Движењето во планина знае да биде вистинско уживање, но промената на метео условите за кратко време уживањето можат да го претворат во кошмар. Во зимскиот период маглата и снегот во комбинација можат многу лесно да Ве дезориентираат. Врнежите од снег, но и силниот ветер за кусо време можат да ги затскриат патеките и трагите од Вашето претходно движење. Добрата подготовка пред тргнување и претходна обука за ориентација (користење на топографски карти и компас) можат многу да го олеснат движењето и во сложени метео услови.

Пред тргнување, бидете сигурни дека сите во групата имаат карта и добар опис на маршрутата. Ако користите GPS, внесете повеќе контролни точки (waypoints). Многу планинари и алпинисти користат алтиметар за мерење на надморската височина, и така ја одредуваат својата местоположба.

Проучете ја картата и претходно запишете ги азимутите по кои ќе се движите. Немојте по секоја цена да следите туѓи траги, можеби оние кои ги направиле не знаеле каде се движат. Планирајте безбедна маршрута, избегнувајте заснежени реки и езерца, снежни мостови, скриени дупки покрај трупци и камења, дупки во снегот околу дрвјата, одрони на камења и сипари (каменопади), како и лавински места.

Некогаш ќе треба и да ја измените Вашата маршрута. Пред да го превземете тој чекор добро обмислете го со помош на средствата за навигација.

Од време на време разгледувајте го теренот околу Вас и барајте маркантни форми на теренот. Тие можат да Ви бидат добар репер доколку се намали видливоста, а и на карта лесно ќе ги препознаете.

Обидете се да процените колкава дистанца изминувате за одреден временски период.

Доколку на теренот има видлива маркација, не отстапувајте од неа дури и во добри метео услови!

Доколку залутате:

  • Запрете и размислете каде и кога сте залутале. Проценете дали можете да се вратите на последната позната позиција.
  • Останете присебни!
  • Проверете ја картата и компасот (и GPS-от, доколку го поседувате).
  • Доколку имате висиномер на часовникот, проверете на картата дали истиот може да Ве наведе кон познат терен.
  • Логорувањето и чекањето на подобри услови најчесто е најдобра комбинација за излез од споменатата ситуација!
  • Никогаш не се потпирајте на претходно познавање на теренот доколку се најдете во услови на минимална видливост!
  • Останете заедно!

Од непроценливо значење е да ја почитувате планината, добро да ги знаете ризиците што таа ги носи и секогаш да бидете информирани какво време Ве очекува. Затоа секогаш безбедноста нека Ви биде на прво место. Планината секогаш ќе биде на истото место.

Текст: Никола Андоновски - МЕТЕОПРО