Лешница

Во срцето на Шар Планина се наоѓа еден мошне живописен регион наречен Лешница. Во радиус од 10 километри се сместени алпинистичките локалитети во овој регион. Пред се зимскиот алпинизам е доста атрактивен овде кој нуди можност за различни вкусови на алпинизам, заледени кулоари со должини од 300 до 700 метри, комбинирани искачувања на кулоари со карпа, замрзнати водопади (околу десетина) со должини од 10 до 30 метри, како и одлични терени за екстремен ски алпинизам.

Во околината на Лешница се наоѓаат највисоките врвови на Шар Планина кои се високи околу 2700 метри и огромни пространства кои се на висина од над 2500 метри, од ноември до мај месец кога има дебела снежна покривка нудат одлични услови за експедициски подготовки.

По својот состав карпата е варовник со прилична кршливост, значително намалена во зимскиот период кога температурите варираат од -15 до -30 степени. Алпинистичките објекти главно се северно ориентирани, но има и такви со западна и јужна поставеност. Алпинистичките насоки се слабо обезбедени, бидејќи станува збор за зимски искачувања.

За стигнување до Лешница постојат повеќе начини, но најдобар е од ски центарот Попова Шапка, патеката води преку врвот Церипашина и спуштање во долината на Лешница. Во зависност од снежните услови за добро подготвените алпинисти пристигнувањето изнесува од 3 до 10 часа.

За сместување постојат неколку објекти од цврста градба како и бачила кои нудат релативно добар комфор, а од алпинистичките насоки се оддалечени околу 30 до 45 минути.

Нежилови стени

Nezilovi Steni

Под врвот Солунска глава (2540 метри) на јужната страна се наоѓа еден голем алпинистички објект во облик на амфитеатар со ширина од 5 километри, и висина од 500 до 1000 метри. Два дела се разликуваат на јужната карпа, еден помасивен и покомпактен кој е свртен кој југозапад и другиот свртен кон југоисток.

Должината на карпата изнесува од 250 до 700 метри, а составот е варовник со кршливост која варира во разлини делови на истата. Постојат околу дваесетина алпинистички насоки со многу слаба заштита in situ. Најголемите проблеми на оваа огромна карпа сеуште го чекаат своето реализирање.

Овде може да искачуваат само добро подготвените алпинисти, бидејќи карпата има комплициран приод кој води преку див и непристапен кулоар, и за тоа би ви биле потребни 3 до 5 часа од најблискиот планинарски дом. Додека за симнување води лесна планинарска патека и за околу 2 часа сте до домот Чеплес.

За пристап до алпинистичките насоки најдобра појдовна точка е планинарскиот дом Чеплес кој е на надморска висина од 1450 метри, а до него се пристигнува по земјен пат за џипови од селото Нежилово, но истотака и од селото Папрадиште. Но истотака постојат и маркирани планинарски патеки од овие две села кои водат до домот.

Планинарскиот дом Чеплес е најдобра опција за сместување овде, има капацитет од над 50 легла и е отворен во текот на целата година.

Најдобар период за искачување е од почетокот на јуни до краен септември.

Остра карпа, Стогот

Ostra Karpa

На Селечка планина на карпестиот масив во должина од околу 20 километри се наоѓа алпинистичкиот локалитет Остра карпа. Сместен е северно и југозападно од градот Прилеп, по својот состав карпата е гранит со примеси и нуди одлични услови за искачување од типот clean free climbing.

Таа се наоѓа на надморска висина од околу 1300 метри, со експонираност на делови кон сите страни на светот, што дозволува искачување во текот на целиот период од годината.

Должините на алпинистичките насоки изнесува околу 150 метри, со тежини од III до VIII. Добро се обезбедени со заштита in situ, но неопходно е носење на доволно опрема како френдови и чокови.

Пристапот до овој локалитет е од градот Прилеп преку селото Селце од каде има маркирана планинарска патека која се поминува за околу 3 часа. Друг пристап е по асфалтен пат кон регионот Мариово, за потоа по земјен пат за манастирот Св. Никола над село Прилепец. Од манастирот се пречи падината на планината во лево и се излегува до широкиот кулоар под карпите, а потоа по кулоарот нагоре до карпите. Време потребно за пристигнување е околу 1 час.

За сместување најдобро е во манастирот Св. Никола, но истотака има можност за кампинг на едно плато над карпите.

Патишка река

Patiska reka

На околу 40 километри од градот Скопје се наоѓа Патишка река. Големиот кулоар со својата специфична организација на мраз нуди одлични услови за качување насоки од различни тежини и техники на качување, а должината е над 150 метри.

Сувата карпа е со должина од околу 200 метри и нуди прекрасни услови за качување во летниот период, поради што е северно експонирана и пријатната клима, а во зимскиот период е оригинална „копија“ на тешките карпи на Алпите.

Природата го создала овој амфитеатар како терен погоден за обука на почетници. Овде може да се постават голем број вежбалишта каде ќе се вежбаат техники на качување на мраз, а истотака може да се качува во посебно сложени миксови на некои од кулоарите повисоки од 200 метри.