Викендот што претстои на 25-26 мај ќе се одржи 38мото традиционално искачување на Титов Врв во организација на Планинарскиот клуб „Љуботен“ од Тетово. По тој повод си направивме муабет со организаторите на настанот.

Може да ни кажете нешто повеќе за историјата на клубот Љуботен?

Планинарски Клуб „Љуботен“ е најстариот активен клуб во Македонија, кој постои уште од 1925-та година. 94 години постоење, традиција, вредност и начин на живот, е тоа е ПК Љуботен. Историјата на клубот може да се подели на неколку периоди. Пред воениот период 1925 – 1940, е период на првите чекори на клубот, на членовите, на тетовчани, на сите кои ја посетувале Шар Планина. Во овој период иако помеѓу две светски војни, се градат првите објекти на Шар Планина (домот на Љуботен и домот на Попова Шапка), се поставуваат основите на туризмот на Шара, поточно планинскиот туризам и се запознаваат / посетуваат сите области, места, врвови и езера на Шар Планина. Вториот период 1945 - 1975 е период на втемелување на планинарството во Тетово и период на огромен развој на градба на објекти, планинарски домови и прифатни куќи на Шара. Овој период е значаен и по тоа што во овој период членовите веќе започуваат да ги посетуваат и останатите балкански планини. Третиот период е помеѓу 1975 – 2000 година кога веќе на добри основи се развива планинарството, се работи на конкретни програми за зачленување на се повеќе млади лица, период на обуки и посети на повеќе врвови низ европа и надвор од неа. Масовноста на планинарските тури во овој период е доста карактеристична. Последниот период од 2000 година па наваму, е период кога клубот започнува нови начини на придвижување на рабоитите на Шар Планина посебно во зачувувањето на животната средина, ппланинскиот туризам, едуцирање, работење со локално население и сл. Не е лесно да се опишат 94 години во едно вакво интервју, затоа сите заинтересирани за историјата на клубот, а со тоа и на Тетово и Шар Планина ги поканувам во канцелариите на Клубот, да ги видат сите стари фотографии, документи, плакети, документи и предмети и да ја доживеат историјата и магијата на едно време.

Titov Vrv

Годинава по 38ми пат сте организатори на искачувањето на Титов врв. Која е приказната на оваа традиционалната акција, кога и како започнала и колку учесници имала?

Приказната е навистина приказна. Од самото градење на кулата на Титов Врв, 1957 година па се до крајот на осумдесетите, по повод денот на младоста, а нели и името на врвот е по тогашниот претседател на СФРЈ, Ј.Б. Тито, се организирала планинарска тура до самиот врв. но во 1980 година, кога починува претседателот Тито, стигнува тогаш наредба до сите планинарски клубови да ги стопираат сите актиности за денот на младоста. Не ете, тогашната управа на клубот, со одлука одлучува, да се оди на 25 Мај на Титов Врв, но со друга цел, како меморијално искачување на врвот. И ете, од таа година кога на врвот се иачиле 104 планинари од сите тогашни републики, се одлучува настанот да се организиа секоја година како меморијално искачување. И приказната се случува. Изминативе 37 години, по секакви временски услови, планинарите со една иста цел, се искачуваат на овој врв. Во почетокот на деведесетите, ова искачување од меморијално, станува традиционално. Се менувала патеката, се менувале условите, 4 пати до сега искачувањето поради лоши временски услови е откажано, два пати не е организирано, и максималниот број на пријавени учесници достигнува во 2012 година, а тоа е 1350 учесници на самиот врв. Вкупниот број на овие искачувања од самиот почеток изнесува 24 607 искачени планинари.

Каква е програмата на акцијата? Како може да се учествува на истата?

Програмата започнува во сабота на 25 мај со голем број на активности кои ги организиравме за учесниците, како што се еколошката акција за чистење на отпад на Попова Шапка, трибина на која што ќе разговараме повеќе за младите и планинарството, понатака е и натпреварот помеѓу планинарските клубови за нивните планинарски вештини и на крај е изложбата на фотографии на тема „Попова Шапка низ времето“.
Во недела на 26 мај е самото искачување на највисокиот врв на Шара. Акцијата започнува од 06:30 часот изутрина, и се завршува во 16:00 часот со пристигнувањето назад на Попова Шапка.
На акцијата може да учествува секој кој што ќе прати пополнет формулар за пријава на настанот.

Titov Vrv

Што ќе им препорачате на заинтересираните за оваа акција?

Би им препорачале да ги пополнат формуларите за пријава, на 25ти и 26ти мај да бидат дел од настанот, да се однесуваат согласно сите препораки и насоки за безбедно искачување и да не ја пропуштаат шансата да бидат дел од најголемиот планинарски настан во Македонија.

Колку е тешка турата, која е должината на патеката и која висинска разлика се совладува?

Искачувањето до највисокиот врв на Шар Планина спаѓа во групата на средно-тешки тури, која што се реализира по патека долга 12 километри во еден правец, а притоа се совладува висинска разлика од 1047 метри.

Titov Vrv

Колкава беше заинтересираноста за настанот изминатите години?

Заинтересираноста за учество на искачувањето, а и на настанот во целина е секоја година се поголема. Бројката на учесници во последните неколку години се движи од 800 до 1200, а учесниците доаѓаат од цела Македонија и од регионот.

Како е да се организира еден ваков настан на вториот по височина врв во Македонија, со оглед на тоа што секоја година бројот на учесници се зголемува?

Организирањето на овој настан, пред се, е навистина одговорна работа. Безбедноста на учесниците е секогаш на прво и највисоко ниво. Организацијата во најголем дел е насочена кон обезбедување на патека, формирање на тимови, пунктови и слично. Оваа година во програмата на настанот вклучивме и дополнителни активности.

Колку водичи ќе бидат ангажирани на оваа акција и кој ќе се грижи за безбедноста на учесниците?

Според официјалната програма на настанот, секој пријавен клуб во своите рамки потребно е да си обезбеди водичи. Во зависност од бројот на посетителите и официјално пријавени клубови/друштва зависи и бројот на водичите. Од друга страна пак, доколку поединци изразат желба да учествуваат на настанот, сите се должни да се пријават во некој планинарски клуб од нивниот регион. Доколку нема клубови / друштва во тој регион од каде што се јавува поединецот истиот може да се приклучи и кон планинарскиот клуб Љуботен. Самиот клуб располага со професионални водичи на планина кои се обучени по IML (International Mountain Leader) стандардот и истите ќе бидат распределни вдолж колоната заради поголема сигурност. На овогодинешното искачувања во организација на настанот ќе се приклучат и кандидатите кои се во процес на обука при Македонската Асоцијација на интернационални водичи во планина.

Titov Vrv

Доколку некој учесник има проблем каде може да се обрати?

Пред платото на хотел Попова Шапка, местото од каде што групата започнува да се движи кон врвот, ќе биде поставен главниот инфо штанд за настанот. Вдолж патеката ќе бидат поставени четири пункта. На првиот пункт ќе биде медицинското лице и теренски возила, на вториот пункт ќе бидат претставниците од Македонско Еколошко Друштво, на третиот пункт ќе бидат лицата кои ќе го обезбедуваат снежниот дел од патеката и на последниот се лицата кои ќе ги насочуваат планинарите кон врвот.

Дали има временски лимит за искачување на Титов врв и до колку часот учесниците би требало да се враќаат назад?

Акцијата официјално започнува во 06:30 часот на 26ти мај од пред платото на хотел Попова Шапка и искачувањето до врвот трае приближно 4 часа, со очекувано пристигнување на Титов Врв во 11:00 часот. Во 12:00 часот акцијата завршува и започнува симнувањето кон Попова Шапка. Очекуваното пристигнување на Попова Шапка е во 16:00 часот.

Разговорот е направен со Јован Божиновски - претседател на ПК „Љуботен“ - Тетово

Titov Vrv

Titov Vrv

Titov Vrv

Titov Vrv

Titov Vrv

Titov Vrv

Titov Vrv

Titov Vrv

Titov Vrv

Titov Vrv

Titov Vrv

Titov Vrv

Titov Vrv

Titov Vrv

Не е дозволено превземање, менување, дистрибуција на секаква содржина од порталот Tourguide.mk без претходно писмено одобрување од сопственикот.