„Еј, абе сега гледам дека Трансверзалец уствари излегува на Партизанска!” – Беа меѓу првите зборови што ги кажав кога започнавме со обуките за планинарска ориентација во просториите на друштвото. Сите прво малку чудно ме погледнаа, па прснаа да се смеат. „Ќе те биде Калина, ептен имаш ориентација”, викна некој со громогласно смеење. Денес знам дека не излегуваме на „Партизанска”, ама оваа случка уште долго ќе служи за тежок ремет на моја сметка.

По неколку часови теорија и неколку часови пракса, дојде викендот наменет за натпреварот по планинарска ориентација. Нашиот 3F тим, составен од мене, Марта и Вероника, се склопи сосема случајно, на една од прошетките на Водно. Со Вероника имавме два тренинзи до горе изминатата недела, со цел подобрување на кондицијата, а Марта веќе имаше поминато натпревар по ориентација, па таа ни беше значаен дел од тимот бидејќи има искуство со наоѓање на контролните точки и ориентирање во просторот со помош на мапа и компас.

Сабота, 10 часот се собираме на средно Водно, каде е почетокот на натпреварот. Сите расположени и среќни, не владее компетитивност туку сите сме насмеани и расположени, се радуваме на викендот што следи, на убавата дружба која ќе биде неизоставен дел од овој натпревар. Дојдоа Дени, Александар, Еми, Кузе и уште неколку луѓе за да не видат и поздрават и да помогнат во организацијата на настанот и дојде време за старт. Натпреварувачите спремни, со бројчиња на нив, се чита тимот, почнуваат да трчаат, сите им аплудираат, многу убаво и забавно.

Дојде време и за старт на нашиот тим. Мапата ја даваа непосредно пред почетокот, па не знаевме каде се точките и каде ќе треба да се движиме, но бевме веќе видно возбудени и расположени. Алармот свирна и дојде време за старт. Патеката води кон Маркови кули (Марково крувче). Првата контролна е недалеку од стартот и многу лесно ја наоѓаме. Радости до небо и многу смеење. Одиме на втората, со трчање, дисциплинирани. Вероника се искачува до Мартиново Брдо, каде што е втората точка. Тргнуваме кон третата, ги гледам девојките кои ни се конкуренција и се радувам зашто знам дека стартувавме после нив, а сега сме сите на исто место. Трета контролна е на самиот пат, сите лесно ја наоѓаме и тука јас правам огромна грешка и добивам некоја чудна сила да трчам нагоре, а со тоа и ги мотивирам девојките позади мене, мислејќи дека четвртата е некаде горе.

И одеднаш, ништо. Ги гледам Снешка, Мици и Јасмина, ги гледам девојките од АРМ и сум убедена дека сите ја бараат истата точка. После некое време ги снемува и сфаќам дека ја нашле. Со девојките од мојот тим се делиме, бараме насекаде, одиме нагоре-надолу, точката никако да се појави. Дојдоа и тимот „Трчачки кози” (Даме, Игор и Петре), заглавиле на истата точка. Ок, и онака не сме конкуренција, ајде ќе ја бараме заедно. Дојдоа и двата тимови од АРМ, ништо. Сите заеднички ја гледаме мапата, правиме пресметки, бараме некој познат терен, било што што може да ни послужи. Четвртата контролна ја нема. Застанавме и да се сликаме и да се посмееме, бидејќи навистина беше смешно што од толку многу луѓе, никој не знае каде е, а наместо некој борбен дух и надмудрување, ние функциониравме како сите да сме заедно во ова. После речиси 2 часа талкање, Даме, Игор и Веро ни јавија дека била долу и дека сме ја испуштиле во она трчање и обид да се стигне што побрзо. Тоа е што е, си викаме меѓу себе и со многу смеење и песна одиме натаму, кон петтата контролна. Веќе точно знаеме каде сме и каде треба да одиме и со голема леснотија ги наоѓаме наредните две точки. Стигнавме трите заедно на целта, насмеани и видно расположени, кога некој на микрофон рече „ајде Калина, редно беше”.

Воопшто немаше разочарување, ниту лутина, постојано меѓу себе си кажувавме дека важна е дружбата, важно е дека ќе бидеме 2 дена на Водно и убаво ќе си поминеме, а натпреварот ќе го доживееме како еден убав настан, кој ќе се памети и можеби ќе не мотивира во иднина малку посериозно да се позанимаваме со вакви активности. Ги оставивме ранците и излеговме да го фатиме зајдисонцето на Водно, да ги видиме Шара и Солунска, да поуживаме во последните мигови од денот. Кога се вративме во „Даре Џамбаз”, дојде делот за тест прашања по топографија и задачи. Како човек што никогаш не ја засака математиката, вистински се трудев да и помогнам на Веро, која ептен посветено се внесе во решавањето, како и да го слушам Дениз во неговите совети што значи да пресметаш координати, метри и азимут, поими што до вчера за мене биле целосно непознати.

А по тестот и сумирање на резултатите, се знаеше. Дојде време за опуштање и забава. Се местеа звучниците и микрофоните, Бубац и Марта беа диџеи, но секако задолжени и за пеење, се играа ора и некои останати танци, беше превесело и пресмешно. Секој што знае и не знае да пее си се обиде да запее по некоја омилена песна, Даме не смееше со неговото добропознато имитирање на џинглот на „Зона” радио и паѓавме од смеење.

Сепак, не смеевме да си дозволиме многу да заглавиме, зашто наредниот ден повторно не чекаше рано станување и уште еден круг од натпреварот. Во домот спиевме покриени со ќебиња и вреќи, но дуваше толку силен ветар, што многу често ме будеше од сон и беше многу студено, ама па кога ќе се потсетам каде се’ имам спиено, ова беше хотел со 5 ѕвезди. Станав на време да ѕирнам низ прозорецот и да го видам првиот зрак сонце, но продолжив со спиење зашто знаев дека повторно ме чека трчање и барање и ќе ми треба сила.

Некаде пред 8 сите веќе бевме на нога, кој кафе, кој доручек, кој медитација на сонцето горе на врв. Почнаа да пристигнуваат и првите планинари на Водно, времето ветуваше уште еден убав ден на планината. Повторно се спремивме со стартните броеви и дојде време за вториот дел од натпреварот. Овојпат стартот беше на патеката за Матка, која ја немав одено две години, па не знаев дали ќе успееме да се снајдеме. Но денес и атмосферата беше поопуштена, сите си помагавме и кажувавме, една по една ги баравме и наоѓавме знаменцата, дури и во еден момент се пресретнавме со женските кои ни беа „вечна конкуренција”, па заеднички одевме по патот и се поделивме во групи со цел побрзо да најдеме каде ни се зацртаните точки. Крајот беше на средно, каде што се’ започна и каде веќе можевме сите да здивнеме. Некои си чекаа ручек, некои отидоа да докупат нешто што ни недостасува, диџеите повторно си се фатија за работа, пак песна, пак смеа, пак убава енергија.

Чичко Зоки во еден момент дојде да ги прогласи победниците и да ги подели дипломите, нашиот 3F го освои третото место, ама бевме многу среќни и весели и тоа најмалку ни беше важно. На подарок добив една карирана торба за пазарење, па тоа многу повеќе ме израдува од податокот која позиција сме ја освоиле, зашто овој натпревар беше за се’ освен за тоа, барем во мојата глава.

Си помислив на сите пати кога сум кажувала дека не можам да трчам бидејќи немам капацитет на плуќата и дека никогаш нема да можам да го правам тоа во животот и се фатив себеси како трчам, трчам додека ме држат нозете, нагоре-надолу, сакајќи да стигнеме што поскоро до наредната контролна. Се потсетив на сите моменти кога сум викала дека сум човек со најслаба ориентација и дека никогаш не би можела сама да се снајдам некаде, ама овој натпревар малку ми ја смени сликата за себе и за тоа дека можеби кога нешто сакаш да постигнеш, не е толку неостварливо. Сфатив дека за разлика од градот, горе се потпираш на себе и сопствените инстинкти, се трудиш и се вложуваш бидејќи знаеш дека познавањето на теренот, читање на мапите и користењето компас некогаш може да ти го спасат животот. Овој викенд за мене беше значаен и заради тоа што видов една друга страна од планината, која не е само „Цветкова” и другите стази кои редовно ги одам, туку има многу за истражување и гледање. Дури на момент една од патеките по која се движевме ме потсети на Олимп, колку и да им звучи тоа смешно на оние кои ќе го читаат текстот. Знам дека секогаш меѓу луѓето што ги знам ќе важам за човек што не знае да се снајде во просторот и за кого Карпош 4 е „лавиринт” населба во која се губам, иако баба ми и дедо ми се од таму, а „Трансверзалец” ќе ми излегува на „Партизанска”, ама викендов научив дека секој си има по некој свој талент и дарба, некој знае да пее, некој да готви, некој да прави забави и во тоа е убавината. И за крај сфатив дека навистина, колку и да звучи клише, на овие натпревари секогаш е најважна дружбата и забавата што владее помеѓу натпреварувачите, а не самиот натпревар и финалните резултати.

Откако си заминаа поголем дел од луѓето, останавме уште 10-тина од нас, го распославме големото шаторско крило на чичко Дуле и легнавме да уживаме во сонцето. Тоа беше многу убав, медитативен момент, на конечно опуштање и релаксирање, раскажување смешни ситуации и вицови и уживање во остатокот од овој прекрасен викенд.

На крајот, сакам да изразам благодарност до „Трансверзалец”, Федерацијата на планинарски спортови на Македонија и сите добронамерници и волонтери за организацијата на настанот, на гостите од другите градови за нивното учество и убаво поминатото време и до сите останати кои беа дел од овој настан, за кој се надевам дека со текот на годините ќе стане уште помасовен и попосетуван, бидејќи е навистина едно преубаво искуство.

До следна прилика,
Калина