Да поминеш 11.000 километри со школски автобус? Можеби ви звучи чудно, но да знаете дека нема невозможни нешта во душата на еден патник.

Така една двојка од Велика Британија, но израснати во Нов Зеланд, решаваат да возат низ Европа со целосно обновен училишен автобус. При обновувањето на „Моби“, како што тие го нарекуваат својот дом на тркала, 24-годишните Лили и Рајан се придржуваат до хипи стилот од 70-тите.

„Се чувствувам најсреќна кога патувам и откривам нови места. Не се придржувам кон рутината и затоа се трудам мојот живот да биде таков, што ниту еден ден нема да е ист како претходниот“ - вели Лили.

Според неа најудобното во домот на тркала е што каде и да си, што и да правиш, на крајот од денот спиеш во своето легло. Досега младата патувачка двојка била во 36 држави и целта на секоја работа со која се зафаќаат е да соберат финансии за уште едно патување. Како единствен минус на долгите патувања двојката гледа во целосната оддалеченост од семејството.

За да создадат удобност во својот дом на тркала, Лили и Рајан тргнале 14 од вкупно 17-те седишта од училишниот автобус, го средиле и започнале со својата 170-дневна авантура. Се разбира, двајцата признаваат дека да живееш со некого во толку мал простор понекогаш е тешко, но дефинитивно вреди, штом е во името на патувањето.