Сигурно многупати сте слушнале за „Seven Summits“ или „7-те врвови“, но што точно значи тоа. Тоа се група на највисоките планини односно врвови на секој од 7-те континенти. Да се качите на секој врв, се смета за голем планинарски потфат!

Првиот човек кој го смисли овој назив, и ја направил првата листа и го извел овој голем потфат е Ричард Бејс завршувајќи на 30 април 1985 година. Ова се гигантите подредени од најнискиот до највисокиот:

7. Кошчушко (Австралија)

Kosciuszko

Најголема планина на главниот остров на Австралија, со највисокиот врв од 2228 мнв. Се наоѓа во склоп на Националниот парк Кошчушко. Планината го добила името по полскиот национален херој Тадеуш Кошчушко. Меѓутоа, највисоката планина на целокупниот австралиски континент е Пунџак Јаја (4884 мнв.) кој се наоѓа во индонезиската провинција Папуа на островот Нова Гвинеја. Планината е уште позната под името Карстна Пирамида. Додека Кошчушко е лесна планина за искачување, Пунџак Јаја е исклучително тешка.

6. Винсон (Антартик)

Vinson

За да успеете во овој потфат наречен 7 врвови ќе мора да дојдете на самиот југ на нашата планета. Планината Винсон припаѓа на масивот Винсон и е највисока планина на ледениот континент. Масивот се наоѓа околу 1200 километри од јужниот пол, долга е 21 километар и широка 13 километри. Највисокиот врв се издигнува на 4892 метри над морското ниво. Масивот Винсон прв пат е забележан во 1958 година, а додека во 1966 година е прв пат искачен. До февруари 2010 година, 1400 планинари успеале да стигнат на врвот на овој леден џин.

5. Елбрус (Европа)

Elbrus

Сеопшто прифатено, највисокиот врв на Европа се наоѓа на планината Елбрус во Кавказ. Има два големи врва, западен (5642 мнв.) и малку понизок источен (5621 мнв.). Меѓутоа, сите не се сложуваат околу границата меѓу Европа и Азија, така што прашањето за највисок врв на Европа е спорно. Ако се земе Кумско-маничката депресија како природна граница меѓу двата континенти, Кавказ и Елбрус лежат целосно во Азија. Но ако Големиот кавкаски слив претставува граница тогаш врвовите на Елбрус се наоѓаат во Европа, на граница со Азија. Мон Блан (4810 мнв.), највисокиот врв на Грајанските Алпи лежи на граница помеѓу Франција и Италија, некои го сметаат за највисок врв на Европа.

4. Килиманџаро (Африка)

Kilimanjaro

Врвот на црниот континент. Едно од најубавите места на нашата планета! Во близина на кенијската граница, но севкупно се наоѓа во Танзанија. Највисок врв е Ухуру (5892 мнв.) и се наоѓа на вулканската зона Кибо. Планината е исклучително лесна за искачување и може да ја качи практично секој со пристојна кондиција и трпение. Многу луѓе ја искористуваат оваа шанса во својата авантура да додадат и сафари.

3. Мекинли (Денали) (Северна Америка)

Denali

Највисоката планина во Северна Америка со највисокиот врв од 6168 мнв. Трета по висина во светот после Монт Еверест и Аконкагва. Се наоѓа на Алјаска и е средишен дел од националниот парк Денали. Во 1903 година е забележан првиот обид за искачување на планината кој бил неуспешен. Прв успешен обид се случил на 7 јуни 1913 година од страна на Хадсон Стак, Хари Карстенс, Волтер Харпер и Роберт Татум, по јужната патека. Во 1951 година Бредфорд Вошбурн ја открил западната патека, која се смета за полесна и побезбедна, која и ден денес е најпопуларна.

2. Аконкагва (Јужна Америка)

Aconcagua

Анонкагва е највисока планина надвор од Азија, со највисок врв од 6960 мнв. Се наоѓа во пределот на Анда во провинцијата Мендоза, Аргентина. Највисокиот врв се наоѓа на 5 километри од провинцијата Сан Хуан и 15 километри од чилеанската граница. Планината и опкружувањето припаѓаат на Националниот парк Аконкагва. Планината е позната по бројните глечери. Најголемиот глечер го носи името Ventisquero Horcones Inferior и долг е 10 километри. Од планинарски аспект, планината е лесна за искачување ако се приоѓа од северната страна. Не се потребни јажиња и друга опрема за обезбедување. Иако последиците од висината се големи (атмосферскиот притисок е 40% поголем отколку на подножјето) не е потребен дополнителен кислород. Иако е лесна за искачување, се случуваат несреќи секоја година. Главната причина за тоа е во тоа што планинарите кои пробуваат да се искачат го потценуваат ризикот кој оваа планина го носи.

1. Монт Еверест (Азија)

Everest

Монт Еверест е највисока планина на светот. Се наоѓа на Малангура, дел од Хималаите. Врвот достигнува висина од 8848 метри над морското ниво. Монт Еверест привлекува многу искусни планинари и качувачи кои ангажираат професионални водичи. Постојат две главни патеки, првата е кога се качувате на врвот од југоисточната страна во Непал (попозната како стандардна патека) и втората која води од север на Тибет. Иако за искачување не се потребни преголеми качувачки способности, Еверест носи голема опасност! Најголемото измачување е поради висината, непредвидливото време, ветерот и големите физички пречки и опасности како што се лавини и Кумбу глечерите. Неопходно е да се носи боца со кислород поради разредениот воздух, но постојат луѓе кои го искачиле врвот без дополнителен кислород.

Ричард Бејс, бизнисмен и планинар, во 1985 година успева да стане првиот човек кој се качил на сите 7 врва! Во само една година, 1983, се качил на сите шест врва, освен на Монт Еверест. Сите потфати ги извел заедно со својот колега Френк Велс. Во повеќе наврати пробувале да го искачат Монт Еверест, највисокиот и најтешкиот од сите на листата. Но во 1985 година, Бејс со професионалниот планинар Дејвид Брешер на 30 април го искачува и последниот врв од листата. Подоцна напишал и книга за 7-те врва во која ги опишува сите доживувања и потфати. Во 1992 година јапонката Џунко Табеј е првата жена во историјата која ги искачила 7-те највисоки врвови на светот!