Врвот Аконкагва со своите 6963 метри надморска висина се наоѓа на планинскиот масив Анди во Аргентина (Јужна Америка) и претставува и највисок врв на западната и јужната земјина хемисфера. Брзинското искачување на Аконкагва 6963 мнв ќе значи продолжување на трендот на успеси, а преку овој проект ФПСМ и Република Македонија ќе имаат можност за постигнување на врвен резултат на една исклучителна планина кои се ретки во светски рамки.

Нашиот планински тркач Александар Кирковски, кој го знаеме по постигнатите брзински македонски рекорди на познатите европски врвови, Елбрус 5642 м. (5ч.35м.) во рамки на „RedFox Elbrus Race 2017“, второ искачување на врвот Елбрус во 2018 година со подобрено време од 5ч.18м., искачување и спуштање на Мон Блан 4810 м. - француска страна (6ч.26м.), Ортлер 3905 м. (3ч.11м.), Мон Блан 4810 м. - италијанска страна (9ч.58м.), Матерхорн 4478 м. (7ч.01м.) и Гран Парадизо 4167 м. (4ч.43м.) овој пат ќе се обиде да го искачи и спушти највисокиот врв во Јужна Америка, Аконкагва 6963 м. за време кое тој го проценува е под 12 часа. Овој подвиг е планиран да се реализира во јануари 2019 година.

Тимот кој е предвиден е составен од 3 члена, Александар Кирковски, Петар Ивановски и Димитар Тодоровски, сите членови на планинарскиот клуб Македон од Скопје.

Во прилог следи промотивно видео во кое Александар и неговиот тим Ве повикуваат за помош и поддршка на овој подвиг.

Се обраќаме до сите Вас, пријатели и поддржувачи на спортот, за финансиска помош во рамки на можностите и соработка во реализација на проектот „Аконкагва - Брзинско искачување 2019“. Ова воедно ќе претставува одлична можност за Ваша презентација, а ваше обележје ќе биде истакнато на сите наведени врвови и промотивни материјали од овој потфат.

Повеќе информации на следниот линк.