Западната македонска трансверзала долга 225 километри од Љуботен до Охрид оваа година ја завршија 8 планинари. Годинава во сопствена организација се впушија вдолж Шар Планина, Бистра, Стогово и Караорман. ЗМТ претставува најдолга планинарска патека во Македонија, а важи и за една од потешките планинарски патеки од овој тип во Европа.

ZMT 2019

Трансверзалата минува низ области на недопрена и ретко посетена природа и разноликост на растителниот и животинскиот свет. Извори со вода нема во изобилие, учесниците покрај целосната камп опрема и храна, потребно е да носат и многу вода.

ZMT 2019

Од учесниците на ЗМТ се бара одлично здравје и одлична физичка и психичка подготвеност, а оваа година меѓу нив беа Зоран Тодоровски, Марио Шаревски, Дениз Мехмед, Војкан Неделковски, Крумислав Јововски, Кирчо Топуков, Бобан Китановски и Дарио Кортезе од Словенија. Единствена жена учесник беше Силвија Спасовска која вториот ден се откажа.

ZMT 2019

Почетокот на трансверзалата беше на 5 јули од Старе Село со искачување кон врвот Љуботен, каде беше поставен и првиот камп на седлото под врвот.

Планинарите дневно во просек се движеа 8 до 9 часа, освен вториот ден 12 и пол - 13 часа по исклучително тежок терен на Шара наречен „Езерско“. Спремноста и брзината на екипата, покрај предвидената рута на трансверзалата, доведе до тоа тие да искачат и други попатни врвови.

ZMT 2019

Искачени беа врвовите Љуботен, Пирибег, Црни Камен, Гужбаба, Коњушка, Пескови, Бистрички врв, Скарпа, Караникола, Маја, Скакало, Залина, Клеч, Расенгул, Лера, Меденица, Бабин Срт и други безимени! Покрај врвовите тие поминаа и покрај глацијалните езера на Шара - Горно и Долно Доброшко Езеро, Караниколичко, Скакаличко и Горно и Долно Дефско езеро.

ZMT 2019

Целата трансверзала беше помината за 9 дена, а камповите беа поставувани на седлото под Љуботен (прва вечер), Бистрички бачила (близу врвот Кобилица) (втора вечер), Караниколичко Езеро (трета вечер), Извори на река Пена (четврта вечер), под врвот Лера (петта вечер), село Галичник (шеста вечер), село Лазарополе (седма вечер) и последната вечер под врвот Бабин Срт.

ZMT 2019

Финишот на трансверзалата беше во охридското село Црвена Вода, од каде планинарите беа превезени со комбе до Охрид. Долж целата трансверзала поголемиот дел на движење, односно првиот дел, беше на околу 2000-2200 метри надморска висина, а целата денивелација изнесува 9800 D+.

ZMT 2019

Ова 9 дневно патешествие планинарите го поминаа во услови на променливо време, првите денови ги следеше сончево време, а потоа по влажно време се движеа по планинските сртови далеку од цивилизација.

ZMT 2019