На Твитер профилот на фудбалскиот клуб Каменица Саса денес прокружи видео во кое се најавува изградба на нов скијачки центар на Осоговски планини - ски-центар „Царев врв“.

Изработена е физибилити студија за изградба на ски-центарот со средства обезбедени од Европската унија, a целиот проект е реализиран преку ИПА Програмата за прекугранична соработка во партнерство со општина Белица, Бугарија.

Физибилити студијата предвидува изградба на ултра модерен ски центар во подножјето на Осоговските планини, кој ќе содржи речиси 60 км ски патеки, поставување на девет жичари и 3 ски лифта, капацитети за сместување за околу 9000 гости.

Временскиот рок за реализација на овој проект кој ќе се одвива во неколку фази е 10-12 години, а ќе обезбеди околу 800 директни вработувања и околу 1000 индиректни.