Четворица ентузијасти на две тркала ќе го прослават христијанскиот празник Велигден и ќе поминат преку 400 километри низ убавините на Македонија. Од утре до понеделник, преспивајќи четири ноќи кај нивни пријатели од внатрешноста, Војислав Гушевски, Горан Величковиќ и Гоце Глигуровски со велосипеди ќе тргнат од Скопје, ќе поминат низ Велес, Битола, Охрид и преку Дебар, Маврово и Гостивар повторно се враќаат во Скопје.

TuraОваа тура ја организираат втора година по ред, вели Војислав кој е професор по германски јазик и член на планинарското друштво „Трансверзалец“. Дружбата низ прекрасните предели на Македонија, како што кажува, ја прави турата забавна посебно во пролетта кога целосно можат да се доживеат убавините на Галичник, течението на реката Радика, како и воздушната бања кај Прилеп. Иако звучи како идила, турата е предизвик за секој велосипедист.

- Не само што е потребна солидна физичка подговтвеност за угорниците кај Бистра и Маврово, туку велосипедистот мора да биде подготвен за секои прилики, а тоа значи дополнителен багаж и опрема како шатор, резервни гуми, пумпа, вреќи за спиење, мала кујна, облека и други потребни работи кои додаваат тежина при возењето - вели Војислав.

Целата опрема е сместена во бисаги кои се прикачуваат на велосипедот, а во нив посебно место има плинското, бидејќи, како што раскажуваат, прекрасно е да се разбудиш во планина и да го направиш првото утринско кафе.

Велосипедистите, освен во јужните и источните делови на земјава, организирале тури низ Хамбург, Словенија, Босна и Херцеговина и Грција, а оваа пролетна дружба, велат, е само почеток на авантурите кои ги планираат годинава.

Превземено од Нова Македонија