Викендот што измина најдобрата македонска скајранинг екипа настапи на бруталната и пеколна трка на Олимп во Грција - Olympus Marathon 44km 3200D+ од светската скајранинг серија.

Рамо до рамо со светската елита нашите тркачи остварија одлични резултати Александар Стојкоски (5:20ч), Дејан Тодевски (5:34ч), Александар Кирковски (5:44ч), Марјан Бонев (5:56ч), Никола Илиевски и Димитар Тодоровски (6:15ч) и Александар Еленин (6:52ч).

Olympus Marathon

Од светските тркачи во машка категорија прв на финишот стигна шпанецот Оулкис Заид Аит Малек (4:31ч), второпласиран бугаринот Кирил Николов - Дизела (4:33ч) и трет шпанецот Пере Аурел (4:34ч).

Во женска категорија прва на целта беше италијанката Елиса Деско (5:14ч), второпласирана холанѓанката Рагна Дебатц (5:15ч) и на третата позиција французинката Енлис Росет Сегурет (5:20ч).

Olympus Marathon

Olympus Marathon е меѓународна планинска трка на планината Олимп или позната како „Планина на боговите“. Спортистите достигнуваат до 2800 метри надморска висина, почнувајќи од речиси нула надморска височина (3м.) од гратчето Дион, веднаш под „престолот на Зевс“ до еден од највисоките и најстрмните врвови на планината со прекрасна глетка.

Olympus Marathon

Трката, која во должина е околу 44 километри завршува во градот Литохоро, сместен на 300 метри надморска височина. Патеката поминува покрај источната страна на планината и погледот кој спортистите го уживаат на највисоките делови е навистина неверојатен.