Планинарењето опфаќа широка лепеза на активности и спортови. Во денешно време со планинарење се занимаваат се повеќе луѓе, бидејќи е во прашање една од најздравите активности која се одвива во природа и која има благотворно дејство на физичкото и психичкото здравје на планинарот.

Во рамките на планинарството се развиле многубројни активности.

  • Излетништво
  • Традиционално планинарење (трансверзали)
  • Спелеологија
  • Планински велосипедизам
  • Параглајдинг
  • Високогорство
  • Алпинизам
  • Кањонинг
  • Планинско спасување

Според меѓународните маси од планинарството се развиле три спорта:

  • Алпинизам
  • Ориентационо трчање
  • Спортско качување

Излетништво

Тоа подразбира умерена прошетка на лесно достапни делови во природен амбиент. Истотака претставува и добра основа за занимавање со други, потешки варијанти на планинарски активности. Излетништвото е синоним за престој во природа.

Традиционално планинарење

Hiking

Претставува качување на планински врвови до 2000 метри, по едноставни патеки кои лесно се совладуваат. При овој вид на планинарење не постои опасност по животот на планинарите, доколку при качувањето планинарот се придржува кон минимални правила на планинарството.

Спелеологија

Speleo

Ова е сложена активност во која главна цел е истражување пештери, јами и други подземни карстни феномени. Сложеноста на пештерите и јамите подразбира посебни техники и вештини на движење, така што спелеологијата може да се смета некој вид на подземен алпинизам. Поради тоа спелеологијата се повеќе се смета за спортска активност. Активноста на спелеологот спаѓа во доменот на науката бидејќи целта на спелеолошките акции е истражување. Затоа спелеологијата се смета за интердисциплинарна наука која комбинира познавања од хемија, биологија, геологија, метеорологија, картографија и друго.

Планински велосипедизам

Biking

Оваа активност е од редот на екстремни спортови. Тоа е спорт во кој со велосипед се вози по т.н. „офроуд“, односно патеки кои поминуваат низ шуми, брда, планини, колски патишта, паркови, полјани. Самиот спорт побарува посебна опрема и велосипед, како и одредени вештини, техники и добро знаење да се вози по тешки терени. Велосипедизмот е спорт кој, како и пливањето, ангажира најголем број мускули и мускулни групи на телото.

Параглајдинг

Paragliding

Оваа активност се смета за екстремна и претставува комбинација на планински и воздухопловен спорт. Овој спорт интензивно се развива последните 20-тина години. Побарува посебна опрема како и обука за управување со крилото за летање. Параглајдерот е наполнет со воздух со кој се полетува со затрчување и истотака се слетува. Посебно атрактивно во овој спорт е летањето од планински врвови, кое побарува искачување на планината со тешка опрема и спуштање со параглајдер надолу.

Ориентационо трчање

Orienteering

Ова е спорт во природа кој се состои во тоа натпреварувачот за што пократко време, со помош на карта и компас, да пронајде повеќе контролни точки и тоа по тој редолсед како што е означено на картата. Овој спорт може да се практикува рекреативно и натпреварувачки. Кандидат е за добивање на статус како олимписки спорт.

Алпинизам

Alpinism

Алпинизмот претставува најголем степен на достигнување во планинарството, кој подразбира искачување на сува или заледена карпа со употреба на додатна опрема. Целта во алпинизмот не е перманентно да се качи врвот, како во високогроството, туку качување по тешки, далеку поопасни патеки. Занимавањето со алпинизам побарува постојана одлична физичка кондиција, психичка стабилност, големо искуство, како и познвање на различни техники на качување.
Алпинистот се обучува и оспособува во планината да престојува, без обзир на локацијата, на најнепристапни терени, во било кој дел од светот, во секое годишно време и во најсурови временски услови. Алпиниситичките насоки се вреднуваат според тежински критериуми кои се установени од Меѓународната алпинистичка асоцијација (UIAA), а по ранг ги има во 12 категории.

Спортско качување

Climbing

Овој спорт произлегол од алпинизмот. Во настанувањето на овој атрактивен спорт му претходеше периодот во кој најдобрите алпинисити ширум светот качувале многу тешки детали на некоја позната или помалку позната карпа (насока).
Во слободното качување исклучително се користат рацете и нозете, додека опремата (јаже, клинови, карабинери, френдови, и останата опрема) се користи само за осигурување ако дојде до пад.
Природниот амбиент (карпата) е заменет со качување на вештачка подлога и е добиен потполно натпреварувачки карактер со строги правила подеднакви за сите учесници. Воедно заменет е и смисолот на качување. Целта на сите качувачи кои се натпреваруваат стана сосема поинаков и наместо освојување врвови на некој планински масив или тешки природни карпи сега се качуваат исклучително тешки детали (тавани, превиси, мазни плочи со многу ситни фаќалишта) на вештачки карпи ширум светот.

Кањонинг

Canyoning

Овој спорт претставува спуштање низ речни клисури. За разлика од другите спортови како што се рафтинг, кајак и хидроспид, кањонингот се изведува пеш, без употреба на кануа или гумени чамци.
Патеките се поделени во две категории - водени и суви, и делумно се одредува видот на опрема која се користи. Во секој случај секогаш се спуштате низ река/кањон користејќи јаже, каде е можно и скокање и нуркање.
Креаторите на оваа активност биле спелеолози, први истражувачи на планините и пештерите. Опкружувањето во кое се извршува оваа активност само по себе не е гостољубиво. Тоа е така бидејќи реките течат низ тесни клисури длабоко исечени со карпи, со јаки вертикални водопади, со кое се спречува повлекување назад и излез од кањонот во било кое време. Овој спорт задолжително е да се изведува во група, која обично вклучува од 4 до 6 лица.

Планинско спасување

Rescue

Оваа активност се развива од фактот дека во екстремни услови на планина се случуваат несреќи и потребата да се помогне. Целта е спасување на луѓе во неволја кои се наоѓаат на непристапни планински терени и услови. Секоја држава и локална заедница која има развиена планинска активност, го развива и планинското спасување како битен елемент за евалуација на планинскиот потенцијал, и организира Планинска служба за спасување. Службите за спасување најпрво се формирани во алпските земји, а подоцна по нивен модел и во останатите земји. Планинарските спасувачи спаѓаат во најспремните и најискусните планинари, алпинисти, високогорци, спелеолози и скијачи кои поминуваат низ посебна обука која им овозможува успешно спасување и пружање на прва медицинска помош на непристапни терени и услови. Планинарските спасувачи добиваат сертификат како потврда за обученоста за пружање на комплицирани услуги на спасување.