Непалецот Мин Бахадур Шерчан кој пред неколку години влезе во Гинисовата книга на рекорди како најстар маж кој го искачил Монт Еверест, сега има 85 години и сака повторно да влезе во тој поход за да си ја поврати титулата.

Шерчан рече дека на пролет повторно тргнува во освојување на највисокиот врв на светот.

Sercan

„Мојата цел е повторно да го соборам рекордот. Не сакам да се натпреварувам со било кого, туку да го соборам сопствениот рекорд“, рече стариот Непалец.

Шерчан во 2008 година на 76 години влезе во Гинисовата книга на рекорди, но во 2013 година неговиот рекорд го сруши Јапонецот Јучиро Миура кој тогаш имал 80 години.

Непалецот од тогаш сака повторно да се качи на 8848 метри високиот Монт Еверест.

Шерчан тргна во овој подвиг во 2015 година, но тогаш Непал беше погоден од разорен земјотрес и базите за алпинистите на Монт Еверест беа затворени.

Прв пат од кога Едмонд Хилари и Тензинг Норгај во 1953 година го искачија кровот на светот, на Монт Еверест досега се искачиле околу 4000 алпинисти.