Група од 60 туристи била присилена да повика спасителна служба откако водичот ги оставил на падините на австриските планини. Водичот тргнал со нив во алкохолизирана состојба, а потоа изненадно исчезнал, оставајќи ги туристите сами да се снаоѓаат.

Се работи за група од унгарски туристи кои останале на пола пат во походот на планината Ракс, која се наоѓа во Долна Австрија.

Групата планирала да се искачи до едно плато на планината, а самиот поход требало да трае неколку часа, но тогаш еден од туристите повикал спасителна служба, каде соопштил дека се загубени, а водичот нигде го немало.

Со оглед на тоа дека се спремало невреме, туристите незнаеле ни каде се, ниту на каде да тргнат. Австриската спасителна служба веднаш реагирала и успеала да ги лоцира.

Интересно е дека попатно, кога дошла спасителната служба, наишле на „исчезнатиот“ водич, кој наводно сам се искачил до планираната цел, а потоа и се симнал.

Ракс е планински венец кој се наоѓа на самата граница меѓу австриските сојузни провинции Долна Австрија и Штајерска. Највисок врв е Хеукупе, кој е висок 2007 метри. Ракс, заедно со соседните планински подрачја, претставува популарно место за туристи и планинари, но и авантуристи.

Ова подрачје е исклучително популарно за излетници од Долна Австрија, но доаѓаат и голем број туристи од австриската престолнина, Виена.

Најпопуларно е платото, кое било цел на унгарските туристи. Овој крај има долга туристичка историја, па така во служба се и павиљоните изградени уште во 19 век, кои претставуваат вистинска атракција.

Иако унгарските туристи се безбедно вратени, сеуште не се знае што се случи со водичот, дали е санкциониран на било кој начин.