Велат дека најдобрите ментори учат без зборови, тогаш од планините подобар ментор нема во што сум се уверил и самиот себеси. Ова се некои од најбитните лекции од тој „тивок“ ментор:

1. План - импровизација и планирање во движење веројатно секогаш ќе ми бидат дел од карактерот, но тоа често скапо ме чинело. Повеќе пати поради тоа сум страдал, упаѓал во проблем и заборавал на битните работи. Кога при поаѓање во планина заборавите на нешто што е битно, тогаш тоа добро ви се наплаќа, затоа сега секогаш добро и детално го планирам секој ден и секое патување. Не џабе е и онаа реченица дека секој добар план е 50% завршена работа.

2. Трпение - „Има ли уште многу?“ - е прашањето кое често сум си го поставувал себеси кога ќе се уморам, често застанувајќи со погледот вперен кон највисокиот гребен кој го гледам, надевајќи се дека тоа е врвот. Речиси исто толку пати сум завршувал разочаран гледајќи дека не сум ни близу врвот, а и понатаму сум губел време гледајќи горе. Трпението ќе ви го направи патот полесен, а позитивната мисла дека што повеќе одите, сте се поблиску до целта.

3. Упорност - како и во се во животот, до врвот стигнуваат само најупорните. Некогаш за истиот пат се потребни 3-4 часа, некогаш саат или два, но сигурно е дека ќе стигнеме ако продолжиме или нема ако се откажеме. Толку е едноставно. Кога ќе го искачиме врвот, секој умор исчезнува и се забораваат сите тегоби. Ако пред „освојувањето“ на врвот се откажеме и тргнеме назад, тој умор и тегоби не дека нема да престанат, туку ќе му се придружиме и на разочарувањето и неуспехот.

4. Кратенки - едно од мудрите планинарски изреки кој сум ги слушнал се „кратенката крати, но околу е побрзо“. Кратенките секогаш делуваат примамливо, но во суштина има многу малку кратенки кои ќе ни помогнат, а воедно е и тешко да ги препознаеме. Најчесто со кратенките заглавуваме и губиме многу повеќе енергија и време да се извлечеме, отколку што ќе изгубиме ако тргнеме по вистинскиот пат.

5. Замор - секако дека уморот постои, но всушност сме многу повеќе физички спремни да го поднесеме, отколку психички. Секогаш многу повеќе ќе не умори губењето верба во себе и мислата „јас ова не го можам“, и секогаш се откажуваме поради тие исти мисли, а не поради неможноста да продолжиме понатаму.

6. ЈАС сум најјак - преценувањето на себе е идеален начин на планина човек да се повреди или (не дај Боже) настрада. Тоа е класично непочитување на природата, кога ќе помислиме дека сме над се, многу брзо на најтешкиот можен начин се уверуваме дека не сме.

7. Паника - кога нешто ќе тргне „наопаку“, а знае да тргне многу често, најбитна работа е да се остане присебен бидејќи е апсолутно неопходно во тој момент со ладна глава да се размисли и да се донесат вистински одлуки. Со паника се туркаме себеси се подлабоко во проблеми.

8. ТВ емисии - во ТВ емисиите како што се на Discovery, National Geographic и слични, секогаш се изгледа толку фино, лесно, возбудливо и интересно. Но во реалноста всушност е многу поинаку.

9. Опкружување - секогаш околу нас се наоѓаат куп работи кои може да ни помогнат и кои можеме да ги искористиме. Мораме да научиме кои се тие работи и како да ги искористиме во вистински момент и на вистински начин.

10. Уживање во моментот - денес станавме премногу оптеретени со социјалните мрежи, фотографиите на другите и другите луѓе воопшто. Најубавите моменти на терен, прво никогаш не ги сликам, едноставно застанувам и уживам во нив, бидејќи никогаш не траат долго.