Вчера објавивме дека шпанскиот планински тркач Килиан Жорнет постави нов брзински рекорд на Еверест. Не постои сомнеж дека 26 часа искачување за Килиан се импресивен подвиг. Особено кога ќе се земе во предвид дека имал проблеми со стомакот на околу 7700 метри, но во секој случај продолжил и дал се од себе.

При неговото симнување Килиан сеуште страдал од болки во желудникот, па наместо да се врати до Базниот камп, тој застанал во Горниот базен камп заслужено да се одмори.

Веројатно е дека Килиан веќе размислува за уште еден обид да истрча до врвот за да го подобри своето време. Но, не размислува за враќање на есен или идната пролет во 2018 година, туку ќе се обиде повторно сега, ако се отвори прозорец на добра временска прогноза, да направи уште еден обид на брзински рекорд во следните неколку дена. Ако се случи тоа, ќе биде уште повпечатливо од неговото прво искачување.

Пред да го направи тоа, прво треба да се одмори и да се избори со гастро проблемите кои го зафатија. Секако нема да биде во можност да оди денес или наредните денови, поради силните ветришта, а најдобро ќе биде да причека теренот да се исчисти од други качувачи.

Петок или сабота е совршено време за уште еден обид, под услов тој да се чувствува добро до тогаш. Дали ќе се случи тоа останува само да причекаме.