На 16 јуни идната година започнува 9-тото издание на Red Bull X-Alps кое најверојатно ќе биде едно од најтешките параглајдинг натпревари во светот. Меѓу 32-та избрани пилоти на стартот за прв пат помеѓу елитата ќе биде и еден пилот од бившите ЈУ простори - хрватот Марко Хргетиќ Хрга.

Red Bull X-Alps започна како предизвик и авантура во непознатото во 2003 година. Инспирирани од соло подвигот преку Алпите на германскиот пилот Тони Бендер во 1999 година, 17 параглајдеристи се собраа во австрискиот град Салзбург со намера да ги поминат Алпите тркајќи се до конечната цел во Монако. Трка во ваков формат дотогаш не беше видена во светот на параглајдингот. Според правилата кои тогаш се поставени, учесниците во својот напредок до целта не смееа да користат никаква помош од страна, мораа да ги поминат зададените контролни точки, а дозволените начини на движење беа исклучително со летање и пешачење (или трчање, секако, ако успеете да трчате по стрмните алпски патеки, носејќи ја на грб цела потребна опрема и параглајдерско крило). Од 17те само тројца дојдоа до целта. Најбрз беше Швајцарецот Каспар Хени, на кој му требаа 11 дена, 22 часа и 55 минути да ги помине Алпите.

Така параглајдерскиот свет доби своја култна трка. Светските првенства, службените натпревари и ранг листите се едно, а Red Bull X-Alps е сосема нешто друго. Комбинацијата на издржливост, упорност и сила која ви е потребна на земја и летачкото искуство, планирање и навигирање кои ви требаат во воздух, од пилотите бара посебност. Иако не е на одмет, дури ниту титулата „светски првак“ не гарантира дека ќе бидете избрани за настап. И затоа, во средината на октомври комисијата која од стотина апликации од цел свет одбра само 32јца, ја објави листата на пилоти кои ќе настапат на Red Bull X-Alps 2019, речиси е неверојатно дека на неа ќе се прочита името на еден Хрват. Но тоа чудо е помало ако малку повеќе го познавате Марко Хргетиќ.

Хрга во своите речиси 15 години летање со параглајдери има сјајни резултати и убедливо е најдобар хрватски летач. Но пред и после сјајните резултати кои ги остварил и сеуште ги остварува во спортската кариера, над се стои неопислива страст кон летањето.

Во прилог кратко интервју со Марко Хргетиќ објавено во списанието Outdoors, неколку дена после објавата за неговиот настап на Red Bull X-Alps.

Настапот на овој натпревар е остварување на твој долгогодишен сон?
Така е. Од кога чув за ова, сонував да бидам еден од одбраните, и би рекол привилегирани, кој учествува во својата авантура. Соништата можат да се остварат ако добро се потрудиш да се остварат. А јас сите овие години навистина се трудев.

Зошто те привлекува баш Red Bull X-Alps?
За мене овој натпревар отсекогаш претстаувал најголем предизвик за XC пилот. Толку е тешко, толку предизвикувачко, и во крајна линија недостапно, што едноставно чувствував потреба и порив да го доживеам барем еднаш во животот. Уште пред неколку години на учесниците гледав како на богови. Боговите кои се собираат на едно место и тогаш прават неверојатни работи на тој свој пат преку Алпите до Монако. Денес, после толку години поминати во воздух, после силни тренинзи и натпревари на многу високо ниво, сега се чувствувам спремен да им се придружам.

Сега кога знаеш дека си меѓу одбраните, на кој резултат се надеваш?
Сметам дека моментално сум на врвот на своите способности. Без лажна скромност можам да речам дека сум пилот на највисоко ниво и дека можам рамноправно да летам со најдобрите и во сите услови. Имам сјаен тим на луѓе околу себе, се чувствувам добро, и многу сум мотивиран. Имам и искуство во летање на Алпите; многу делови на кои сум летал се дел од патот до Монако. Секако дека успехот зависи од бројни фактори, но сега кога добив можност, верувајте дека не одам таму само за да учествувам. Одам на резултат, одам на победа и убеден сум дека можам да бидам конкурентен.

Што е клучен фактор за успех на Red Bull X-Alps?
Ја проучував тактиката на сега веќе петкратниот победник Кристијан Маурер и мислам дека за победа на X-Alps најважен е тимот и тимската работа. Секако дека морам да бидам физички спремен за да поминам стотина километри по алпските врвови, секако дека ќе треба да го искористам и своето летачко знаење и умешност, но поддршката од тимот е клучна. Да се помине што повеќе време во воздух, а што помалку да се пешачи, нужно е да се проучат сите можности на терен и да се следат временските услови, ветерот, термиката... Всушност во тоа лежи посебноста на ова натпреварување. Работата не е само во летањето или само во издржливоста, поддршката, ниту во опремата, пилотот, ниту тимот... Работата е во тоа дека многу од тоа мора да се усложи така што би работело како швајцарски часовник. Не е случајно дека сите победници досега биле од Швајцарија.

Спомна пешачење. Како поголемиот дел од акцијата се одвива на Алпите, пред тоа ова можевме да го наречеме планинарење. Организаторите кои ја опишуваат трката спомнуваат и треил трчање, па дури и качување. Како стоиш со тоа? Каков си кога ќе се приземјиш?

Да, навистина може да се рече дека најмалку искуство имам во приземните работи. Не сум баш некој планинар, уште помалку алпинист. Не сум учествувал на никакви ултра треил маратони, тркачки авантури и слични натпревари. Меѓутоа, не сум и некој лаик. Во одлична физичка форма сум, а до трката имам уште доволно време за дополнителен тренинг. Живеам во Мексико, на висорамнина на надморска висина од околу 2000 метри, а тренирам на висина и над 3000 метри. Сум се искачил на 5230 метарскиот врв Iztaccihuatl, а од време на време имам висински тренинзи на Nevado de Toluca кој е висок 4700 метри. Мислам дека во оваа смисла дури имам и мала предност над останатите натпреварувачи. Имам и некое искуство во качување, знам да користам качувачка опрема, јажиња, појаси, алатки... Но, сепак се враќам на тимот. Од една страна, двајцата мои помошници, освен што се летачи, се и искусни планинари. Адриен, французин кој одлично ги познава Алпите и сигурно значително би ми помогнал. Меѓутоа во секој случај ќе настојувам помалку да пешачам, а што повеќе да летам.

За крај, да се вратиме на почетокот. Кога и како се случи љубовта кон летањето? Зошто толку сакаш да си во воздух?
Од кога знам за себе сонував да летам. Кога бев мал, сакав да бидам пилот, а авионите и авијацијата ми беа опсесија. Мене летањето ми е се. Не можам да се замислам без летање. Да се биде во воздух е како некоја медитација, заминување од една во некоја сосема друга димензија, чувствуваш целосна слобода... Тоа е сосема некој друг свет.

Red Bull X-Alps правила
Правилата за натпреварот се едноставни во својата бруталност: првиот пилот кој ќе слета на целта во Монако, а ги поминал сите контролни точки, е победник. Трката завршува 48 часа после доаѓањето на победникот на целта. Редоследот на пилоти кои не успеале да стигнат до целта во тие 48 часа се одредуваат според преостаната километража.

Пилотите од 22:30 часот навечер до 05:00 наутро следниот ден имаат време на задолжителен одмор кога несмеат да напредуваат. Пилотот за време на трката мора цело време да го носи своето крило и цела опрема и во ниту еден момент не смее да има помош од страна. Исто така, за време на пешачењето, не е дозволено да се користат тунелите на патиштата.

Секој пилот мора да има и помошници кои ќе го следат на терен и кои ќе се грижат за логистиката, креирање тактики, следење прогноза, комуникација за водство во трката итн.