Во Македонија постојат многу алпинистички локалитети, а меѓу попознатите се Матка во близина на градот Скопје, и локалитетот Демир Капија кој се наоѓа во јужниот дел од државата по течението на реката Вардар. Други алпинистички локалитети се Пешти во близина на Велес, Сапунџица и Чичи Кај на Кожуф, на Китка и др.

Во западниот дел од државата најатрактивни локалитети за качување се Лешница на Шара, Нежилови стени на Јакупица, Остра Карпа и Стогот на Селечка планина, истотака и во реонот на Кораб по течението на реката Радика. Покрај овие алпинистичка активност може да се прави и на планините Бистра, Баба и Галичица.

Матка

Matka

На околу 10 километри југозападно од градот Скопје во кањонот на реката Треска е сместен алпинистичкиот и спортко-качувачкиот локалитет Матка. До локалитетот може да стигнете по асфалтен пат со автомобил или со градски автобуски превоз на ЈСП Скопје бр. 60, кој тргнува од Транспортниот центар во Скопје.

Насоките за качување се наоѓаат на карпите на двете страни од кањонот на кој е изградена брана и вештачко езеро. Матка претставува срцето на македонскиот алпинизам.

На брегот на езерото се наоѓа и планинарски дом „Матка“ кој е отворен преку цела година и располага со 50-тина легла, а истотака може да се кампува во дворот на домот или во дворот на манастирот Св. Никола Шишевски кој се наоѓа на спротивната страна од езерото.

Составот на карпата на Матка е варовник, алпинистичките и спортско качувачките насоки се сместени на пет локалитети: „Централа“, „Отмарова карпа“, „Карпа кај домот“, „Маткино Трло“ и „Иглите на Матка“.

Има околу 40 алпинистички насоки кои се со тежина од III до VII и A2 според UIAA, а по должина од 150 до 200 метри. Насоките се добро обезбедени со заштита in situ. Додека спортско качувачки насоки има околу 30 и се со тежина од VI+ до IX според UIAA. Тие се добро обезбедени со спит клинови, а должината варира од 15 до 40 метри.

За качување најдобри месеци се од март до јуни и од септември до крајот на ноември, но секако и зимскиот период не е изоставен доколку се погодат пријатни пролетни температури.

Демир Капија

Demir Kapija

Според составот карпата на Демир Капија е најквалитетна, сочинета од чист варовник со одлична компактност. До карпата се приоѓа од автопатот Скопје - Гевгелија, помеѓу двата маркатни тунели на самиот автопат, каде има неколку алпинистички насоки и голем број на интересни спортско качувачки насоки.

Друг приод е од гратчето Демир Капија од каде води маркирана патека до подножјето покрај реката Вардар од каде виснуваат голем број насоки.

Бидејќи не постои книга-водич за алпинистичките и спортско качувачките насоки, карпата е интересна за љубителите на нови премиерни искачувања. Можноста за обезбедување на карпата е одлична, нуди користење на клинови, чокови и френдови, а должините на алпинистичките насоки е од 200 до 300 метри.

За сместување најдобро е со шатори покрај реката Вардар. Најдобар период за качување е од март до јуни и од септември до ноември.

Плоча

Ploca

Во југоисточна Македонија помеѓу градовите Штип и Радовиш се наоѓа локалитетот Плоча. Се извишува на надморска висина од 320 метри во подножјето, и 400 метри на врвот од карпата која е со североисточна експонираност.

Во состав карпата е гранит измешан со басалт каде на места е многу цврста, а на места ронлива. Поголем дел од насоките се со експанзиони клинови, а има насоки и со алпинистички клинови.

На локалитетот постојат повеќе од 30 насоки со различни тежини, меѓу кои спортски насоки, а истотака има можност и за болдер качување.

Во близина на овој локалитет постои мал алпинистички дом кој е со капацитет од 20 легла, кујна и тоалет.

Продолжува...