Си направивме муабет со акро пилотот Борис Јаневски, млад талентиран дечко од Скопје кој акробациите ги доживува како дел од него, а во ова интервју дознавме повеќе за него и неговите амбиции во летањето.

1. Ќе може ли да се претставиш себеси на кратко?

БЈ: Јас сум Борис Јаневски, имам 24 години. Љубител сум на екстремни спортови и улично вежбање (street workout). А со параглајдингот почнав да се занимавам пред 3 години.

2. Од каде љубовта кон летањето?

БЈ: Љубовта кон летањето ми е вродена. Уште од мали нозе правев разни направи со кои што мислев дека би можел да полетам хаха. Ја имав таа среќа да си го остварам својот детски сон.

3. Кога и зошто почна да се интересираш за параглајдерството?

БЈ: Пред точно 3 години случајно видов оглас на една босанска веб страница каде што се продава стар параглајдер. Имав точно пари за да го купам. Го купив и ги контактирав локалните пилоти во Тузла (БиХ) кои што веднаш инсистираа да почнам да учам да летам.

Boris Janevski

4. Каде и како почна да учиш да леташ?

БЈ: Почетоците ми беа во Тузла со „Параглајдинг Тим Тузла“ на чело со претседателот Омер Бајрич кој што ми помогна со комплетирање на целосната опрема.

5. Сведоци сме на твојот брз напредок, на што се должи истиот?

БЈ: Мојот напредок е само многу тренинг и многу саати на земја и во воздух како и теоретско покривање на поголем дел од тематиката.

6. Какво е чувството кога за прв пат ќе се одвоиш од земја?

БЈ: Најубавиот момент во параглајдерството е токму тој момент кога нозете ќе се одлепат од земјата!

7. Од неодамна почна да се занимаваш со акробатското летање, зошто токму тоа и со кој тренираш?

БЈ: Акробатското летање е дел од мене и секогаш ќе биде. Иако немам доволно ресурси и услови да се усовршувам до големото светско ниво, пак ќе се трудам да напредувам со некоја добра прогресија. Таков вид на летање ми претставува предизвик бидејки бара прецизни моторички и психофизички способности на пилотот да ја контролира куполата на параглајдерот.

8. Можеш ли да издвоиш една локација која според тебе е најубава за летање во Македонија?

БЈ: Водно отсекогаш ќе ми биде најубавата локација според мене. Иако ги има многу кои што се по атрактивни и по убави за различни видови на летање.

Boris Janevski

9. Дали и како параглајдерството го промени твојот живот?

БЈ: Секако! Ме научи на голема одговорност кон самиот себе и опремата со која што летам па тоа се пренесе и во другите сфери на животот. Исто така ме научи да бидам смирен во ситуации кои што бараат брзо и критично размислување. Многу позитивни работи носи овој спорт... Од дружба со позитивни луѓе и уживање во природата.

10. Кои се твоите амбиции и планови за 2019 година?

БЈ: Планирам да се натпреварувам и во дисциплината XC (прелети) бидејки имаме многу талентирани млади дечки кои што редовно се натпреваруваат во оваа дисциплина и од кои што може многу да се научи. Од тие дечки може да ги издвојам Дарко Станковски, браќата Јовановски, Ѓорѓи Ристовски, Борис Данески итн... Во план ми е и да се натпреварувам во акро летањето на 14 јуни оваа година во Италија заедно со мојот инструктор Мендо Велјановски.

11. Покрај параглајдерството, што друго го исполнува твоето секојдневие?

БЈ: Дружба, работа и уживање во работите кои што ме прават среќен.

12. Што ќе им порачаш на сите оние кои се плашат да излезат од комфортната зона?

БЈ: Комфорт зоната е тапкање во место. Има една поговорка „Бродовите се сигурни на пристаништето, но тие не се направени да седат таму“. Бидете храбри и среќата ќе ве прати!