Зошто ме повикуваат планините и зошто воопшто морам да одам?

Додека едни мислат дека со планинарењето бегам од своето секојдневие и проблемите, други пак се сигурни дека своите проблеми успевам да ги решам по планинските врвови. А тука се и оние третите, за кои ова што го правам е тотално несфатливо и сулудо, па ја извадија онаа веќе добро позната „народна изрека“: „не си нормален.“

Епа не е ни едно, ни друго. А што се однесува на овие третите... можеби би можел да се сложам со нивниот „длабокоумен“ заклучок.

Прво, од секојдневието неможам да побегнам (не дека не сум пробал). Никој од нас не може. Во суштина, ние пробуваме да побегнеме од тежината на секојдневието, или пак да ја ублажиме, да си олесниме себеси некако. Секојдневието и неговата тежина се присутни секаде, и на врвот и на дното, над и под нас. Факт.

Второ, своите проблеми не ги решавам со планинарење или качување. Ако искачам некој врв тоа не значи дека моите сметки за струја се автоматски платени и дека времето ќе биде вратено за да можам да ги исправам грешните одлуки или дека ќе ми се врати некоја драга личност која го напуштила овој свет, ниту некои животни трауми ќе бидат заборавени засекогаш. Не, ништо од тоа нема да постигнеш со качувањето на планини и карпи.

Меѓутоа, кога ќе тргнам во прегратките на дивината, верувајте дека ниеден од горенаведените проблеми не ги оставам на „прагот“. Сите нив, заедно со тежината на секојдневието ги пакувам во мојот ранец. Сите тие одат со мене по стрмнините. Не занемарувам ниту еден. Покрај тоа што ми се психички товар, тогаш на своите проблеми им дозволувам и физички да ме оптоварат. Признавам, секогаш бил најтежок оној товар на градите, на душата. Таа другата тежина, тежината на моите раменици, грб, нозе, секогаш успевам да ја занемарам.

Сега се поставува прашањето зошто воопшто се одлучувам да бидам некој вид на мазохиста, па покрај некој душевен товар си нафрлувам себеси и додатен физички товар, болка? Епа тоа отприлика вака ќе ви го опишам: додека така со себе „го влечам“ сиот мој живот, со пар енергетски барови, дланка кикиритки и неколку литри вода на грбот и безброј животни „тешкотии и леснотии“ на градите, во тој момент ја чувствувам снагата на планината и нејзината волја и настојување повторно да ми објасни што всушност значи животот. Секогаш ќе уживам во менталната игра помеѓу планините, сите оние оптоварувања и мене, кој е појак, попаметен и поголем. Врвот секогаш ќе одлучи. Кога ќе се качите на врв, станувате сведок на конфликтите на една крајност со друга. Врвот за мене секогаш претставува сцена каде тенките линии не се помеѓу ризикот и сигурноста, издржливоста и колапсот, медитативната и адреналинската состојба.

Од силните сценарија кои ќе ти бидат понудени горе, секогаш ќе се одлучам да го гледам оној т.н. „бездимензионален феномен“. А тој феномен изгледа вака: накратко го отпакувам сиот товар од својот грб, но и оној од душата и потоа набљудувам. Набљудувам како тие проблеми, кои се назад неколку часа и надморски метри ја имаат својата застрашувачка димензија, одеднаш стануваат толку уплашени и мали, помали од овие кикиритки кои ги јадев додека го впивав секој детал од претставата. Тоа е она непишано правило на планината, каде животните тешкотии и проблеми губат на својата димензија, каде паѓаат лажните маски и слоеви и на крајот дивината ти ја сервира суштината. Онаа чиста суштина на проблеми за чие решавање си сега поспособен да направиш идеален план и начин.

Уште за момент останувам да уживам во звукот на тишината и близинатан на далечината, додека оние тешки животни нијанси почнуваат да бледеат пред снагата на планината и во крајна линија капитулираат. Ги враќам кикиритките со остатокот од својот живот во својот ранец и продолжувам понатаму да лизгам помеѓу паралелата на животот и убавината на планината, паралели кои секогаш ме фасцинирале.

Како одговор на повикот на планините запознавам места на кои не наоѓам ништо што не ми е пријател.