Годинава изминуваат 240 години од првото искачување на Триглав.

Триглав со своите 2864 метри е највисокиот врв на Јулијските Алпи, а воедно и највисок врв во Република Словенија.

Првото забележано искачување на Триглав е на 26-ти август 1778 година. Овој потфат, поттикнат од важниот словенечки просветител, баронот Жига Зоис, е направен од четворица Словенци од Бохињ и околината. Тоа се рударите Лука Корошец и Матија Кос, ловецот на дивокози Штефан Рожич, и човекот што лекувал рани, Ловренц Виломитзер.

Triglav

Првото женско искачување на овој врв е направено во 1870 година од дваесетгодишната Розалија Шкантар.

Столбот кој денес стои на самиот врв наречен Аљажев столб е направен во чест на жупанот од Довје, Јакоб Аљаж. Тој, сакајќи да се спротивстави на германските влијанија на свој начин, во 1895 од општината Довје откупува 16м2 на самиот врв и на мајсторот Антон Белц од Љубљана му нарачува да го изработи столбот, за кој што вели дека го нарачува „по свој план, на свој трошок, за општа корист“.