Вчера на падините на Водно се одржа второто издание на „Водно-Матка Треил Маратон“ во организација на Trex на кој учество земаа голем број планински тркачи од повеќе земји.

Трките беа поделени на два дела, маратонска трка од 42,2 километри со висинска разлика од 3100m D+ и полумаратонска трка од 26 километри со висинска разлика 1650m D+.

На маратонската трка стартуваа 108 учесници, а финишираа 102. Најбрз во оваа трка беше Александар Стојкоски од Прилеп кој ја истрча патеката за 4 часа и 42 минути, втор заврши Аслан Елези од Косово со време 5 часа и 19 минути, а трет Виган Хоџа од Косово со време 6 часа и 14 минути, додека во женска конкуренција на финиш прва стигна Сања Најдовски со време 6 часа и 42 минути, втора бугарката Теодора Захариева со време 6 часа и 51 минута, а трета Катерина Шиповиќ со време 7 часа и 27 минути.

Полумаратонската трка ја стартуваа 268 учесници, а завршија 261. Марјан Бонев најбрзо ја помина оваа патека за 2 часа и 29 минути, втор заврши Никола Илиевски со време 2 часа и 37 минути, додека трет беше бугаринот Љубомир Тодоров со време 2 часа и 40 минути, кај жените најбрза беше србинката Марија Ѓорѓевиќ со време 3 часа и 28 минути, втора Бат-Шеба Ван Дер Берг од Холандија со време 3 часа и 31 минута и трета Ивана Пекевска со време 3 часа и 37 минути.