да се смееме. Ги среќаваме и Игор, Тино и Крбалески кои се спуштаа од домот, правиме некоја фотка, се поздравуваме и продолжуваме нагоре.

Ноќта е убава, а чувството кога ќе стигнеш на Големо Езеро е непроценливо. Влегов внатре, во таа добро позната куќарка, излепена со фотографии од Димитар Илиевски – Мурато и другите планинари кои во текот на годините направиле експедиции кои заслужуваат почит и свое место тука, во овој прекрасен дом. Се поздравувам со луѓето, се запознавам со нови, меѓу кои и планинарите од Гевгелија со кого имав контакт само на социјалните мрежи, а сега имав прилика и во живо да ги видам и да се уверам дека се топли и пријатни луѓе како што и ги замислував и со радост ја чекам турата кога патот конечно ќе ме однесе и кон нивниот Кожуф. По краткиот престој со луѓето, одлучувам да легнам порано, за да имам сила за наредниот ден.

По 2 часа сон, се будам и слушам дека некој во собата (секако дека нема да именувам кој ? ) хрчи многу гласно, а звукот пробива низ ѕидови. Останатите почнуваме да се смееме и сфаќаме дека нема да може да се спие уште долго. Среќа битолчани се ептен мајтапчии и од се’ прават смешка, па јас не можев да се соберам од смеење. На крај, звукот за момент исчезна, а Димса ја кажа легендарната „Драги гледачи, после 3 саати конечно ќе може да се спие на Големо Езеро”.

Утредента станавме, а ветрот дуваше премногу јако уште тука, на оваа висина. Знаев дека горе не чекаат урагани, па не се ни брзав да тргнам. Си седев со луѓето што и минатата година ме примија во нивната просторија, да се напијам кафе и чај и да се спремам за 28-миот традиционален марш посветен токму на Мурато, на неговиот сакан Пелистер.

Започнавме да се движиме во група и неизбежно сите застанавме над домот, на онаа точка од каде се гледа целото езеро, да го овековечиме уште еднаш и да продолжиме понатаму. По патот многу се смеевме и уживавме, а првата куса пауза ја направивме на Партизански Врв. Немавме време за одмор, бидејќи ветрот почна да дува се’ појако, па дури и носеше. Којзнае колку јакни, капи и маици останаа да летаат по планината и да ја шараат во разни бои.

По патот уживав гледајќи ги огромните пространства што се отвораа пред моите очи и цветовите кои полека излегуваат на површина. Ветрот дуваше, а тоа само го зголемуваше чувството на слобода, чувството на припадност тука, на планината. Некаде пред крајот, одлучив да не одам по „стандардната” патека, туку да тргнам нагоре по камењата, за да си го направам уште поинтересно ова патување и доживување на Баба. Стигнав горе и почнав да ги гледам сите драги луѓе од сите планинарски друштва низ Македонија, кои одлучиле оваа сабота да ја поминат токму на овој прекрасен марш.

И како што секогаш бидува, планината и овојпат ми донесе убави луѓе и енергија. Меѓу другите, ја запознав Ели од „Ендорфин”, една позитива во движење, која од прва се однесуваше како да се знаеме цел живот, а не само неколку минути и која ми кажа дека доколку немам планови, можам да продолжам со нив за Кичево и да одам на нивната слава наредниот ден. А славата – прослава на Bob Marley day во нивниот двор, со Conquering Lion кои ќе свират во живо. Знаев дека тоа е тоа и без многу мислење се согласив.

После поминати скоро два часа на врвот, многу прегратки, фотографии и муабети, со Сашо почнавме да се спуштаме надолу, кон планинарскиот дом „Ловечка.” Таму повторно драги луѓе кои не успеав да ги видам на врвот, освежување и фасцинација од глетката пред нас. Пелистер како и секогаш ни приреди вистинско уживање, со својата огромна, богата шума, реките што жуборат, птиците што пеат. Од таа причина и се симнав долу со чувство на благодарност кон планината, благодарност и силна љубов. Напишав непосредно потоа, а еве и сега повторно, „Пелистер, ти благодарам”.

И кога заврши оваа приказна, дојде време за наредната. Се качив во комбето со дечките од „Ендорфин” и оттаму продолживме за Кичево. По патот Давор ми зборуваше за сите планини и села покрај кои поминавме, Мече ми зборуваше за Демир Хисар, а дознав и за селото Ехлоец, за кое не знаев дека постои и кое се наоѓа на Стогово, до Гари, по што веднаш ми дојдоа мисли во глава како би можел да се помине целиот тој дел и да се направи една убава прошетка. Кога стигнавме во градот се сместив кај Нате, чија гостопримливост и непосредност направи уште од прва да се осетам „како дома”.

Правевме планови каде би се одело наредниот ден, па на моја голема радост Давор предложи да одиме на Самовилските водопади, кои претходно ги имав видено само на фотографии и многу ми се бендисаа. Откако вечерта прошетавме низ Кичево, каде првпат одам, станавме рано утредента и тргнавме во новата авантура. Почетокот беше во селото Добреноец, а патот натаму беше магичен, со огромни зелени пространства и моите омилени стари, напуштени куќарки. Фотографирав од автомобилот, а Даниел и Нате ми рекоа да си чувам батерија на телефонот, бидејќи ќе има многу за фотографирање. На самиот старт имаше табла на која пишува „Рекреативна патека до водопади”, но тоа се покажа како неточно, бидејќи оваа патека иако лесна и не многу долга, си бараше од учесниците малку храброст и малку повеќе лудост, качување по стрмен терен, преминување реки со скок преку камењата или со боси нозе и останати подвизи.

Се движевме низ букова шума, а јас не можев да си поверувам на очите. Ова беше нестварно убава шума, со прекрасна река под нас, околу која имаше големи зелени цветови и даваше свежина на овој топол мајски ден. Најинтересно беше што кога го прашав Давор на која планина се наоѓаме, ми кажа дека сме на Бистра, мојата драга Бистра, каде ги имам направено првите чекори и која од таа страна на планината ја нарекуваат Женска Планина. Веднаш ми стана јасно зошто ме освои од прва и зошто толку убаво се чувствував. Одејќи по патот, стасавме до едно место каде направивме куса пауза и кое ме потсети на ливадата во Лазарополе, онаа кога одиш кон Ѓурепи, што ми го стопли срцето. Одев натаму и се прашував како е можно да има уште толку многу неоткриени убавини и како е можно секое одење на планина да се осеќам како да ми е првпат и уште во себе да ја носам истата возбуда и среќа?

Одејќи низ тесното патче, опкружени со најубавото зеленило, стигнавме и до првиот, каскадниот водопад. Меѓусебно си помагавме и се бодревме, бидејќи на моменти навистина имаше делови кои беше тешко да ги поминеш сам, ама секако една од најубавите работи кои се среќаваат тука се другарството и солидарноста, па тоа уште толку не зближи и развесели. Кога стасавме до малиот водопад, со пад од 14 метри, останавме занемени од неговата убавина, а оттаму се упативме и кон големиот, нестварно убав и магичен.

Седнавме тука, на звучна медитација, опкружени само од звукот на водопадот и некое време не изустивме ни збор, зашто навистина немаше потреба од зборови. Го прашав Давор што има над него, па отидовме на кратко разгледување на теренот, а кога сфативме дека има долг пат нагоре, се договоривме ова истражување да го спроведеме во некоја наредна прилика. И кога се спуштивме долу кај останатите, се случи една многу интересна работа. Миле носеше една флаша вино, која си ја чувавме да ја пиеме токму тука и која ја остави во водопадот да се олади. Но, бидејќи се наоѓавме на Самовилски водопади, самовилите вмешаа прсти, а виното се претвори во ракија. Миле испадна добар мајтапџија, а ние добро се изнасмеавме, како и во текот на целиот ден.

Со нас цело време беше и другарката Каја, кучката на Даниел, која се погрижи за нашето освежување и плеткање меѓу нозе, ама која беше многу интересна за гледање, бидејќи беше возбудена и уживаше заедно со сите нас. Секој чекор до крајната цел беше од убав поубав, а на крајот убаво се оладивме крај водопадот и пиевме студена вода директно од него. Подоцна ни се придружија и тројца возрасни планинари од планинарското друштво „Бистра” – Кичево, од кои дознав дека пештерата Калина Дупка која се наоѓа во Лазарополе, завршува токму во селото Ехлоец, кое го спомнав погоре, што само ми потврди дека е време за посета и истражување на овој дел.

На симнување повторно седнавме на онаа ливада полна со цвеќиња, Александар го пушти Сариевски, а околу летаа пеперутки. Не можев да си поверувам на сите убавини што ги видов и доживеав и само си офкав колку ми е убаво на душата. После сите овие слики на природата која не маѓепса, отидовме до Добреноец да се релаксираме, а вечерта кај милите Баже и Ели на нивната „слава”, која ептен убаво не размрда и се надевам ќе си ја слават уште многу години и ние заедно со нив.

Така помина и овој викенд кој беше спој на моите две драги планини, едната на која пораснав и другата која последниве години со љубов ја истражувам и не престанува да ме изненадува. На сите кои бевте дел од оваа приказна, за убавиот збор и мисла, подадената рака и прегратка, неизмерна благодарност!

До следна прилика,
Калина