Сигурно на телевизија сте начекале да ги видите оние „фрикови“ кои висат на карпи држејќи се на малото прсте... „wow кои лудаци“ е првата мисла која ви се врти низ глава, а можеби и сте посакале да бидете во нивна кожа.

А што ќе биде ако ви кажат дека тоа не е невозможно, дека и вие така може да висите на карпа, добро, можеби не на малото прсте.

Спортското качување, како што и самото име кажува, е спорт. Оние „фрикови“ на почетокот се само спортисти кои поминале часови и часови тренирајќи и увежбувајќи ги своите качувачки способности и вештини.

Climbing

Како што со секој спорт може да се занимавате рекреативно, така може да се занимавате рекреативно и со качување. Со други зборови на пример кога ќе почнете во теретана, на почеток вежбите ги изведувате со помал интензитет, помало оптеретување и тежина, исто и кога ќе дојдете во качувачка сала почнувате со полесни насоки, помали висини и лесно темпо кои нема да ви направат преголем психо-физички стрес, туку ќе ви овозможи постепен физички и ментален развој на вашите качувачки способности, бидејќи, на крајот, качувањето е спорт како и секој друг, и за да напредувате мора едноставно да тренирате.

Најголема загриженост и невреување на луѓето кога качувањето е во прашање, произлегува од падовите. Колку и да се падовите составен дел од овој спорт, тие завршуваат без последици бидејќи се користи сигурносна опрема (јаже, појас, карабинери) кои се направени за таа намена и атестирани по меѓународни стандарди. Секако при тоа е многу важно учесниците да знаат да ракуваат со опремата на правилен начин. На крајот сите тие падови влијаат на изградбата на карактерот и она што е важно после секој пад да станеме и пробаме повторно.

Climbing

Зошто спортско качување?

Спортското качување е ациклична активност која изобилува со технички елементи и поволно влијае на развојот на моторните способности. Качувањето вклучува работа со сите мускулни групи така што со усвојување на техничките елементи, нивниот развој е еден од најважните цели на тренингот.

Climbing

Качувањето освен што поволно влијае на јакнењето на мускулите и тетивите, исклучително го развива и чувството за рамнотежа, агилност и координираност на целото тело.

Со оглед на тоа дека се работи за ациклична активност, во текот на качувањето практично нема идентични движења со што самиот тренинг го прави поинтересен. Секое ново движење претставува нов проблем кој треба да се совлада така што речиси и нема монотоност.

Како да се почне?

Денес со отворањето на качувачки сали кои овозможуваат занимавање со овој спорт во текот на целата година и во контролирани услови, спортското качување станува се попопуларен спорт и се повеќе „обични“ луѓе почнуваат рекреативно да се занимаваат со овој спорт.

Climbing

Најважно е веднаш на почетокот да научите правилно да ја користите качувачката опрема, а тоа најлесно ќе го направите ако се запишете во некој од качувачките клубови со лиценцирани инструктори.

Во Македонија постојат неколку алпинистички и спортско качувачки клубови: АК Матка, АК Плоча, АК Скала, АК Шри Чинмој, АК Астрајон, АК Патагонија, АК 8, СКК Екстрем.