Британскиот планинар Џејми Ендру (47) стана првиот човек, кој претрпил ампутација на сите екстемитети, и го освоил врвот Матерхорн.

Тој ги изгубил нозете и рацете од смрзнатини, пет дена бил заробен во снежна бура која го затекнала на планинарење во Франција во 1999 година, а во таа несреќа неговиот партнер во планинарење го изгубил животот.

Оттогаш повторно научил да оди и скија, да трча маратон, триатлон, а се вратил и на планинарењето.

Пет години чекал за минатиот четврток со двајца пријатели и водичи од Меѓународната школа за планинарење, Стив Џонс и Стив Монс да го освојат 4478-метарскиот врв на границата меѓу Швајцарија и Италија, Матерхорн.

„Мислев дека никогаш нема да можам тоа да го сторам, но тренирав напорно, работев сам на развивање нови техники на качување без раце и нозе и трпеливо чекав да се исполнат сите услови за да го сторам тоа“, рече Ендру.

Тој има специјални протези на рацете и нозете и специјално дизајнирани стапови, со што можел да помине поголем дел од патот. За искачување и враќање долу му биле потребни околу 13 часа.